Астротурф граѓанство

Без разлика дали сегашната власт ќе ја окарактеризирате како демократска, диктаторска, фашистичка, или популистичка, несомнено една од главните карактеристики по кои ќе биде запомнета владата на Никола Груевски е маркетингот, т.е. ПР стратегиите со кои владее. И во локални, но и во светски рамки, сегашнава влада се набљудува и карактеризира како еден многу успешен пример за тоа како се обезбедува поддршка преку масовните комуникации (изборниот инженеринг и другите ‘техники’ не ми се тема во моментов).

Според последните податоци достапни од Бирото за јавни набавки, околу 4 милиони евра минатата година, и речиси исто колку и за кампањите во претходните три години, биле потрошени на секојдневното бомбардирање со разните реклами за АЕК, Електрани, здравството, покрај кампањите за толеранција, почитување, против дрогата, алкохолот… Да не започнуваме и за многуте документарни филмови кои ја интерпретираат историјата на Македонија според сфаќањата на владејачката партија, или пак за проектот Скопје 2014 и неговата ПР употребна вредност.

Една многу маркантна појава е и употребната ПР вредност на граѓанското општество во последните 4-5 години, која би ја објаснил преку терминот астротурфинг.

Астротурф е термин кој буквално ја означува вештачката трева која ни е добро позната од многу спортски терени, а чија економска логика е заштедување на средства потребни за одржување на природната трева.  Неговото преносно значење се популаризира во средината на 1980-тите години во САД од страна на сенаторот Лојд Бентсен, кој опишува како осигурителните компании испраќале лажни писма од граѓани кои требале да го убедат да ги поддржи нивните интереси.

Според денешното сфаќање, астротурфингот е техника на центрите на моќ кои инсталираат популарна подршка за своите интереси без притоа да ја наведат својата поврзанот – рекламирање без наведување на изворот на рекламирање. Особено во ерата на интернетот, големите компании и политички центри на моќ го користат астротурфингот во голема мера. Всушност, самиот термин (вештачка трева) означува спротивност на грасрут организирањето (природна, изворна трева) која е автентична форма на граѓанско здружување ‘од долу нагоре’.

И така повторно се враќаме на тлото на Македонија, и вклопувањето на граѓанското општество, или граѓанскиот активизам, во ПР мозаикот на сегашната власт. Би се задржал на она што можеме да го видиме како уличен граѓански активизам. Македонските астротурф-граѓани ни доаѓаат во две форми: оние кои протестираат против граѓанските организации и иницијативи, и оние кои протестираат против опозицијата.

Примери од првиот случај ни доаѓаат во т.н. контрапротести, термин кој е многу присутен во јавниот дискурс во Македонија. Едно од првото запознавање со ваквиот астротурфинг беше во март, 2009 година на плоштадот Македонија, кога студентите и граѓаните кои протестираа против изградбата на црквата се соочија со една агресивна толпа на ‘верници’ која и физички ги нападна. Други интересни случаи беа и оние кои не беа директен атак кон оригиналните иницијативи, туку обиди за нивно делегитимирање или дефокусирање. Такви примери се, секако,  младите луѓе кои протестираа ‘против политизацијата‘ на протестите за смртта на Мартин Нешковски, и Изгор приватизација, кои протестираа против приватизацијата на ЕСМ од 2006, само што тоа беше направено токму во истото време на протестите на иницијативата АМАН. Останати примери се контрапротестите на докторите и стечајците, или пак студентските протести за поддршка на Законот за високо образование во 2011 како одговор на протестот на професорите.

Од вториот случај, интересни беа живописните протести на земјоделците пред седиштето на СДСМ во Скопје, како и оние на пензионерите во Велес. Таков беше и протестот на уметниците, за донесување на буџетот за 2013 година, а против блокадите на истиот од страна на опозицијата. Сепак, најстрашни беа насилните протести пред општина Центар, предизвикани од тотално погрешни и наметнати информации дека градоначалникот Жерновски ќе руши цркви.

Оттука и излезе уште едно име за овие граѓански активисти – сендвич-демонстранти, поради фактот дека организирано им беа делени сендвичи. Смешен, но и помалку тажен, пак, беше последниот случај на фантомското здружение на Ромите од центар, кои, наводно, подржуваа изградба на зграда во ‘ромски’ стил.

Примери има уште многу, но на сите ни е јасна логиката. Како и вештачката трева, и астротурфингот и ја олеснува работата на власта. Наместо вистински успех во владеењето, како подобрување на економската состојба, спречување на корупцијата или заштитата и унапредувањето на човековите права и слободи, полесно е да се собере одредена група на граѓани и да се натера да протестираат и да создадат слика за успехот на владата и неуспехот на сите други.

Во теоријата, астротурфинг учесниците се плаќаат од страна на компаниите во чиј интерес работат. Во Македонија, ситуацијата не е потполно таква, бидејќи влогот е дури и поголем. Возможно е дека некои луѓе земаат дневница за учество во вакви настани, но поголема е веројатноста дека истите се и членови и симпатизери на владејачката партија, се вработени во државната администрација, или им се ветува вработување, или пак се работи за вработување на член на семејството.  Многу од учесниците можат да се најдат на повеќе од еден настан, и да играат различна улога (стечаец, социјалец, земјоделец, уметник) во склоп на потребата. Истото беше на неколку наврати и докажано од страна на медиумите, како и нивната поврзаност со партијата.

Ваквите појави имаат поголема корисност за нарачателот, нам добро познат. Создаваат слика за едно развиено и разновидно граѓанско општество, даваат илузија за поддршка за владините политики меѓу граѓанството, и работат во насока на дискредитирање на оние иницијативи кои и се противат на власта.

Сепак, во македонската политичка култура постои и едно различно гледање, а тоа е еден циничен поглед дека поголемиот дел од македонскиот граѓански активизам е резултат на астротурфинг. Ако не го прави моменталната влада, тогаш го прави опозицијата, а најмногу веројатно е дека тоа се странските фондации и интереси, во прв ред Сорос преку сите организации финансирани од неговата фондација.

Спрема ова сфаќање, во Македонија не постои автентичен граѓански активизам, освен неколку мали иницијативи и организации кои успеале самостојно и без средства од разни фондации да ги реализираат своите активности. За тоа која е вистинската слика на граѓанското општество во Македонија, перцепцијата зависи од нивото на граѓанска свесност, информираност и образованост кај населението, што е уште еден долготраен предизвик за целокупното наше општество. Гореспоменатиот американски сенатор изјавил дека нормален граѓанин од Тексас може да разликува вистинска од вештачка трева’. Но, можеме ли ние?

Димитар Николовски е докторанд на Полската академија на науки, Варшава и автор на студијата “Предавници, платеници, и сендвич-демонстранти: Граѓанскиот активизам во македонскиот јавен дискурс”.