Регион

Бандиќ предлага преименување на плоштадот „Маршал Тито“ во Загреб

Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, најави дека ќе побара од градското собрание, плоштадот „Маршал Тито”, да биде преименуван во плоштад „Република Хрватска”.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Од протестите против преименувањето на плоштадот „Маршал Тито“ одржани на 22 јуни, за време на одбележувањето на Денот на антифашистичката борба во Хрватска. Фото: Свен Милекиќ

За да ги задоволи барањата на новата десничарска политичка партија, но и за да обезбеди мнозинство во градското собрание, градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, во понеделникот најави дека оваа недела, на седницата на новиот состав на собранието, ќе предложи, плоштадот „Маршал Тито”, да се преименува во плоштад „Република Хрватска”.

Новата партија на десницата, на чело со контроверзниот поранешен министер за култура, Златко Хасанбеговиќ и пратеничката во државниот парламент, Бруна Есих, на локалните избори што се одржаа на 21 мај, освои 5 од 49 пратенички места. Предлогот за преименување на плоштадот беше дел од изборната кампања на партијата, поради злосторствата извршени за време на владеењето на југословенскиот претседател Тито.

Бандиќ претходно велеше дека за предлогот треба да се одлучува по пат на референдум, но во понеделникот тој се премисли и најави дека во четврток ќе го даде својот предлог за преименување на плоштадот.

„Овој плоштад заслужува да го носи најубавото и најзначајно име на еден плоштад во Хрватска“, рече Бандиќ, на прес-конференција одржана на плоштадот во понеделник навечер.

„Мојот предлог до Комисијата за преименување на улиците и плоштадите ќе биде овој плоштад да се вика ‘Република Хрватска’”, додаде тој.

Предлогот на Бандиќ ќе го поддржи и ХДЗ, со што тој обезбедува тесно мнозинство од 25 пратеници во градското собранието. ХДЗ во понеделникот потврди дека ќе започне разговори за приклучување во коалицијата во собранието.

Хасанбеговиќ изјави дека е задоволен што ќе се смени името на плоштадот, иако тој сакал новото име да биде Театарски плоштад, затоа што тука се наоѓа Народниот театар на Хрватска.

„Цивилизациска хигиена е овој плоштад да не го носи името на лицето и симболот на југословенската комунистичка диктатура”, рече Хасанбеговиќ за хрватска Нова ТВ.

Овој плоштад го носел називот Театарски плоштад во 1945 и 1946 година и за овој назив силно се залагаат десничарските групи кои секој мај протестираат за промена на неговото име.

Од друга страна, пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија, СДП, Пеѓа Грбин, на својот Фејсбук профил напиша дека доколку ги немало партизаните, неговата родна Истра немало да биде во Хрватска, ниту пак тој ќе бил пратеник.

„Смрт на фашизмот, слобода на народот”, напиша Грбин на крајот од својата објава.

Социјалистичка Југославија ја презеде контролата над Истра кон крајот на Втората светска војна. Претходно, Истра, повеќе од 20 години, беше под италијанска контрола.

Антифашистички групи и левичарски партии соопштија дека преименувањето на плоштадот „Маршал Тито“ е дел од агресивниот обид за поткопување на хрватското антифашистичко наследство.

„Прашањето за преименување на плоштадот „Маршал Тито“, не е само укинување на славната историја, туку и укинување на нашата иднина. Нашата, и иднината на нашите деца, се на оној на кого е и плоштадот“, соопшти во понеделникот иницијативата „Плоштадот е наш“, која се противи на неговото преименување.

Од деведесеттите години, па наваму, многу улици што носеа имиња на антифашистички борци или единици се преименувани, а околу 3.000 антифашистички споменици се делумно или целосно уништени.

Инаку, Хасанбеговиќ, минатиот четврток, на одбележувањето на Денот на антифашистичката борба во Хрватска, рече дека одбележувањето на овој ден треба да се забрани и дека земјата треба да ги прославува само настаните од деведесеттите години, па наваму.

Во меѓувреме, политичката партија Нова левица, во понеделникот ги повика невладините организации, другите политички партии и граѓаните, да ја потпишат петицијата против промената на името на плоштадот.

Тито, по Втората светска војна, стана претседател на Југославија и на оваа функција остана сѐ до својата смрт во 1980 година.

Поради повоените злосторства и кршења на човековите права извршени во времето на неговото владеење, паралелно со економскиот, културен и социјален напредок на земјата, Тито и денес во регионот е контроверзна личност.