Истражувањa

Архитектите на модерно Скопје ја осудуваат ретроградната преправка на градот

Постарите архитекти кои стојат зад иновативното обновување на Скопје по земјотресот од 1963 година гласно се жалат на кршењето на авторските права додека нивните признати модернистички творби се гушат во антиквизација

Скопје, Љубљана, Катовице

Славко Брезоски веќе беше истакнат архитект во моментот кога градот околу него се претвори во руина едно јулско утро во 1963 година, настан кој ќе доминира со остатокот од неговата професионална кариера.

Пред нешто повеќе од половина век, во земјотресот што го погоди Скопје, тогаш дел од поранешна Југославија, загинаа повеќе од 1.000 луѓе и беа збришани околу две третини од објектите во градот.

Еден од објектите што остана беше стоковната куќа што го дели името со градот, проектирана од Славко Брезоски во 1956 и изградена во 1960 година на централниот плоштад.

Петкатната творба од бел мермер и стакло е една од најпознатите дела на Брезоски. Таа е составен дел на модернистичкиот бран што ја заплисна поранешна социјалистичка Југославија и ја дочека пост-земјотресната обнова на Скопје во футуристички стил ненадминат во регионот.

Сепак, денес ова здание – кое подоцна беше преименувано во Сити Галери – е непрепознатливо.

Тоа е едно од дузината објекти кои веќе се или ќе бидат скриени зад неокласицистичките фасади и шупливите колонади од радикалното преуредување на градот наречено „Скопје 2014“, изработено за да ја воскресне антиката и да го втемели чувството на национален идентитет заснован на македонската верзија за припадноста на Александар Велики.

Со своите 94 години, Брезоски со непребол гледа на она што остана од неговиот објект, и уште полошо, тој вели дека за тоа никогаш не ја дал неговата согласност.

blazhevski_1

Славко Брезоски, 94, на главниот плоштад во Скопје, каде модернистичката стоковна куќа дизајнирана од него во 1956 година е скриена зад неокласицистичка фасада / Фото: Невена Брезоска

Кревок и ослабен, но со јасен глас, Брезоски за БИРН вели дека се сретнал со скопскиот градоначалник Коце Трајановски и со еден негов помошник во 2013 година и му било дадено да потпише изјава, во која е наведено дека не се противи на промената на фасадата.

Брезоски одбил и со растреперена рака на листот хартија напишал: „Подметнато за потпис, не го потпишав“.

Тој се сеќава како му рекол на Трајановски: „Ова нешто не е за мене. Јас ви кажав дека не се согласувам да се допира мојата зграда“.

Но, неговото дело беше допрено, заедно со над 20 други објекти на Модерната во срцето на Скопје, вклучувајќи го и владиното седиште кое денес прерасна во блескаво бела имитација на Белата куќа.

„Ме боли кога гледам како едно животно творештво на многу архитекти од мојата генерација исчезнува под пластеници стиропор“, вели Брезоски и дополнува: „Со голема љубов и ентузијазам го кренавме Скопје после војната и после земјотресот за сега да гледаме како безмилосно се уништува“.

БИРН пронајде многумина од преживеаните архитекти од поранешна Југославија – членови на генерацијата на Брезоски, кои како авангардна класа работеа рамо до рамо со мноштво странски архитекти по земјотресот за да го претворат Скопје во еден од архитектонски најнапредните градови во Југоисточна Европа, визија која во моментов изумира пред нивните очи.

Некои, како што е Брезоски, велат дека одбиле да дадат согласност за неокласицистичките маски на објектите што тие ги проектирале.

Другите архитекти потврдија за БИРН дека не биле дури ниту прашани, што претставува очигледна повреда на македонскиот Закон за авторски права.

БИРН во три наврати побара интервју со скопскиот градоначалник Трајановски на оваа тема, но одговорите беа дека тој е зафатен. Исто така, БИРН испрати исцрпни прашања до Град Скопје барајќи потврда за средбата на Коце Трајановски со Брезоски, како и за неговите поплаки и оние на другите архитекти во однос на авторските права.

