Истражувањa

Антифашистичките споменици „несакано наследство“ на Хрватска

Споменикот Петрова гора. Фото: Реља Душек

Споменикот Петрова гора, со својата цврста бетонска конструкција и челични плочи, беше еден од најмонументалните споменици подигнати во поранешна Југославија.

Изграден е во централна Хрватска, во близина на границата со Босна и Херцеговина, во знак на сеќавање на востанието што во Втората светска војна го дигнале жителите на Кордун и Банија, против профашистичкиот режим на Независната Држава Хрватска, НДХ.

Но, оваа градба, што некогаш претставувала гордост, а чија десетгодишна изградба завршила во 1981 година, денес изгледа како скелет во распаѓање. Челичните плочи што недостасуваат, се како отворена рана низ која се гледа дотраениот бетон.

Овој споменик, чиј автор е познатиот југословенски архитект, Војин Бакиќ, ја дели судбината на многу други споменици, подигнати во чест на антифашистичката борба во Хрватска, која се водеше во Втората светска војна.

Половина од овие споменици во Хрватска, околу 3.000, се оштетени или уништени во војната во 90-тите години, или по неа од страна на вандали, или властите ги отстраниле.

Споменикот на победата на народот на Славонија, е уште еден познат споменик на Бакиќ, откриен во 1968 година, во селото Каменска, североисточна Хрватска. Тој, во 1992 година, беше миниран и уништен од хрватската војска.

Една од најпознатите фотографии во поранешна Југославија, од Втората светска војна, е фотографијата на младиот партизан, Стјепан Филиповиќ, на која тој со крената глава и раце, стиснати во тупаница, го чека своето бесење, викајќи: „Смрт за фашизмот, слобода на народот“.

Неговиот споменик во Опузен, како и многу други, е уништен во 1991 година.

Судбината на овие споменици е тема на документарниот филм „Несакано наследство“, на хрватската режисерка, Ирена Шкориќ. Премиерата, овој филм ја имаше на минатогодишниот Сараевски филмски фестивал, а во Хрватска за прв пат беше прикажан во март, на Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Загреб.

„Се започна пред околу шест години. Мислев да направам филм за уништените ремек дела на нашата уметност, за да се зачуваат, и покрај варварите кои се обидуваат да ги избришат од колективното сеќавање на хрватскиот народ“, вели Шкориќ за БИРН.

„Во исто време, познатиот белгиски фотограф, Јан Кампенерс, објави книгата за спомениците од НОБ во Југославија, и за многумина ширум светот, овие споменици беа сензационални. На некој начин, требаше да ни дојде странец и да истакне дека нашите убави историски споменици се уникатни по својата современост и креативност“, нагласува таа.

Додава дека верува оти уништувањето на спомениците, кое има големи размери, има јасна политичка цел.

„Овие споменици со својата висока уметничка вредност беа најдобрата промоција на антифашизмот. На крајот, токму тоа е причината зошто се уништени“, заклучува Шкориќ.

Проблем со историјата

Запуштениот споменик Петрова гора во внатрешниот дел. Фото: Реља Душек

Хрватскиот уметник, Антонио Гргиќ, автор е на перформансот „Сенки на спомениците“, за чија реализација го проучувал уништувањето на спомениците во регионот и во Источна Европа. Тој вели дека Хрватска е уникатна по тоа што е единствената земја која има проблеми со својата антифашистичката историја.

Гргиќ верува дека нема друга држава со толку многу оштетени или отстранети споменици, изградени во чест на антифашистичката борба.

„Делумно тоа е направено легално. Во Осиек, во времето кога Бранимир Главаш беше воен командант, градскиот совет одлучи дека сите споменици од НОБ треба да бидат реставрирани“, вели Гргиќ за БИРН.

„Се разбира, тоа беше само изговор за да ги отстранат. И тоа се случи. Спомениците беа елиминирани од јавниот простор и никогаш повеќе не беа вратени“.

Сепак, тој смета дека поголем проблем се исчезнатите споменици.

„Кој дал наредба за уништување на овие споменици? Разбирам дека беше хаотично време (почетокот на 90-тите) и војна, но најлошо е да се прифати сето тоа како нешто нормално. Тоа не е нормално“, истакнува тој.

Иако војната е завршена пред повеќе од 20 години, Хрватска сѐ уште има проблеми кога станува збор за комунизмот.

Ова влече корени од Втората светска војна, од времето на НДХ, која некои луѓе, игнорирајќи го фактот дека НДХ била марионетска држава на нацистичка Германија, и денес ја почитуваат.

Тие сметаат дека во тоа време Хрватска била независна и дека Југославија не била опција која Хрватите слободно ја избрале. Владата тврди дека Хрватска не е наследник на НДХ, но ги изедначува злосторствата извршени од фашистичкиот и комунистичкиот режим.

Како резултат на овој пристап, дури и спомениците кои не беа уништени или отстранети, беа оставени да се распаѓаат, не се одржуваат или се цел на вандали.

Сњешка Кнежевиќ, историчар на уметноста, вели дека од 90-тите години, во Хрватска расте антикомунистичкото расположение, поради што сѐ помалку се почитува антифашистичката борба. Во исто време, има обиди за величање на НДХ.

„Во поранешните комунистички земји, иконокластичниот бес беше насочен против апологетските споменици на идеологијата (комунистичка) и нејзините протагонисти, но спомениците не се пипнати. Во Хрватска, тие се уништени“, вели Кнежевиќ за БИРН.

Сепак, смета дека Хрватска како држава, не е директно вклучена во уништувањето.

„Спомениците им се оставени на различни политички групи на десницата, на антикомунисти, националисти или неоусташи, кои ги уништуваат“, додава таа.

Посебен момент

Стјепан Филиповиќ на бесилка и споменикот подигнат во негова чест во Опузен, пред да биде уништен. Фото: Викимедиа комонс/По патиштата на револуцијата

Гргиќ вели оти е лут што спомениците на, како што вели, „најсветлиот момент во историјата на регионот“, поразот на фашизмот, се оштетени или отстранети.

„Овие споменици претставуваат посебен момент во нашата историја, што некои луѓе се обидуваат насилно да ја преработат. И натаму верувам дека постои љубов и братство и единство меѓу луѓето“, потенцира Гргиќ, осврнувајќи се на комунистичката парола “братство и единство“, создадена во Втората светска војна.

„Тоа не била лага и уривањето на спомениците нема да го смени ова“, вели тој.

Сања Хорватинчиќ, од Институтот за историја на уметноста во Загреб, смета дека овие споменици првенствено имаат историско значење, а некои од нив и голема уметничка вредност.

„Деведесет проценти од спомениците не се посветени на (претседателот на Југославија Јосип Броз) Тито или на комунизмот, туку на конкретни личности и настани од историјата“, вели Хорватинчиќ за БИРН.

„Тие не само што имаат локално значење за одредена заедница, туку, исто така, и национално и меѓународно значење, особено во контекст на европскиот консензус за фактот дека Втората светска војна завршила благодарение на антифашизмот“, додава таа.

За жал, како што потенцира, хрватските власти се чувствуваат, како што вели „малку непријатно“ во врска со прашањето за спомениците, а постои и перцепција кај некои официјални лица, дека режимот на НДХ не бил полош од комунистичкиот, кој го наследил.

„Заштитата на спомениците е одраз на конфузијата што постои во државата и нејзината перцепција за Втората светска војна, како и на изедначувањето на спротивставените страни во војната“, заклучува Хорватинчиќ.

Тексот е објавен и на Балканска транзициска правда