Истражувањa

Авторите на „Скопје 2014“ го сменија изгледот на градот, но заборавија на отчетот

БИРН дојде до договорите потпишани со авторите, кои се објавени во Базата на податоци за „`Скопје 2014` под лупа“

Една од најголемите мистерии од проектот „Скопје 2014“ беше авторскиот дел, особено уметниците и вајарите на скулптурите, спомениците и фасадите. Поголемиот број од нив до 2010 година беа непознати за пошироката јавност, а кога се појавуваа пред медиумите, најчесто одбиваа да одговорат колку изнесувал нивниот хонорар.

„Не знам, жена ми ги води тие работи“, рече Дарко Дуковски кој заедно со сопругата е автор на двата лава на мостот „Гоце Делчев“, кога се поставуваа спомениците во 2010 година.

„Да ме прашате вакво нешто е еднакво на пцовка“, рече авторот на другите два лава,Константин Јанев, истата година.

Дарко Дуковски, еден од авторите кој зема големо учество во проектот „Скопје 2014“

Дарко Дуковски, еден од авторите кој зема големо учество во проектот „Скопје 2014“

БИРН дојде до договорите потпишани со авторите, кои се објавени во Базата на податоци „`Скопје 2014` под лупа“.

Пресметките на авторите често содржат округли суми, не се наведени детали за тоа колку или кои работници и вајари биле ангажирани, кој хангар бил изнајмен или пак, што значи ставката „останати ситни трошоци“, која во некои случаи стигнува и до 5.000 евра.

Добиените податоци овозможуваат да се направат и компаративни анализи за тоа кој е најплатениот автор, кои фирми се најчесто ангажирани за да ги изработуваат архитектонските решенија, како и сумите што им се исплатени на физичките и на правните лица.

Според документите, првите пет топ автори (физички и правни лица) кои имаат најголеми надоместоци за проектот „Скопје 2014“ се Валентина Стевановска, фирмите „Неимар Инженеринг“ и „Архитектоника“, Жарко Башески и Ангел Коруновски.

Над 130 физички и правни лица учествувале во подготовките на идејните решенија за новиот изглед на Скопје, а четирикратно повисока е сумата на лицата кои добиле награди или откуп за идејни решенија.

Една петина од авторскиот дел за Скопје 2014 ѝ припаѓа на Валентина Стевановска

Вкупниот надомест на авторите од проектот „Скопје 2014“ е 15,3 милиони евра од кои една петина завршиле кај Стевановска. На 6 јануари 2012 година, кога официјално беше промовирана Поратата „Македонија“, таа стоеше рамо до рамо со премиерот Никола Груевски.

„Сите напади кои ни криви ни должни ги преживеаја и уметниците од проектот ‘Скопје 2014’, можам да констатирам дека ги направија некои од нив познати, а некои барем попознати од претходно. Се разбира, со помош на своето дело, но и со голема помош од противниците“, изјави тогаш Груевски.

Валентина Стевановска на промоцијата на Портата „Македонија“ во јануари 2012 година

Валентина Стевановска на промоцијата на Портата „Македонија“ во јануари 2012 година

До него стоеше авторката на Портата, Стевановска, која дотогаш не беше позната по јавни вајарски дела. Според нејзината биографија, единственото вајарско дело пред да се вклучи во проектот „Скопје 2014“ е изработката на скулптура на Љубен Лапе во истоименото училиште во населбата Аеродром.

Стевановска дипломирала во 2004 година на Факултетот за ликовна уметност. Магистрирала во 2007 година и веднаш станала помлад асистент по вајарство. Во тој период, таа почнува да се вклучува во проектот „Скопје 2014“ – ја изработува Портата „Македонија“, „Воинот на коњ“ на Плоштадот „Македонија“, „Воинот“ (Филип II), повеќе скулптури на мостот „Око“, „Коњаникот“ во Гази Баба, „Христо Татарчев“…

Истовремено, таа се јавува и како донатор на повеќе споменици поставени низ главниот град. Нејзина лична донација е споменикот на Борис Сарафов. Во 2014 година, на првиот патронен празник на новото основно училиште во Аеродром, свечено беше откриен споменикот на Александар Македонски висок 3,5 метри, исто така лична донација од Стевановска.

Никола Петров Русински е еден од двата споменици што ги донираше Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, а бесплатно ги изработи Стевановска | Фото: БИРН

Никола Петров Русински е еден од двата споменици што ги донираше Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, а бесплатно ги изработи Стевановска | Фото: БИРН

Истата година, таа донирала два од седумте нови поставени споменици во центарот на Скопје кои беа откриени на прославувањето на 23 години на денот на независноста на Македонија. Дело на Стевановска се спомениците на Никола Петров Русински кој е поставен во близина на Универзитетската библиотека и на Св. Лидија, споменик поставен кај Плоштадот „Богородица“. Инаку, седумте споменици се донација од мистериозното Здружение на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, чиј претседател е Ташко Јованов, човекот кој во јавноста одбива да зборува за тоа од каде неговото здружение наоѓа пари за да донира толкав број споменици.

Стевановска за медиумите тогаш изјави дека спомениците ги изработила бесплатно.

„Не зедов хонорар, ги изработив бесплатно. Ме исконтактира тој постариот човек за да ги направам и нивното здружение ги покри трошоците за изработка на спомениците“, изјави таа во септември 2014 година.