На 11 август, Одделението за односи со јавност на Град Скопје одговори: „Авторите на идејните решенија секогаш се одбираат преку објавување на Конкурс за идејно решение. Потенцираме дека Град Скопје секогаш бил отворен за авторите на претходните решенија за фасадите, одржани се средби со дел од архитектите, и земени се предвид дел од нивните решенија“.

Од Град Скопје дополнуваат: „Градот Скопје го издава одобрението за фасадата согласно законот за градење, а не според законот за авторски права. Согласно законот за градење Советот на Град Скопје го утврдува изгледот на фасадата и одобрението за градба се издава врз основа на оваа одлука“.

Хрватскиот архитектонски критичар Мароје Мрдуљаш го опишува овој процес како „урбанцид“.

„Навистина не разбирам како е можно ова. Кои закони важат, а кои не?“

Мрдуљаш, кој предава на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Загреб, вели дека Скопје по земјотресот било плодна почва за архитектонски експерименти, спојувајќи ги заедно архитектите од Европа со оние од поранешна Југославија околу иновативната визија за централното градско подрачје на јапонскиот архитект Кензо Танге.

Иако планот на Танге беше само делумно реализиран, „Скопје во тој период беше навистина урбанистички и архитектонски експеримент, се разбира, прогресивен“, вели тој. „Денес, ние се соочуваме со нов тип експеримент, овој пат бизарен, и јас немам видено на ниту едно друго место нешто слично за споредба“.

Станбена зграда во Скопје со нова неокласицистичка фасада од предната страна. Позадината на објектот е недопрена / Фото: Бојан Блажевски

Станбена зграда во Скопје со нова неокласицистичка фасада од предната страна. Позадината на објектот е недопрена / Фото: Бојан Блажевски

Еклектичен

„Скопје 2014“ е чедо на поранешниот конзервативен премиер Никола Груевски, за кого критичарите велат дека владеел со растечки авторитарен нагон за време на своето вршење на должноста помеѓу 2006 и почетокот на 2016 година.

Тој се повлече во јануари за да го отвори патот за предвремени избори под посредништво на Европската унија, што следуваше по повеќемесечната политичка криза поради мноштвото снимени разговори што ја разоткрија распространетата злоупотреба на власта од неговата влада, нешто што Груевски енергично го демантираше. Изборите е предвидено да се одржат на 11 декември.

Преуредувањето на Скопје од страна на Груевски веќе доби одреден број наслови низ светските медиуми, дел од нив ласкави. Интензитетот на дејанието е неверојатен.

Според базата на податоци изработена од БИРН, властите успеале досега да потрошат над 669 милиони евра за изведба на 27 неокласицистички и барокни згради, пет плоштади со фонтани што пеат, дузина споменици и скулптури и една Триумфална капија налик на онаа од Париз. Целосниот буџет на оваа балканска земја достигнува едвај три милијарди евра.

Владата вели дека работи на тоа градот да заличи европски, по неколку векови Отоманско владеење и децении поминати во комунизмот.

Критичарите, од друга страна пак велат тоа е националистичка лудост, неумешен обид да се повлече линија помеѓу славното владеење на Александар Велики и денешна Македонија, врска жестоко доведена во прашање од соседна Грција. Новото лице на Скопје веќе е именувано „бетер од кич” и се поврзува со терминот „мини Лас Вегас“.

Светот навистина почна да ја открива оваа архитектура… и сега ние ја уништуваме

Маруша Зорец, професорка по архитектура од Љубљана

Еден резултат од ваквото преуредување е да се скријат од погледот моќните бели агли на Македонската опера и балет, славен пример на југословенскиот модернизам проектиран од словенечката архитектонска група „Биро 71“.

Замислена како дел од културен комплекс што се спушта кон реката Вардар, проектот беше оставен како недовршен, а денес Македонската опера и балет е блокирана од реката со редица неокласицистички објекти, римска Колонада и божемни канделабри.

