Дуќанчиња. Мали дуќанчиња! Во појасот Газа.

Се сеќавате на изјавата на еден сопственик на медиум кој зборуваше за „дуќанчиНА“ за „мали дуќанчиНА“ од кои не можат да се направат милиони, како што сакаше да прикаже власта, расплетувајќи ја медиумската „пајажина“? Се сеќавате на сите шеми исцртани во полицијата за тоа како ја плетел пајакот неговата мрежа, за „бугарскиот“ воз кој го применуваа полицискиот портпарол и директоот на УЈП, кои трчаа од вестите на една телевизија во отвореното студио на друга телевизија за да објаснат детали уште од предистрагата преку која не убедуваа во криминалните медиумско-пиљарски бизниси (мало дуќанче  = пиљара).

Тоа и не беше така одамна, да речеме пред само 3 години и некој месец. Некако, во истиот период како и тогаш, декември-јануари сега ни се повторува слична ситуација, повторно се говори за некаква медиумска спрега, во која сега се вклучени првите луѓе или ударните тупаници во телевизии и весници, силни поддржувачи на владејачката структура. Но, овојпат, новата медиумска пајажина да ти била сплетена од видот „црна вдовица“, чиј отров така силно се разлеа, што не делува никаков противотров! Удрија новинари против новинари, стана грев да имаш фирма, па макар преку неа и да си самовработен, стана грев да имаш некое автомобилче, едно декарче бавчичка и уште нешто ситно. А, зошто излезе дека е срамота? Само затоа што некој успеал да заработи милиони, па му е срам да е во исто друштво со овие кои се жива мизерија во споредба со него. И затоа, удри сатарот, сечи глави, ништи го троскотот дури не фатил корен. Ама принципи, стандарди, правила?! Море какви стандарди, гази преку лешеви и јавувај дали некој уште мрда! Па се најдоа фирми и на комшии, на ликови знајни и незнајни, каде што никого не го интересира што е точно, туку само колку што може поцрно да изгледа.

И што добивме по оваа кампања во последниве месеци? Нова Газа! Појас, во кој движењето е повеќе од опасно, летаат глави за ништо, се пука од сите можни рафални оружја, кои братски се помагаат и се надополнуваат, па очекувано, човек не знае ниту како, ниту каде да бега, во обид да се спаси. Џабе што бев во војска, таму не беше познат ваков безобразен напад, па немавме обуки како да се спасиме. Да ве потсетам на една кутра женичка од кумановско на која локалната надојдена река два пати и ја поплавуваше куќата: „Иде Дунав. Душа мила, ризик јак. И да погинеш колку можеш ќе се спасеш“ искрено одговори жената за „цунамито“ што го преживеала. Е, сега, во таква ситуација се втурнати и новинарите. Се пука од сите страни, па само тој што ќе се спаси, ќе може да раскажува, што ни се случи.

Никогаш, верувајте никогаш, медиумите не ги преземале хајките против одредена група што ја водел некој медиум, ако во тоа сите препознале јавен линч, меѓусебна нетрпеливост, непрофесионалност. Да се потсетиме на серијата прилози на непостоечката А1 за Трифун Костовски, за кампањата што се водеше за ѓубрето низ градот, кога се блокираше пристапот до кејот со телевизиско возило, кога се поставуваа монтажни студија на плоштад. Ова е еден пример, иако имаше повеќе и од различни медиуми. Но, тогаш никој од другите медиуми не ѕиркаше во контејнерите да брои колку вреќи со ѓубре има за да го напаѓа градоначалникот. А, сега? Е, сега е она најстрашното. Колку е понепрофесионален текстот, колку е поплукачки, толку е повреден, па портали на кои не им се знае ни име ни презиме, скриени зад нечии компјутери во некакви тајни штабови штанцаат памфлети, кои понатаму стануваат главни вести на националните телевизии. Порталот кој објавил веќе не е ни важен. Ниту кој е, ниту дали зад него стои некаков партиски подмладок, друга машинерија, тајни служби или незнам какви се не центри на моќ. Страшното е што националните медиуми станаа мегафони пренесувајќи ги овие работи, ама демек со ограда, дека тоа не е нивно, туку некој друг открил. Да не се лажеме, на оваа почва, со два милиони луѓе (плус или минус не знам, поради немање податоци од понов попис) се знае секој со секого. Да не зборувам дека во моиве 18 години работа во навидум сериозното новинарство во Македонија, речиси осум години поминав во „Сител“ телевизија, пет години во „Канал 5“, и над четири години во „Фокус“, дневен и неделен, неколку месеци во „24 Вести“. Во меѓувреме соработував со десетици домашни и странски медиуми, весници, портали, радија, телевизии.

