Истражувањa

Алфа банка ја купи фонд основан со акции што нудат анонимност

Новиот сопственик на Алфа банка, фондот Silk Road Capital AG е основан со 1.000 таканаречени акции на доносител коишто, за разлика од вообичаените регистрирани акции, не го вклучуваат на хартија името на нивниот сопственик

Швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG којшто ја купи Алфа банка во Македонија е основан со 1.000 таканаречени акции на доносител со номинална вредност од по 100 швајцарски франци, покажуваат податоците од Официјалниот регистар на компании во Швајцарија.

За разлика од вообичаениот вид на регистрирани акции на чии сертификати се запишани имињата на нивните сопственици, ваквите акции на доносител им гарантираат на сопствениците анонимност со тоа што не го вклучуваат на хартија нивното име.

Зад Silk Road Capital AG, кој што е основан само пред седум месеци со капитал од 100.000 франци, како претседател на Управниот одбор стои Швајцарецот со пакистанско потекло, Анисур Реман Кан (Anisur Rehman Kahn).

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, тврди дека во постапката на лиценцирање на новиот сопственик на Алфа банка, се уверил дека „крајниот сопственик на швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG e Анисур Кан, државјанин и резидент на Швајцарија. Има исто презиме како и новиот градоначалник на Лондон“, се пошегува гувернерот Богов на прашањето на БИРН.

„Во документите што ѝ беа доставени на Народната банка во постапката на лиценцирање на акционерот Silk Road Capital AG, името на лицето Анисур Кан е наведено во потврдата за акции на друштвото“, одговори гувернерот Богов.

Новиот сопственик на Алфа банка, и претходно имал обиди за влез во македонскиот банкарски сектор, но тогаш бил одбиен од Народната банка како несоодветен инвеститор.

Сепак, со образложение дека овие документи не се од јавен карактер, гувернерот Богов не ни овозможи увид во документацијата користена во постапка на лиценцирање, за да се увери јавноста дали навистина сопственик на швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG, кој за 1,2 милиони евра со блок дотација преку Македонската берза стана газда на Алфа банка, е Швајцарецот Анисур Кан.

„Информациите, односно документите кои се доставуваат до Народната банка во постапките на лиценцирање, не се информации од јавен карактер. Согласно Законот за Народната банка, не смее да се дозволи пристап, да се обелоденат или публикуваат информации кои не се јавни, а кои се добиени при извршување на задачите и должностите на Народната банка. Во таа смисла не може да се овозможи увид во документацијата користена во постапка на лиценцирање“, ни одговори Богов.

Тој на прашањата на БИРН одговори дека и во Швајцарија акциите на доносител се вообичаена форма на сопственички хартии од вредност и дека во Македонија веќе има една банка чии акционери се инвестициски компании со акции на доносител.

„Компании регистрирани во Швајцарија со акции на доносител се јавуваат како инвеститори во сите земји во Европската унија. Во Македонија веќе има една банка, Еуростандард, чии акционери се инвестициски компании формирани во Швајцарија со акции на доносител. НБРМ секогаш во лиценцирањето инсистира на идентификување на крајниот сопственик, така што и во таа прилика бил утврден крајниот сопственик на банката“, одговори Богов.

Инаку, според еден од извештаите на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, акциите на доносител често се среќаваат во аферата „Панама пејперс“ и нивниот заклучок покажува дека овој вид акции овозможуваат да се сокрие крајниот сопственик на компанијата и гарантираат високо ниво на тајност. Освен тоа, сертификатот за акциите може да се трансферира од еден на друг „сопственик“ без тоа да биде документирано.

Гувернерот Богов, на ова одговори дека „има начини да се контролира промената на сопственоста“.

Велика Британија, на пример, од мај минатата година со законски акт забрани повеќе да се издаваат акции на доносител и притоа, обврските наложија сите претходно издадени акции на доносител да се конвертираат во регистрирани акции на коишто ќе се впишат имињата на нивните сопственици.

Во останатите земји во светот сѐ уште можат да се издаваат акции на доносител, меѓутоа, нивната употреба според Организацијата за економска соработка и развој (OECD) значително се намалува.

Од октомври минатата година и во Швајцарија се донесени одредени законски акти со цел да се зголеми транспарентноста на компаниите што издаваат акции на доносител, па така се воведени обврски сите сопственици на такви акции во компании што не котираат на берзата да го откријат својот идентитет и адресата.

Сепак, генералните препораки на Financial Action Task Force (FATF) – владино тело чии членови се земјите со најпознати светски финансиски центри, се укинување на акциите на доносител или нивно конвертирање во регистрирани акции.

Швајцарецот бил одбиен од Гошев

13152685_10208076631011051_494277914_n

Шемата на Анисур Кан

Интересно е што новиот сопственик на Алфа банка, и претходно имал обиди за влез во македонскиот банкарски сектор, но тогаш бил одбиен од Народната банка како несоодветен инвеститор.