Во согласност со постојните планови, таа најпосле ќе биде херметички затворена од сите страни, иако никој од архитектите на објектот не бил консултиран за промените во оригиналниот проект за објектот и за неговата непосредна околина.

„Ниту една институција, како од Градот Скопје, така и од Република Македонија, не комуницирала со нас и не побарала авторско мислење, ниту пак не вклучила во жири-комисијата од почетокот на изградбата на новите објекти до денешен ден“, се нагласува во изјавата испратена по електронска пошта до БИРН од Штефан Кацин и Јуриј Принцес, двајца од четворицата архитекти од „Биро 71“.

„Разбирлива е желбата на инвеститорот да го доврши комплексот, но сметаме дека би било потребно во новите решенија да се вклучи објектот на Операта и балетот и плоштадот со тенденција да се заокружи нивното спуштање кон Вардар“, велат архитектите родени во 1939, односно во 1933 година.

„За жал, новите ‘еклектични’ објекти на Кејот на Вардар ја уништија таа идеја и ја исклучија Операта и плоштадот пред неа од градските случувања на шеталиштето“.

Маја Иванич, претседателка на Друштвото на архитектите на Љубљана, вели дека била восхитена од дизајнот на Македонската опера и балет кога за прв пат ја видела.

„Таа е истовремено и убава, и сложена, и чиста, и бистра, и од таа причина е многу моќен архитектонски споменик“, истакнува Иванич за БИРН.

„Скопје ја имаше оваа иновативна архитектура далеку пред Заха Хадид да се појави во архитектонскиот свет“, ни изјави таа на англиски јазик, присетувајќи се на врвната британска архитектка со ирачко потекло која почина во март 2016 година.

„Навистина ми е многу жал поради тоа што македонската влада не е способна да погледне на работите на идентичен начин“.

Морални права

Покрај Брезоски, Кацин и Принцес, уште најмалку пет други архитекти од пост-земјотресниот период изјавија дека одбиле да дадат согласност или, пак, не биле ниту информирани за плановите за промена на нивните проекти.

„Да си правиме што сакаме“

Политичката криза се распламти во Македонија на почетокот од 2015 година, кога Зоран Заев, водач на опозициските социјалдемократи, ја обвини власта за масивна илегална операција за прислушување на 20.000 луѓе.
Замавнувајќи со снимките, Заев рече дека тие откриваат акутна злоупотреба на службената положба, местење на избори и медиумска цензура од помошниците и министрите на Груевски, и започна да ги објавува.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ изјави дека снимките се производ на странски разузнавачки служби и истите се „креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани“.
Како и да е, Европската унија изјави дека снимките се причина за „сериозна загриженост“. Владата одбива да признае било каков престап при работењето, но снимките веќе иницираа истраги од специјалните обвинители за изборни измами.
Заев ги обелоденуваше снимките во форма на „бомби“. Во бомбата бр. 35 наводно е вклучен гласот на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кои очигледно дискутираат за тоа како конзерваторската заштита на голем дел од центарот на Скопје е укината за да се расчисти патот за изведба на новите неокласицистички фасади. Од снимките не може јасно да се прецизира кога точно се одвивал разговорот.
БИРН се обиде по телефон и по електронска пошта директно да ги праша Канческа-Милевска и Јанакиески, но тие не одговорија. БИРН исто така му пиша и на Министерството за култура но не доби одговор за автентичноста на снимката, во која наводно е вклучен гласот на Канческа-Милевска:
„Миле, вака сега значи, со менување на правилник ништо не правиме. Гледај сега што е работата – одредени фасади во градот, без разлика кои, биле споменици на култура. Премиерот рекол вадете ги, да не се споменици на култура, за да ние си правиме што сакаме. Конзерваторски ги извадило, во планот влегле дека не се споменици“.

Членот 10 од македонскиот Закон за авторски права нагласува дека оригиналниот автор на архитектонското дело треба најпрво да има право на одбивање на извршувањето на планираните промени. Ако авторот „неоправдано“ одбие, сопственикот на објектот може да продолжи со активностите, но „тој е обврзан да ги почитува моралните права на авторот“.