Е, во целото ова време, имав можност да ги видам газдите на големите медиуми кога на големо се продаваа и кај едната и кај другата партија, кога навиваа де за едните, де за другите, кога медиумите ги користеа како играчки за остварување на профит, кога ги тераа новинарите да одработуваат агенди, но и кога новинарите се истакнуваа сами во „плукањето“ желни за позиција, некој хонорар плус, некоја бенифиција. Значи, сум бил тука и кога биле професионални, но и кога го допираа дното. Во периодот на моето работење во „Канал 5“ имав чести караници со тогашните уредници, но не за тоа дали треба да се пишува за нешто или некого, туку како и до кога да се пишува за одредена тема, дали се исцрпени сите аспекти за расветлување на темата. За жал, сега имате само краток коментар дека за тоа нема да се пишува и толку. Не дај боже да прашате зошто, да се спротивставите. Но, не од страв дека ќе влезат во дебата со вас, туку затоа што немаат аргументи за тоа. После месеци и месеци пишување за смртта на новинарот Владо Танески, морав да кренам „рачна“ и да побарам да објавам и некоја друга сторија зашто си станав досаден сам на себе по објавени над 50 прилози, а не за гледачите. Нека најде сега некој тема во нашиве медиуми каде што се истражуваат корупциски скандали, каде што се повикуваат министри на одговорност, каде што темата која ја отворил медиумот, другите ја пренеле, ја прошириле, ја истражиле. Во периодот на моето работење во „Канал 5“ имаше многу случаи кога информациите пласирани во главниот дневник, беа пренесувани на насловната страница на „Дневник“, кој тогаш, сакале да признаеме или не, беше неколку веселенски станици пред ова што е сега. И тоа во изданието кое речиси беше целосно пуштено во печатница. Значи, се следеле другите медиуми, се цитирало и објавувало тоа што е нависитина важно! Еве, да споменам само мал дел: за тужбата што ја поднесе сопругата на Претседателот Борис Трајковски против државата, за разрешување на судијка од Врховниот суд поради неморал, за убиството во затвор, за шверц на оружје и серија други теми кои беа цитирани и пренесувани. Кој видел сега тема што е отворена на телевизија да е цитирана или пренесена во весник, да е доработена? Не, не мислам на овие теми кои ги диктира некаков партиски центар, па тие по дифолт се штанцаат по медиумите. Тоа не е ниту преземање, ниту цитирање, туку тоа е ширење на срамот од кој некое наредно утро кога некаде и некогаш ќе се сретнеме, ќе се срамиме сите. Зарем сите сме убедени дека некои генерации по нас ова нема да го оценат како црно петно во демократските години на Македонија?

