Ракопис

„Алекса Дундиќ“

Раскази: Улиците што ги нема

Ангела Срцева се задржа подолго во бањата отколку вообичаено.

– Ангела, што стори?  

–  Еве, еве, не можам да го закопчам бисеров… – излезе со рацете на тилот, потамина обидувајќи се да го закопча ѓерданот.  

– Дај јас – рече маж ѝ и за миг го направи тоа што таа очигледно не можеше да го стори подолго време. – Кој ти е овој бисер?

– Па оној од мајка ти.

– Не беше пократок? – невештите машки очи се намотаа околу нејзиниот врат како уште една низа. – Беше – промрмори Ангела излегувајќи од дома и без да го почека Симон да заклучи, се упати право кон нивното златно пежо паркирано на малото забито кракче од разгранетата улица „Алекса Дундиќ“ . (Tакa пишуваше на таблата на аголот од нивната доградба, речиси слепена со големата, празна куќа на покојните родители на Симон, каде што стоеше за’рѓано „Олеко Дундич“, иако пред години името на улицата беше променето во „Иван Манолев“. Но, тоа го знаеја само поштарите и писателите.) Требаше да побрзаат, свадбата можеше да заврши додека тие да стигнат.

* * *

Долгата маса до која љубезно ги однесоа домаќините, покажувајќи им каде треба да седнат беше спроти едно големо огледало. Додека се поздравуваа со изнаседнатите роднини на Симон, Ангела имаше доволно време да не се бендиса себе. Нејзиниот одраз во огледалото ѝ беше сосем туѓ. Црн фустан со голи раменици и пуш-ап градник со невидливи силиконски прерамки наместо фармерки и широка маица без ништо оздола; салонки со тенки, високи потпетици наместо црвени старки; тенка, скржава насмевка со затворена уста, наместо продорен озабен кикот. А и Симон. Костум, модерно дезенирана кравата, залижана коса прошарана со многу седи спомени. На Ангела ѝ падна смешно помислувајќи дека таа не се омажи за овој облечен, спастрен човек, туку за еден гол темпераментен младич со долга кадрава коса на FKK плажата во Њивице кај Херцег Нови. Направија дури и Freikörperkultur-студентска венчавка една квечерина, таа апсолвент на германистика, тој до никаде на машински факултет. Нејзе вратот обвиткан со бела бандана-марама, нему десната рака во бел завој, беше паднал додека трчаа удолу по недобројните скали од хотел „Ривиера“. По 20 дена се облекоа и се вратија во Скопје, венчани. Наредните 20 години не отидоа на нудистичка плажа, а животот, парталче по парталче, ги облекуваше речиси како што сака тој. Белата бандана и завојот ги чуваа длабоко во плакарот, како што се чуваат венчаници на невести и костуми на младоженци. Ангела понекогаш ќе си спомнеше за Њивице, најчесто додека се тушира, ама дури и од бањата излегуваше облечена. Симон беше поопуштен со голотијата низ дома, ама дури и за в двор облекуваше маица.

– О, Ангела, бисерот на свекрва ти! – се одушеви тетката на Симон. – Не сум те видела никогаш да го носиш. Прекрасно ти стои, сестра ми би се радувала…

– А, да, фала тетка Станче. Да, од свекрва ми е, го носам понекогаш, не си ме видела – излажа Ангела која прв пат го имаше на врат надвор од дома.

– Не ѝ одговара со патиките, затоа не го носи – се насмеа Симон.

– Еве, сега со фустанов, прекрасно одговара. Прекрасно изгледаш, Ангела! Да си го носиш! – ја гушна Станче пофаќајќи ѝ го бисерот со внимателен гест. – Не беше пократок?

– Беше – промрмори Ангела и се загледа себеси во огледалото. Бисерот ѝ допираше речиси до папокот. Ми беше само до градите, си помисли. Толку време помина, веројатно сум заборавила…

* * *

Иако не веднаш (тоа не доаѓаше предвид!), ама сепак некогаш мораа да им кажат на родителите, и на неговите и на нејзините, првин дека воопшто биле заедно на море, а потоа и дека се венчале. Нудистичката плажа не смееше да се спомне ни како локација, а не пак, како нивни љубовни и црква и поп. До крајот на летото секој си живееше дома, небаре нивниот брак е песочен замок кој постои до првиот голем бран на плажата. Но, големиот бран дојде брзо во Скопје, не во Њивице, Ангела дипломираше, дури и Симон положи 3 испити во една сесија. Искористувајќи ја радоста на родителите, на едните поради дипломирањето, на другите поради положените испити по подолга пауза, младенците им кажаа дека нивниот брачен замок не е песочен, ами траен. Се разбира дека никогаш не им ја простија свадбата што не ја направија. Особено неговите, зашто Симон беше единец. Неизиграните ора сосе прегласната музика се виеја околу нив со денови, месеци,..  сѐ повеќе стеснувајќи го кругот на нивната љубов. На крајот, Ангела и Симон вистински снеможени, седнаа на импровизирана семејна веселба со рацете ставени на уши. Не можеа веќе да ја поднесат таа прегласна музика. Тивко го одиграа „тешкото“ што се бараше од нив. Се венчаа уште еднаш во желбата на родителите. Таа во фармерки и широка маица, тој во бермуди и патики. Свекрвата ѝ го подари (дури тогаш, не кога им соопштија дека се венчани) својот скапоцен бисер, ѝ го закачи врз маицата со убав, шарен принт Make love not war…  Ѝ беше до градите… Направија мала доградба до дворот на неговите, а додека да биде готова, пак секој си живееше дома. Ангела не сакаше да живеат кај неговите, Симон не сакаше да живеат кај нејзините. Подоцна, истото несакање за заедничко живеење прерасна во немање навика за посетување. Бисерот си стоеше во убавата старинска кутија во фиока 20 години, сѐ до мигот кога Ангела, дотерана за на свадба, не почувствува дека дошло време да почне да го носи и сосе него в раце влезе во бањата да го закопча пред огледало.

* * *

Се вратија дома во ниедно време. Бисерот на Ангела просто ѝ тежеше на вратот. Беше една, па две, па три низи… За време на целата свадба само се издолжуваше, се издолжуваше… Кога стапнаа во дворот, престана. Ангела го почувствува тоа. Знаеше дека тоа ќе биде неговата конечна должина и додека  се тушираше (секогаш прва се тушираше!), се обидуваше да сфати што значи таа. Колкава точно е…

Првпат по толку време, Ангела излезе гола од бањата. На вратот имаше некоја нова, бела, бисерна бандана. Симон, стаписан од голото тело на својата жена во дневната соба, веднаш се снајде. Ја соблече белата долна маица по која седеше на софата чекајќи ред за туширање и небаре завој, ја обвитка околу раката.

–  Кога веќе не одиме во Њивице, еве го Њивице кај нас дома! – рече Симон и двајцата прснаа во продорен љубовен кикот.

 

Утредента внимателно ја измерија должината на бисерот. Беше станал точно толкав колку што беа оддалечени нивната мала доградба во којашто живееја и големата куќа на неговите родители во која не живееше никој.

– Треба да се преселиме во куќата на моите, Ангела – рече Симон.

– Ајде. Требаше одамна да го направиме тоа. Како што требаше и одамна да почнам да го носам бисерот на мајка ти.