Регион

БиХ: Борците ги блокираа граничните премини

Бошњачките и хрватските воени ветерани, организираа заеднички протест, барајќи поголеми надоместоци од владата и доказ дека сите оние кои ги користат бенефициите за ветераните, навистина биле борци.

Ветераните се собраа пред зградата на федералниот парламент. Фото: БИРН

Игор Спаиќ, Сараево

Неколку стотици бошњачки и хрватски воени ветерани, ги блокираа во вторник граничните премини во Федерацијата Босна и Херцеговина, додека неколку десетици протестираа во центарот на Сараево, барајќи подобри бенефиции.

Поранешните борци, од кои дел се бореле меѓусебе во конфликтот меѓу Бошњаците и Хрватите од 1993 до 1995, што изби по нивната заедничка вооружена борба против босанските Срби, велат дека имаат исти барања.

„Ова е пример за тоа како нашите политичари можат да се договорат меѓу себе. Ние пукавме едни на други, а сепак, се договоривме за 15 минути, а тие не можат да се договорат за ништо веќе 25 години“, изјави за БИРН, Салко Лужиќ, еден од борците кои протестираа пред Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина, ФБиХ.

Борците бараа, Парламентот на ФБиХ да усвои Резолуција за бранителите, која ќе опфати усвојување на единствен регистар на членовите на вооружените сили на Федерацијата, како и исплата по 6 конвертибилни босански марки (повеќе од три евра) за секој месец учество на линијата на фронтот.

Поранешниот борец, Армин Пливчиќ, за БИРН изјави дека според нивните пресметки, има околу 229.000 војници на Армијата на Босна и Херцеговина, и околу 37.000 ветерани на Хрватскиот совет за одбрана – додека владата има бројка од 570.000 регистрирани борци.

Тие сакаат да знаат кои се овие дополнителни 300.000 ветерани што ги има евидентирано Владата на Федерацијата и дали тие добиваат бенефиции од, и онака, малиот буџет наменет за нив.

„Нашата влада нѐ заборави. Има луѓе кои на линијата на фронтот поминале 50 месеци, а сега немаат што да им дадат на своите деца“, вели Пливчиќ.

До ваквиот развој на настаните дојде по протестот на околу 200 незадоволни борци, одржан во понеделникот во Љубушки. Борците го чекаа хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, кој требаше да го посети овој град.

Човиќ не се појави, а ветераните најавија дека ќе ги блокираат граничните премини, доколку резолуцијата со која се регулираат нивните права, не се најде во вторник на дневниот ред на седницата на федералниот парламент.

Ветераните, во вторник, околу 11 часот, кога стана јасно дека оваа точка нема да биде ставена на дневен ред на седницата на парламентот, ги блокираа граничните премини Бијача, Горица-Вињани, Каменско-Триљ, Изачиќи и Орашје-Оџак.

Н1 телевизија објави дека претседателот на Претставничкиот дом, Един Мушиќ, изјавил оти задоволувањето на барањата на ветераните, ќе ја чини Владата околу 300 милиони босански марки (153 милиони евра).

„Ова моментално не е реално, но федералното министерство и Владата се целосно отворени во контекст на сите прашања на борците“, изјавил Мушиќ, пренесува Н1 телевизија.

Објавено и на Балканска транзициска правда