Вести

Апелација бара Кочан веднаш да се спроведе во Шутка

Сеад Кочан е во бегство од 9 март годинава

Апелацискиот суд во решението кое денеска беше објавено во целост, а со кое се потврдува притворот за бизнисменот Сеад Кочан, им наложува на овластените службени лица од МВР, единицата за извиди и потраги, веднаш да го лишат од слобода осомничениот, да го спроведат на издржување мерка притвор во Затворот „Скопје“, а за истото веднаш да биде известен Кривичниот суд.

Судот потврдува дека тој се наоѓа во бегство и дека на 9 март годинава со возило ја напуштил земјава. Тоа е денот кога на Кочан Кривичниот совет му одреди мерка притвор, што укажува на можноста дека тој веднаш по дознавањето на одлуката, ја напуштил Македонија.  

Во образложението на судот пишува дека Кочан два пати бил баран на својата домашна адреса, на 10 и на 13 март годинава, но тој не бил таму. На домашната адреса била само неговата сопруга која не знаела да посочи каде може да биде нејзиниот сопруг.

МВР го известило судот дека на 9 март годинава во 13,53 часот, Сеад Кочан ја напуштил државата со автомобил.

„Лицето Сеад Кочан последен пат во системот за контрола на патници и возила го евидентира на 09.03.2017 година на излез од Република Македонија“, стои во решението.

Уште една причина за определување на мерка притвор за Кочан, Апелацискиот суд гледа и во тоа дека тој е имотен човек и лесно може да си приушти да ја напушти земјава.

„Правилно оценил првостепениот суд дека како дополнителна околност која укажува на опасност од бегство претставува и околноста во врска со неговите лични и материјални прилики кој што е имотен човек, со што на истиот би му се овозможило да се крие и стане недостапен на органите на прогонот, како на територија на Република Македонија, така и надвор од нејзините граници, дотолку повеќе што неспорен е фактот дека осомничениот често патува надвор од земјата“, се вели во решението.

И покрај ова, името на Сеад Кочан го нема ниту во објавените потраги за лица на веб страницата на МВР, ниту пак на веб страницата на Интерпол и покрај тоа што се тврди дека за него е распишана меѓународна потерница и се бара негова екстрадиција.

„Пракса е на овие сајтови да се објавуваат само правосилно осудени лица. По Сеад Кочан се уште се трага, распишана е меѓународна потерница, но лицето се уште не е лоцирано“ велат за БИРН од Министерството за внатрешни работи.

Адвокатот на Кочан, Никола Додевски, претходно тврдеше дека не ја признава одлуката на Кривичниот совет и дека неговиот клиент е „слободен граѓанин“. Но сега, откако Апелација ја потврди пресудата на советот, Додевски не е достапен на својот телефон. Наместо одговор, се вклучува автоматска секретарка која вели дека „телефонскот број е надвор од мрежно покривање“.

Во меѓувреме, траат протестите пред Апелацискиот суд, каде припадниците на бошњачката заедница и вработените во компаниите на бизнисменот Сеад Кочан бараат правда за сопственикот на телевизија Нова.

Тие бараат да „запре притисокот врз слободните медиуми и водењето на селективна правда“.

Притворот на Кочан беше определен откако СЈО отвори истрага со кодно име „Труст“ против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „ВАТО“за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Според СЈО, ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат имотна корист од над 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.