Членот 24 го нагласува следново: „Авторот има право да се спротивстави на менување, деформирање или сакатење на делото, што може да наштети на неговата личност, чест и углед, како и на уништување на делото“.

Сепак, правните случаи во Европа во однос на авторските права на архитектите се сложени и бавни. Дури и во случај архитектот да го добие предметот, победата може да дојде предоцна за да се спаси изворниот дизајн.

Патот за реализација на проектот беше олеснет со Решението од 23 март 2012 година на Управата за заштита на културното наследство за престанок на заштитата на главната пешачка зона во центарот на Скопје именувана како „Централно градско подрачје II“, составена од над 130 објекти.

Одлуката беше објавена од македонското здружение на граѓани „Центар за културно наследство“. Како причина за преземање на ваквиот чекор е наведено дека просторот постанал „деградиран“ како резултат на несоодветно урбанистичко планирање.

Авторот на овој текст лично достави прашалник до директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ-Адамс, но тој одби да даде коментар за овој текст.

БИРН, исто така, испрати јасни прашања во врска со поплаките против „Скопје 2014“ и до Министерството за култура, но и од таму не доби одговор.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија, која неколку пати јавно се спротивстави на проектот „Скопје 2014“, исто така не одговори на прашањата.

Почит

Иронијата на нападот на архитектурата во Македонија е што остатокот од светот токму во моментов се освестува за вредноста на југословенскиот модернизам вели Маруша Зорец, професорка на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и една од основачите на evidenca.org, архив на модернистичката архитектура во Словенија.

„Светот навистина почна да посветува внимание на оваа архитектура, суштински да ги оценува нејзините архитектонски квалитети“, вели Зорец. „И ние сега истата ја уништуваме“.

Њујоршкиот Музеј на современа уметност „МоМА“ ќе оддаде почит на југословенската Модерна со изложба планирана за 2018 година.

Ко-кураторот Владимир Кулич вели дека таа ќе ја прикаже пост-земјотресната обнова на Скопје „како еден од возвишените моменти на интернационализацијата на архитектурата во периодот на Студената војна“.

Тој вели дека во изложбените експонати ќе бидат вклучени Македонската опера и балет и оригиналните цртежи и макета од планот на Танге за центарот на Скопје, кој никогаш не бил во целост реализиран.

Некои од објектите за кои е предвидено да бидат вклучени во изложбата досега го преживеаја рефасадирањето, „но други значајни примери беа променети до непрепознатливост“, посочува Кулич, вонреден професор на Школата по архитектура на Флорида Атлантик универзитетот во САД, во одговорот до БИРН испратен преку електронска пошта.

Тие го вклучуваат владиниот објект, некогашното седиште на Централниот комитет на комунистите. Изграден во 1970-тите години, архитектот Петар Муличковски се повикал на елементи од традиционалната македонска архитектура. Тој јавно се спротивстави на промената на фасадата.

Оригиналната творба за Кулич претставува „навистина значаен пример на модернистичкиот регионализам“.

„Длабоко е иронично дека објектот што го артикулира модерниот македонски идентитет низ инспирација од локалната верникуларна архитектура е преоблечен во смешна, неука верзија на меѓународниот класицизам токму во обид да се измисли наведената „македонштина“, вели тој.

БИРН го контактираше Жарко Чаушевски, архитектот кој стои зад новата фасада на владиниот објект, но тој по телефон изјави дека нема желба за интервјуа.

Фирмата „Архитектоника“, каде тој е директор, а неговиот брат Никола е сопственик, остави најголем белег на фасадите. Истражувањето на БИРН, објавено во јули 2015 година, откри дека на браќата им биле исплатени повеќе од половина милион евра.

Чаушевски во интервју за македонскиот информативен портал „Фактор“ во септември 2014 година ја објасни неговата преокупација со неокласицизмот.

