Вести

Антикорупциската отвори предмет за имотот на директорот на МРТ

Отворено остана прашањето како членовите на ДКСК не забележале дека директорот на МРТ не поднел анкетен лист шест години | Фото: МИА

Антикорупциската комисија отворила предмет против директорот на Македонската радио телевизија – МРТВ Марјан Цветковски, за неподнесување анкетен лист за имотната состојба, откако БИРН објави дека тој веќе шест години не ја почитувал законската обврска да објави со колкав имот располага.

Иако пред дваесетина дена Цветковски ни изјави дека веднаш ќе поднесе анкетен лист за имотот со кој располага и истиот ќе го достави и до редакцијата на БИРН, такво нешто не се случи.

 „Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за неподнесување на анкетен лист од страна на наведеното лице, предметот е во  тек и се постапува согласно законските надлежности на ДКСК. Притоа, Ве известуваме дека конкретното лице се уште нема доставено анкетен лист за имотната состојба“, велат за БИРН од Антикорупциската комисија.

Отворено остана прашањето како членовите на Антикорупциската комисија не забележале дека директорот на МРТ не поднел анкетен лист шест години. Во случајов, дури и да поднесе сега, нема да се знаат измените во неговиот имот, односно јавноста нема да знае дали тој во меѓувреме купувал и продавал имот, или пак го префрлал на туѓо име.

Државната комисија за спречување на корупцијата има можност да бара од Управата за јавни приходи да се испита и потеклото на имотот на одреден функционер, но засега не е познато дали таков предмет е отворен во комисијата за Цветковски.

Програмскиот совет на МРТ минатиот месец го реизбра Цветковски за директор на МРТ, што предизвика остри реакции во јавноста.

Во случајов, дури и да поднесе сега, нема да се знаат измените во неговиот имот, односно јавноста нема да знае дали тој во меѓувреме купувал и продавал имот, или пак го префрлал на туѓо име.

Кратко време потоа, Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје, до обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Цветковски и уште едно лице поради сомнежи дека ја злоупотребиле службената положба.

Двајцата се сомничат дека го оштетиле буџетот на МРТ за 1,2 милиони денари.

Според пријавата, Цветковски, при спроведување на тендер за јавна набавка, „електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на РМ“ склучил договор со фирмата „Аналитика“ ДООЕЛ – Скопје.

Според податоците од полицијата, Цветковски, и покрај укажувањата од Комисијата за јавни набавки на МРТ дека треба да се прифати намалената единечна месечна цена од 87.637 денари што ја понудила „Аналитика“, наместо почетната единечна месечна цена од 175.000 денари, сепак склучил спогодба за јавна набавка на услуги по повисоката цена што ја понудила компанијата.

Цветковски по информацијата за кривичната пријава ги негираше обвинувањата велејќи дека во неговото постапување  и раководење  бил почитуван законот.

„Немам никаква кривична вина ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот“ реагираше Цветковски преку соопштение до медиумите.