Регион

Бивши припадници на ХВО обвинети за злосторства во Мостар

Албина Соргуч, Сараево

Стариот мост во Мостар. Фото: БИРН

Судот на БиХ во четврток ги потврди обвиненијата против 11-те поранешни припадници на ХВО, Неџад Чориќ, Јуре Кордиќ, Дражен Ловриќ, Дарио Сушац, Неџад Тинјак, Нухан Шикало, Дарио Михаљ, Станко Шкобиќ, Томислав Анчиќ, Маринко Шуњиќ и Славко Големац, за злосторства против човештвото.
 
Обвинети се дека од јули 1993 до март 1994 година учествувале во сеопфатен и систематски напад, во кој повеќе од 70 бошњачки цивили од областа на Мостар, биле незаконски уапсени и однесени во логорот „Војно“, каде што биле држани во нехумани услови.
 
„Со нивните дела, тие извршиле или на друг начин придонеле во извршувањето на различни форми на физичко, психичко и сексуално насилство, и придонеле за влошување на условите во логорот, кои биле брутални и деградирачки“, се вели во обвинението.
 
Обвинителството соопшти дека сите обвинети биле припадници на првиот баталјон на втората бригада и на казнената бригада на ХВО.
 
„Целта била затворање, малтретирање и прогон на бошњачкото цивилно население од територијата на хрватската држава Херцег-Босна“, се вели во обвинението.
 
Херцег-Босна беше самопрогласена држава на територијата на БиХ, под водство на Хрватите.
 
Стотици бошњачки мажи од кампот „Хелиодром“, кој се наоѓал јужно од Мостар, според обвинението, биле носени на принудна работа.
 
Како што се додава, цивилите биле незаконски притворани во логорот во местото Војно, каде што биле држени во деградирачки и нехумани услови во гаражата и подрумот на една куќа, и биле подложени на физичко и психичко малтретирање .
 
Познавајќи ја природата на таквиот систем, а со намера да го унапредат, обвинетите, според обвинителството, свесно учествувале во здружен злосторнички потфат, заедно со Марко Радиќ, Драган Шуњиќ, Дамир Брекало, Мирко Врачевиќ и други.
 
Судот на БиХ во 2011 година, го осуди Радиќ на 21 година, Шуњиќ на 16, Брекало на 20 и Врачевиќ на 12 години затвор, за злосторства извршени во Мостар, кои вклучуваат убиства, силување, тортура и други нехумани дела.