„Зошто на многу фејсбук профили на граѓаните на Македонија, во позадината се гледаат градби од европските метрополи? Дали истите не произлегуваат од потребата да посочиме дека и ние сме дел од тие културни вредности! По мене, помеѓу голем дел од граѓаните, се чувствува потреба за јасно позиционирање дека… сме дел од европските културни вредности“.

Деловниот објект „Палома Бјанка“ пред да започнат работите за изведба на неокласицистичката фасада. 86-годишниот автор вели дека тој никогаш не бил консултиран / Фото: Бојан Блажевски

Деловниот објект „Палома Бјанка“ пред да започнат работите за изведба на неокласицистичката фасада. 86-годишниот автор вели дека тој никогаш не бил консултиран / Фото: Бојан Блажевски

Лазар Димов, еден од двајцата архитекти кои ја изработија новата фасада на објектот Сити Галери на Брезоски, лоциран на главниот плоштад во Скопје, по телефон одби да одговoри на прашањата кога беше контактиран од БИРН.

Димов, исто така, зеде учество во дизајнирањето на новата фасада на дел од објектот Палома Бјанка, модернистичка деловна зграда лоцирана на само неколку чекори од белиот неокласицистички дворец на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Оригиналниот архитект на објектот Палома Бјанка, Трајко Димитров вели дека одговорните никогаш не стапиле во контакт со него во однос на менувањето на фасадата.

„Боли сознанието кога како роден скопјанец и како автор на препознатлив објект во централното градско подрачје, твојот објект од субјект во простор ќе стане дел од сив, безличен групен портрет“, истакнува за БИРН Димитров, водечки член на повоената генерација архитекти.

Денес со своите 86 години, Димитров е фрлен во темнина, оставен да дознава за плановите за своите објекти од новинари. Во јуни, за време на подготовката на овој текст, беше поставено скеле на објектот Палома Бјанка, означувајќи ја првата фаза од изведбата на новата фасада.

„Дури и највредниот споменик од Византиското царство – црквата Св. Софија во Истанбул била „украсена“ со исламски симболи, но нејзината архитектонска светост е почитувана во доволна мера и тогаш и денес“, вели тој.

Луѓето мора да разберат, посочува Димитров, „дека ова не се објекти каде што е спорно авторското право, овде е спорен идентитетот на мојата држава“.

Трајко Димитров, 86, вели дека властите никогаш не го прашале за новата фасада на деловната зграда Палома Бјанка, која тој ја дизајнирал / Фото: Бојан Блажевски

Трајко Димитров, 86, вели дека властите никогаш не го прашале за новата фасада на деловната зграда Палома Бјанка, која тој ја дизајнирал / Фото: Бојан Блажевски

Политички врски

Македонија не е единственото место каде што модернизмот е нападнат, иако на ниту едно друго место интензитетот не е толку голем.

„Една од причините е што овој период сè уште не е препознаен како културно наследство бидејќи не е измината неопходната временска дистанца“, вели Маја Иванич, претседателка на Друштвото на архитектите на Љубљана.

„Другата причина е што многу луѓе, меѓу кои дури има архитекти и историчари на уметноста, ја поврзуваат модернистичката архитектура со политичката ситуација во тој период: ги потсетува на негативните сегменти на социјализмот, така што тие се обидуваат да ја видоизменат“.

Понастрана од Советскиот блок и од капиталистичкиот Запад, Југославија предводена од Јосип Броз Тито создаде сопствен тип на социјализам што им овозможи на Југословените степен на слобода и просперитет недостижен за нејзините соседи зад железната завеса. Многумина во сиромашните земји затечени од нејзиниот распад гледаат со доза на носталгија кон овој период.

Но, во случајот на Полска, на пример, архитектурата од комунистичката ера ја замислуваат како своевиден мамурлак од советската доминација, период што многумина Полјаци би сакале да го заборават. Дебатата за нејзината судбина трае со години наназад.

„Сега сме на половина пат“, вели полскиот архитект Лукаш Галусек уредник на „Херито“, стручно списание што го обработува архитектонското наследство од Централна Европа. „Ние знаеме дека тука постои вредност; ние успеавме да убедиме многумина. Но, сè уште постојат некои кои не се уверени во тоа“.

