Вести

24 вести и ТВ 21 бараат национални концесии

Се отвора можноста телевизиите 24 вести и ТВ 21 да влезат во друштвото на големата петорка – Телма, Канал 5, Сител, Алфа и Алсат, кои имаат дозвола за телевизиско емитување преку таканаречен „дигитален терестријален мултиплекс“.

Агенцијата за медиуми распишала оглас за изработка на студија која би утврдила дали е оправдано да се распишува јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку терестријален предавател.

Студијата, за која АВМУ според огласот ќе плати 5 илјади евра, треба да содржи анализа на пазарот, како и компарации со други држави, а потоа, доколку со истата се потврди дека има простор на пазарот, би се распишал јавен конкурс.

„Точно е дека двете телевизии поднесоа барање. Доколку има јавен конкурс, ќе може да конкурира било кој. Двете телевизии немаат предност, туку се само иницијатори“, велат од Агенцијата.

Телевизиите 24 вести и 21, минатиот месец поднеле барање за дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис на територија на државата преку таканаречен „дигитален терестријален предавател“. Досега, двете телевизии зрачеа преку кабел – 24 вести преку сателит, а ТВ 21 преку „јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс“.

Ако добијат терестријална дозвола, тие ќе можат да зрачат пошироко и ќе имаат поголема покриеност, ќе влезат во трката за реклами со останатата петорка, а секој оператор ќе мора да ги стави во својот пакет програми.     

Паралелно со амбициите на двете телевизии, тече рокот на телевизијата Алфа заедно со уште шест други медиуми да го исплатат долгот за дозволата за работа за 2018 година. Доколку ТВ Алфа не плати уште 2,5 милиони денари во наредниве десетина дена, ќе ѝ биде одземена дозволата за работа.  

Во Македонија во моментов има 56 телевизии од кои 14 емитуваат програма на државно ниво (5 преку мултиплекс, 4 преку кабелски оператори и 5 преку сателит); 21 на регионално ниво (11 преку мултиплекс и 10 преку кабелски оператори) и 21 локалнa телевизиja (преку кабелски оператори).