„Швајцарецот Анисур Кан имаше намера и порано да купува банка во земјава, но ние во Народната банка тогаш одлучивме да не му дозволиме да влезе во нашиот банкарски сектор“, само кусо одговори претходникот на Богов, поранешниот гувернер Петар Гошев.

Меѓутоа, сепак информациите што веќе ги објави БИРН, покажаа дека Швајцарецот Анисур Кан имал некаква поврзаност со Македонија претходно.

Тој се јавува како основач на компанијата Lonestep Gmbh, којашто Министерството за финансии за 295 илјади евра ја избра да му обезбеди консултантски услуги за воспоставување на слободната финансиска зона во Македонија. Консултантите требаше да направат анализа на атрактивноста на земјава за воспоставување финансиска зона.

Освен ова, швајцарската фирма требаше да развие и концепт за развој на слободната финансиска зона, но и да направи анализа за регулативата која треба да се донесе од страна на државните институции за воспоставување на зоната.

Кан бил вклучен и во реформирање на штедилницата Можности, и според неговата биографија, го зголемил нејзиното портфолио на клиенти до 15.000 за две години.

До денеска во јавноста нема информации што се случи со проектот за отворање на финансиската зона, но неофицијално се дознава дека властите се откажале од идејата, бидејќи се покажала како ризична од аспект на привлекување на сомнителни пари од најразлични локации на планетава.
Претходно како консултант, Кан бил вклучен и во реформирање на штедилницата Можности, и според неговата биографија, го зголемил нејзиното портфолио на клиенти до 15.000 за две години. Во тоа време, од октомври 2003 година до октомври 2005 година, неговото име се појавува како директор на консултантската компанија Westchester Baden Grp. Ltd, а како контакт адреса е оставена токму адресата на штедилницата Можности во Скопје.

Освен во Silk Road Capital AG, Anis Khan е актуелен член на Управниот одбор и на United Bank Limited UBL (Switzerland) AG и на консултантската компанија Care Group AG.

Неговата биографија открива и дека имал над 25 години искуство во меѓународното банкарство и финансирање на микро и мали фирми. Во 2005 година, го основал инвестицискиот фонд Development Finance Equity Partners кој што се фокусира на инвестиции во Централна и Источна Европа, а во име на Balkans Financial Sector Equity Fund до денес реализирале 9 инвестиции во овој регион. Неговото име се сретнува во бордот на директори на компанијата CEE Holdings, финансиска холдинг компанија со инвестиции во Албанија, Полска и Русија.

Пред осум години, тој бил дел од Надзорниот одбор на Ваба банка од Вараждин во Хрватска. Од 2001 до 2004 основал гринфилд банка за микрофинансирање која потоа се продала на водечката австриска банка, Raiffeisen, а претходното негово искуство вклучува 17 години поминати на различни позиции во Citigroup Швајцарија.

Алфа банка станува Силк Роуд банка АД Скопје

Продажбата на Алфа банка во земјава е очекувана последица на финансиската криза во Грција што трае веќе неколку години.

Пред два дена, преку блок трансакција на Македонската берза продадени се сите 10.305 акции на Алфа банка, што е 100% од основната главнина на друштвото, по цена од 7.183 денари по акција. Тоа значи дека новиот сопственик ја купи Алфа банка за вкупно 1,2 милиони евра.

Цената на акциите по кои што е продадена банката е за 76% пониска отколку просечната цена од 30.000 денари, додека пак, номиналната цена на акциите беше 120.000 денари. Банкарите објаснуваат дека ниската цена по којашто е продадена банката најверојатно се должи на лошите финансиски резултати на банката во последните неколку години од една страна, но и обврската на новиот инвеститор да ја докапитализира банката.

Финансиските резултати на Алфа банка покажуваат дека од последните пет години заклучно со 2014 година, само во 2013 банката работела профитабилно, со добивка од 260 илјади евра. Останатите години книжела загуби, 1,55 милиони евра во 2014 година, 8 милиони евра во 2012 година, 1,5 милиони евра во 2011 и загуба од дури 9,7 милиони евра во 2010 година.

Во истиот период, континуираните загуби ја намалија активата на банката од 119 милиони евра на вкупна актива од 91,6 милиони евра заклучно со 2014 година. Со тоа Алфа банка заедно со уште две банки на пазарот, спаѓа во групата мали банки.

Последните податоци на Народната банка за минатата година покажуваат дека Алфа банка го намалила и кредитното портфолио. Лани банката одобрила 1,5% помалку кредити на годишно ниво за фирмите, со што целата кредитна поддршка за бизнис секторот изнесува 31,7 милиони евра. Вкупните кредити за граѓаните изнесуваат 36,2 милиони евра, 0,1% помалку отколку во 2014 година.