Во градот Катовице на југот на Полска, каде комунистичките власти успеаја да изградат ново централно градско подрачје, дел од граѓаните во 2010 година излегоа на протест против плановите за менување на ликот на главната железничка станица, кој истовремено е за многумина бруталистички бетон непријатен за гледање.

Протестантите на крај не успеаја да го спасат објектот од уривање, но и неколку децении по падот на комунизмот во Источна Европа, огромен дел од зградите во центарот на Катовице и понатаму остануваат нечепнати како светол пример на комунистичкото урбанистичко планирање, вклучувајќи ја тука и арената „Сподек“, чиј дизајн наликува на НЛО, изградена во 1971 година по повод 10-годишнината од летот на советскиот космонаут Јуриј Гагарин во вселената.

Наместо да ги срамнат со земја или да ги рефасадираат објектите, локалните власти посадија палми и поставија лежалки за плажа на централниот плоштад, испраќајќи ја пораката „Добредојдовте во утопијата“.

Центарот на јужниот полски град Катовице, изграден во комунистичка ера, главно недопрен, но декориран со лежалки за плажа и палми. Фото: Бојан Блажевски

Центарот на јужниот полски град Катовице, изграден во комунистичка ера, главно недопрен, но декориран со лежалки за плажа и палми. Фото: Бојан Блажевски

Галусек е запознаен со развојот на настаните во Скопје и актуелната состојба ја поставува во контекст на градењето идентитет по падот на комунизмот.

„Со ова се соочивме и ние“, вели тој. „Беше важно да се покаже дека националните култури имаат длабоки корени, и јас разбирам дека фалсификувањето игра извонредно важна улога во овој процес“.

„Ние Македонците“, вели тој, поставувајќи се самиот во улога на Македонец, „бевме окупирани од Турците, така што немавме можност да бидеме дел од Епохата, но ако имавме можност, ние исто така ќе имавме барок и класицизам како било која друга нација“.

Зорец од evidenca.org истакнува дека модернистичката архитектура во Словенија била доведена во опасност поради лошото одржување на овие објекти и промената на нивната намена со текот на времето.

Но, вели таа, опасноста не е толку голема како во случајот со Скопје.

„Не познавам ниту еден друг град на планетава каде зградите од еден период се трансформираат во некоја епоха од минатото“, вели таа.

Хрватскиот архитектонски критичар Мрдуљаш посочува дека е многу полесно да се мобилизира одбрана во случај кога е нападнато едно модернистичко здание.

„Кога целиот град ви е фронтално нападнат, тогаш е потешко“, вели тој. „Каде е тогаш линијата на фронтот?“

Неодамнешните промени откако Груевски се повлече од премиерската позиција му даваат на Брезоски одредена доза на надеж.

Специјалното јавно обвинителство во октомври отвори истрага околу изградбата на музеј како дел од проектот „Скопје 2014“. Обвинителите истакнаа дека високи официјални лица од Министерството за култура се под сомнение дека извршиле кривично дело, но не ги објави нивните имиња. Надлежното министерство одговори дека изградбата на објектот се одвивала во согласност со законот.

Како и да е, судбината на „Скопје 2014“ лежи во резултатите од изборите на 11 декември, како и од тоа дали ВМРО-ДПМНЕ на Груевски ќе ја задржи власта во свои раце.

Ниту еден од повоената генерација архитекти кои беа интервјуирани од БИРН не спомена дека планира своите поплаки да ги изнесе пред суд. Брезоски вели дека има друг план, ако му се даде шансата.

„Повторно би ги правел, ќе ги коригирам“ вели тој во однос на своите маскирани модернистички дела. „Имавме земјотрес, па ги поправивме работите. Нема друго“.

Бојан Блажевски пишува за веб-страницата за македонска архитектура, градежништво и урбан развој – Build.mk, Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network. Истражувањето е објавено и на Balkan Insight