Репортажи

Албанците маршираа за „црвено-црна револуција“

Автори: Синиша Јаков Марушиќ, Фатјона Мејдини

Десетици илјади луѓе обединети околу Опозицискиот совет на Албанците во понеделникот маршираа низ Скопје барајќи еднаков третман за Aлбанците во Македонија, како и враќање на правдата, достоинството и демократијата во земјата.

Маршот организиран од албанските вонпарламентарни партии и политички движења на годишнината од кумановските случувања, беше со цел да се изрази незадоволството од државниот третман кон Албанците, но и да се даде поддршка на работата на Специјалното обвинителство и на меѓународната заедница и нивните напори да се стави крај на политичката криза.

Албанците меѓу кои имаше дојдени дури и од Косово, го истурија својот гнев врз лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој според нив ја предал нивната доверба и станал слуга на криминалот предводен од Владата на Никола Груевски.

Тие извикуваа „Али предавник“, „Ќе си дојде народот по своето“ и „Демократија“, носејќи транспаренти „Ова е црвено-црна револуција“, „Стоп на државниот терор“ и „Доста со монтираните случаи против Албанците“. Меѓу присутните имаше и транспаренти „Фатиме (Фетаи), ние сме со тебе“.

Често се слушаа и извици „Етничка Албанија“.

Говорниците од сцената монтирана пред Владата побараа итно повлекување на аболицијата за политичарите и оставка од претседателот Ѓорѓе Иванов, како и формирање специјален суд кој ќе ја комплетира работата на Специјалното обвинителство.

Тие побараа случаите како „Монструм“, „Сопот“ и „Куманово“ да ги преземе Специјалното обвинителство, оти не ѝ веруваат на судската власт.

„Најголемите криминалци коишто ја водат државава се амнестирани од претседателот, а најситните криминалци лежат по затворите. Ова мора да запре“, рече лидерот на БЕСА, Билал Касами, кој го опиша владеењето на Груевски и Ахмети како години на подем на фашизмот.

„Иако фашизмот беше поразен пред 71 година, некој тука во Македонија се обидува да ја игра истата улога. Некои македонски и албански партии не сакаат обединета Европа, но ние веќе нема да ги толерираме“, рече Касами од говорницата пред Владата.

Демонстрантите, меѓу кои имаше многу млади луѓе, за БИРН ги искажаа своите видувања за состојбите.

„Тука сум затоа што сум дискриминиран секаде: на училиште, од страна на полицијата и од државните структури… Најмногу го обвинувам Али Ахмети, повеќе и од Груевски, затоа што тој отсекогаш ги добивал гласовите на Албанците“, вели осумнаесетгодишниот Ридван Азизи од Тетово.

Дваесетгодишната студентка Енеида Сулејмани за БИРН вели дека „Достоинството на Албанците во Македонија е погазено. Ние сме незаштитени. Време е да се разбудиме од овој долг сон“.

Портпаролот на Опозицискиот совет, Ким Мехмети, од говорницата објасни зошто на протестот немаше македонско знаме ниту пак, беше интонирана македонската химна.

„Чекаме 26 години да добиеме строфа на албански јазик во македонската химна… орел како дел од македонското знаме, и конечно да добиеме Албанец за претседател или премиер“, рече Мехмети.

Помеѓу присутните на протестот беше и косовскиот пратеник и еден од лидерите на движењето Vetevendosje/„Самоопределување“, Албин Курти.

Додека присутните се туркаа за да се сликаат со него или да разменат по некој збор, Курти за БИРН изрази поддршка за албанските протести во Македонија.

„Режимот во Македонија ги дискриминира, малтретира и економски ги експлоатира Албанците. Каде и да живеат, Албанците имаат обврска да се приклучат на овој протест. Помина времето за прес конференции и декларации. Сега е време да се излезе на улица“, рече Курти.

Демонстрантите предупредија дека во иднина би можеле да ги радикализираат своите постапки, доколку нивните повици за правда останат неслушнати.