Регион

БиХ: Осуденик за воени злосторства избега за да не ја издржува казната

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Мирослав Дука со својот адвокат Дејан Богдановиќ. Фото: БИРН

Поранешниот припадник на полициските сили на босанските Срби во Билеќа, Мирослав Дука, не се појави на издржување на казната и се верува дека е во бегство, дознава БИРН.

Адвокатот на Мирослав Дука, Дејан Богдановиќ, изјави дека со месеци не е во контакт со својот клиент и дека нема информации каде е тој.

Како што дознава БИРН, откако Дука не се појавил во затворот на денот одреден за отпочнување на издржувањето на казната, полицијата не го нашла ниту на адресата на неговото живеалиште, поради што се верува дека избегал во Србија.

„Според достапните информации, тој подолго време не се пријавувал во полициска станица, а судот не бил информиран за тоа“, вели соговорникот на БИРН, близок до правосудните институции, кој сакаше да остане анонимен.

Апелацискиот оддел на Судот на Босна и Херцеговина, во август минатата година, ја потврди пресудата со која Мирослав Дука беше осуден на 12 години затвор.

Тој беше прогласен за виновен за мачење, претепување и злоупотреба на цивили од бошњачка и хрватска националност во станицата за јавна безбедност и во ученичкиот дом во Билеќа. Еден затвореник им подлегнал на повредите од претепувањето.

Дука бил еден од командирите на станицата за јавна безбедност во Билеќа.