Во авторските хонорари влегувале и материјали, закуп на простор и глина

За тоа колку инкасирале Стевановска и останатите уметници кои го работеа проектот „Скопје 2014“, долго време се шпекулираше во јавноста. За „Воинот на коњ“ на Плоштадот „Македонија“ првично беше кажана сумата од 650 илјади евра, на што Стевановска реагираше и изјави дека станува збор за трошоци и дека од тие пари за авторски хонорар ѝ преостанале 50.000 евра. Дел од уметниците се жалеа дека за хонорар не им останало речиси ништо, но документите и пресметките што ги поседува БИРН даваат увид во нивните пресметки и договори.

avtori-skopje-2014

Ако се погледне како Стевановска ја правела пресметката за „Воинот на коњ“, може да се види дека под авторски хонорар таа ги вклучила и идејниот проект, материјалите, работниците, транспортот на гипс и глина итн. Никаде во документите не е наведена прецизната сума за секоја ставка одделно, а според изјавата на ексградоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, авторите не давале отчет за тоа како ги потрошиле парите.

„Ова се трошоци што авторот ни ги прикажува и ние не го проверуваме дали е така, но во преговорите комисијата секогаш се обидува да му ги намали и да не му ги признае“, изјави Тодоровиќ во 2013 година кога даваше отчет за проектот „Скопје 2014“.

„Се надевам дека сите автори беа чесни“, додаде тој.

Останува отворено прашањето за тоа како е можно под ставка „авторски хонорар“ да влегуваат и работници и купување материјали и изнајмување простор, а ниту еден автор да не дава прецизни детали за тоа како биле потрошени средствата.

Ако се погледнат трошоците на останатите автори, се забележуваат суми кои биле предвидени за кафиња, пијалаци, изнајмување хангари, работници, транспорт, и сето тоа во договорите со општината Центар влегува во „авторски хонорар“.

Колку за пример, за изработката на „Цар Самуил“, авторот Димитар Филиповски предвидел дека за изнајмување хангар од 300 квадратни метри за 9 месеци ќе му бидат потребни 16.200 евра. За храна, кафе и пијалаци предвидел да се трошат по 2.000 денари дневно, за други трошоци 1.000 евра. Авторскиот хонорар за овој споменик изнесува 20.000 евра, а соработниците на Филиповски земале по 700 евра месечно.

Пресметката на авторот Димитар Филиповски за изработката на споменикот на Цар Самуил

Пресметката на авторот Димитар Филиповски за изработката на споменикот на Цар Самуил

Сумите за трошоци видно се разликуваат од автор до автор. Па така, авторот на споменикот „Македонските бранители“ предвидел дека за простор ќе му бидат потребни 3.000 евра и уште толку за осветлување и загревање на просторот.

Пресметката на скулпторот Мукаетов за „Македонски бранители“

Пресметката на скулпторот Мукаетов за „Македонски бранители“

Под ставката „други ситни материјали и услуги“, авторот навел сума од 5 илјади евра, а не напишал дека ќе земе хонорар за изработка на делото. За хонорар за стручни соработници пак, Кирил Мукаетов предвидел 11 илјади евра, но во финансиската конструкција не навел ниту колку соработници ангажира ниту колку време ќе работат тие. За ова дело Мукаетов пресметал дека ќе му бидат потребни 79 илјади евра.

Во некои од официјалните договори со авторите не е наведено дали во конечните суми е пресметан и данокот.

Не изработувале споменици, но си добивале награди

Од дел од документите со кои располага БИРН, може да се види дека често се повторуваат имињата на некои уметници кои добивале парични награди за идејни решенија. Тие не ги изработувале спомениците или скулптурите, но биле наградувани за нивните конкурсни трудови.

Ангел Коруновски, вајарот од Велес, само за награди за идејни проекти има земено 8,3 илјади евра, а Исмет Рамичевиќ околу 7 илјади евра

Ангел Коруновски добил 200.000 денари награда на конкурсот за изработка на идеен проект за подигање спомен обележје на Цар Самуил, 120.000 денари добил по истата основа за Христо Узунов, трета награда од 60.000 денари за Павел Шатев и втора награда од 120.000 денари за Кузман Јосифовски – Питу. Според ова, уметникот од Велес само за награди има земено 8,3 илјади евра.

Дарко и Елена Дуковски добиле 60.000 денари откупна награда за „Воинот“, 50.000 денари откупна награда за „Никола Карев“, 60.000 денари за „Воинот на коњ“… Жарко Башески зел 150.000 денари награда за „Воинот“, за „Воинот на коњ“ зел 3.000 евра заедно со Јован Стефановски Жан, Ивана Стефановска и Горан Стојаноски.

Исмет Рамиќевиќ бил награден со 150.000 денари за „Кирил и Методиј“, зел откупна награда од 60.000 денари за „Св. Климент и Наум“ и втора награда од 250.000 денари за „Македонските бранители“. Вкупно, само од награди, на сметката на овој автор се слеале повеќе од 7 илјади евра.

За споменикот на Методија Андонов – Ченто, Александар Ивановски – Карадаре ја добил првата награда на конкурсот од 300.000 денари, но споменикот го изработувал Димитар Филиповски, кој бил второнаграден со 200.000 денари. Александар Ивановски има земено и откупна награда од 50.000 денари за споменикот на Никола Карев.

Речиси е невозможно да се одреди колку вкупно пари се одлеале само за доделување награди на уметниците. Нив ги доделува посебен одбор формиран со одлука на општината Центар.

Според документите со кои располага БИРН, може да се пресмета дека средната вредност за наградите за еден конкурс (прва, втора, трета и две откупни) изнесува приближно 700.000 денари.