Актуелно

БИРН организира конференција посветена на медиумските слободи

Одбележувајќи ја својата десетта годишнина, БИРН ќе биде домаќин на конференција за медиуми на која ќе се дискутира за клучни теми од оваа сфера и ќе бидат презентирани препораки од граѓаското општество на Балканот до владите во регионот за подобување на состојбата со медиумите.

birndecade

Регионалната конференција посветена на медиумите, со наслов „Предизвици за слободата на медиумите“, во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа, ќе се одржи во петок, 12 јуни, во Сараево. На неа раководителите на БИРН, како и медиумски експерти, ќе дебатираат околу главните пречки за слободата на медиумите на Балканот.

„Медиумите насекаде низ регионот се во целосно ропство на бизнисот и политиката. Во некои земји ситуацијата е алармантна“, вели директорот на регионалната мрежа на БИРН, Гордана Игриќ.

БИРН одбележува десет години постоење. Регионалната медиумска конференција со наслов „Предизвици за медиумската слобода“, се одржува како дел од прославата на десетгодишнината на БИРН.

БИРН е присутен насекаде низ Балканот со свои локални организации во Албанија,
Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Романија и Србија.

За своите уреднички потреби, БИРН исто така има и своја мрежа од новинари и уредници во Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Грција и повремено во Молдавија.

Организацијата има широко распространето медиумско присуство – онлајн, во печатените
медиуми, на телевизија и на радио. Централната веб страница www.balkaninsight.com, една од 15-те веб страници што ги подготвува БИРН, е читана во повеќе од 200 земји низ светот.

Некои од клучните проблеми кои БИРН ги идентификуваше на Балканот се недостаток
од слобода на говор, губење на медиумската независност, недостаток на добро владеење,
отсуство на анти-корупциски мерки, тежок пристап до правда и права, како и неможност
на граѓанските организации да се посветат на прашањата од јавен интерес.

„Верувам дека е важно работите да се погледнат од регионална перспектива. Некои од проблемите се специфични, но некои се заеднички за сите балкански земји. Со цел да се справиме со нив, ни треба единствена, заедничка иницијатива“, вели Игриќ.

Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, ќе им се обрати на учесниците преку видео порака, додека професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, ќе претстави листа со препораки до балканските влади за унапредување на состојбата на медиумите во регионот.

Препораките се резултат на заедничкиот труд на повеќе од 30 медиумски професионалци и експерти кои се собраа во Сараево еден ден порано, на регионалната работилница за слобода на говорот. Тие дискутираа прашања поврзани со работничките права, државното финансирање на медиумите и јавните сервиси, медиумскиот пазар, транспарентноста на медиумското сопствеништво, како и претставувањето на ранливите и маргинализирани групи.

Помеѓу експертите кои зедоа учество во подготвувањето на препораките се Ремзи Лани од Албанскиот институт за медиуми, Ајша Рокса Зубчевиќ од Босанската регулаторна агенција за електронски комуникации, Саша Лековиќ, претседател на Хрватската новинарска асоцијација, косовскиот правобранител, Сами Куртеши, Дејан Георгиевски од Македонскиот центар за развој на медиуми, како и Тања Јакоби од Српскиот центар за развој на синдикализмот.Експертите со собраа во Сараево како дел од Форумот за граѓанско општество во Западен Балкан, заеднички проект на фондациите ЕРСТЕ и „Фридрих Еберт“ и на институтот „Карл Раинер“, во блиска соработка со Австриското федерално министерство за Европа, интеграција и надворешни работи.

Форумот за граѓанско општество во Западен Балкан нуди уникатна можност претставниците на граѓанското општество од Југоисточна Европа да го искажат своите мислења и да формулираат конкретни барања до високите претставници на Европската унија, нејзините земји членки и до владите на земјите од Западен Балкан.

Препораките кои ќе бидат презентирани во Сараево ќе станат дел од поширокиот пакет на препораки од страна на граѓанските организации на Самитот за Западен Балкан во Виена, кој ќе се одржи во август.

Самитот е продолжение на таканаречениот „Берлински процес“, што беше инициран во август 2014 година од страна на германската канцеларка, Ангела Меркел, со цел да ја покаже понатамошната политичка посветеност кон идното проширување на Европската унија во Западен Балкан.