Вести

Амбасадори трагаат по писмото на Иванов

Поплаката од шефот на државата Ѓорге Иванов дека службите на 17 партнерски држави биле информирани, но не соработувале за сузбивање на терористичката група од Куманово ја изненади меѓународната заедница. Дел од амбасадорите по налог на своите држави побарале информација за писмото за кое зборува Иванов.

Од средбата на амбасадорите со претседателот Иванов / Фото: МИА

Од средбата на амбасадорите со претседателот Иванов / Фото: МИА

Амбасадори на вчерашната средба со државниот врв барале информации во врска со писмото за кое претседателот Ѓорге Иванов кажа дека на почетокот на годинава било испратено до 17 партнерски служби од земјите од ЕУ и од НАТО, како и од регионот, за да се превенира опасната група од Куманово, дознава БИРН од дипломатски извори.

„За оваа група во почетокот на 2015 година писмено ги информиравме 17 партнерски служби на земјите од ЕУ и НАТО, како и земјите од регионот, но можам да констатирам дека размената на информации која беше со цел да се спроведе превенција на намерите на групата не даде резултати“, изјави Иванов по состанокот на Советот за безбедност.

Ваквата информација од шефот на државата ги изненадила амбасадорите со оглед дека во нивните држави не можеле да добијат потврда за писмото за кое зборува Иванов и побарале објаснување од премиерот.

„Од премиерот Груевски побаравме повторно да се испрати писмото. Ваквото барање дојде од неколкумина амбасадори кои немаат информација за испратено писмо. Ние досега не можеме да потврдиме дека имаме добиено писмо, иако не ја исклучувам можноста дека било испратено по други канали. Целосно соработуваме и имаме размена на информации, така што оттука и побаравме објаснување околу изјавата“, вели амбасадор на една држава-членка на ЕУ. Според истиот извор, прашањето вчера било покренато и на средбата на амбасадорите кај претседателот Иванов.

Од кабинетот на Иванов не добивме одговор на прашањето дали амбасадори побарале повеќе информации за писмото и до која адреса и од кого било испратено

Разузнавачки информации не се дискутираат јавно

Официјално, ретко која од амбасадите сака да го коментира ставот на Иванов кој се пожали дека земјите партнери не соработувале со македонските власти за сузбивање на терористичката група, но како што дознаваме тие биле изненадени од изјавата чијашто содржина по својата природа не е јавна.

Од американската амбасада во земјава објаснуваат дека согласно договорот меѓу двете влади за вакви информации не се дискутира јавно, преку изјави и оти сите сознанија се споделуваат со одговорни претставници од Владата.

„Американската влада има блиска соработка со македонските безбедносни агенции и често разменуваме информации поврзани со регионалната безбедност. Генерално, не коментираме ниту дискутираме јавно вакви информации поради договорите меѓу двете влади. Ваквиот однос секако подразбира да споделуваме информации за секоја можна закана со одговорни претставници од Владата“, велат од амбасадата на САД.

Со сличен тон се огласија и од британската амбасада велејќи дека „не коментираат информации од разузнавачки карактер“.

Српска амбасадорка во Македонија, Душанка Двијаќ, исто така не го коментира писмото, но смета дека мора да имало соработка меѓу државите пред настаните во Куманово.

„Сигурно постоеле некакви активности, бидејќи тероризмот е општо зло, така што мора да постојат активности за превенција, но не можеме да коментираме конкретно за овој и за други случаи. Ситуацијата е премногу сериозна за да се коментира “, вели Двијаќ за БИРН.

Случувањата во Куманово да не се поврзуваат со политичката криза

Дипломатски извор за БИРН вели дека писмото за кое зборува Иванов не било суштината на разговорите на средбата со Груевски, туку дека во фокус било барањето да има истрага за материјалот објавен во „бомбите“ и гаранција на демократското право на македонските граѓани на мирен протест.

Судирот во Куманово да не го одвлекува вниманието од многу сериозната внатрешно- политичка ситуација во Македонија, порача еврокомесарот Јоханес Хан. Токму тоа, според нашиот извор, била и една од пораките на вчерашната средба на амбасадорите која била побарана уште пред случувањата во Куманово.

„Меѓународната заедница засилено притиска за решение на политичката криза.Од тие причини заострен е и тонот на јавните пораки“, коментира друг дипломатски извор за БИРН.

Во изјавата по средбата со премиерот амбасадорите велат дека изразиле загриженост, поради тоа што владата на Груевски не прави напредок во насока на обвинувањата за злоупотреба на власта кои произлегуваат од објавувањето на прислушуваните разговори. Истовремено, побараа да се гарантира демократското право на граѓаните на мирен протест.

„Ова беше една од најважните пораки што му ја пренесовме на премиерот Груевски. Граѓаните мора да имаат право да протестираат и да се чувствуваат безбедно“, вели за БИРН дипломат од земја членка на ЕУ, под услови на анонимност.