Замислете што ќе зборуваат генерации по нас, на што ќе се восхитуваат, на плуканиците кои ќе останат архивирани и ќе ја покажуваат сета приземност, наша, на државата, на властодршците. Ако ние ги споменуваме историското Горно Врановци и печатењето на првиот број на „Нова Македонија“, па подоцна на „Вечер“, а во меѓувреме и Македонското радио и Телевизија, што ќе констатираат некои нови генерации за сегашниот тренд на портали кои ги има на кило и кои се претворија во ѕид на срамот, на кои има се, од плукање до клевети и навреди, само нема вести. На некои од нив нема ни „Н“ од новинарство, колку и да се трудат тие да го кажуваат спротивното. Дали сме свесни дека сега е време на нов тренд кој се вика новинарско самоубиство. Како да го објасниме фактот дека сите тврдат дека се новинари и пишуваат по разни портали, а не се потпишуваат? Во новинарството треба да сте достојни, па да ги соберете и ловориките и трњето. Која е таа храброст, да можете и да знаете да пишувате, а да не се потпишете. Верувајте, тука веќе не станува збор за храброст и за професионализам, туку за кукавичлук и срам. Има ли полошо од тоа да немаш идентитет, да се затскриваш зад компјутер, да блуеш оган и да заминеш дома на крајор од денот и мирно да заспиеш? Нема пари кои би можеле да го оправдаат тоа, верувајте. Наводно, новинариве не се потпишувале на порталите оти работеле и во други медиуми! Е, навистина големо оправдување! Во овие 18 години сум работел и работам во исто време за повеќе медиуми, работам на разни проекти и на сите нив, без исклучок стои мојот потпис. Потписот на еден, за некого мал, за некого голем, но секогаш, потпис како идентитет за човек! Затоа, време е да ги симнеме маските, да престанеме да глумиме лудило, да черечиме луѓе и да пиеме крв. Тркалото се врти, па денеска еден е горе, друг е долу. Достоинството тешко се стекнува, но лесно се губи. Има луѓе со кои сум пиел секој ден кафе, со кои сум делел и добро и лошо кога немале пари ниту за автобус, за сега, кога се открива дека тие луѓе имаат милиони на конта, скапи возила, станови, да не ми падне на памет да седнам со нив, да посакам да се напијам кафе. Не, парите не биле и нема да бидат магнет за човечноста кај човекот со кои секогаш би можел да ги привлекува пријателите. Оваа ситуација ме потсетува на новогодишната елка. На таа која ја купуваме, ја китиме, и се радуваме, но сетоа тоа е така додека не поминат празниците. Потоа, таа елка, жална, раскитена, завршува на буниште или во некој подрум, чекајќи ја следната нова година и новите украси. Но, без оглед колку и да изгледа отмено и накитено, сите знаеме, дека тоа е лажниот сјај на елката. Така и во новинарството, од дуќанчињата, од малите дуќанчиња наменски отворени за поддршка на личните апетити еве се покажа дека можело да се заработат и милиони, може и да се ужива, да се градат спортски терени, да се шета светот, но тоа, нема да направи никого професионалец. Човек, кој еднаш се „поддал“ некому, толку од чесноста. Тојсекогаш ќе биде „тапшан“ по рамо, но не затоа што е квалитетен, туку, затоа што знае добро да меша во нечиј скут (не секогаш контекстот мора да има сексуална конотација).

Затоа, дајте да се договориме каде да ги поставиме црвените линии. Каде ќе биде појасот Газа, која ќе биде линијата што не ќе смеат да ја поминат едните или другите за да не се најдат во вкрстен оган кој грми од сета можна артилерија. После се низ што помина новинарството во изминатиов период тешко дека некој и некогаш набрзо ќе седне заедно и ќе испие заедно барем едно кафе.

А, не така одамна, барем до пред 7-8 години, кафулињата на кеј беа полни со новинари од сите редакции, кои не се договараа за кафе, туку помалку стихијно, ритуалски доаѓаа и се приклучуваа, се ширеше кругот, па, ако седнале двајца, на крајот стануваа најмалку 20 од десетина медиуми. А, денеска? Тешко дека ќе споите 20 од толку медиуми, па макар нив и со боринче да ги барате. Денеска нема мешање, нема муабет. А, нема, затоа што сите се презафатени во одработување на нечии агенди. Сите се наклонети на тн. државна цицка, кој помалку, кој повеќе цица млеко, а плука оган. Апетитите пораснаа, дуќанчињата станаа супер маркети, ама во нив сјае само лажниот сјај! Додека новинарите се пресметуваат меѓу себе, јавноста и политичарите гледаат сеир. Но, на крајот кога стана јасно дека „Дунав“ ја однел довербата и почитувањето кон професијата нема назад, штетата е ненадоместлива. Сега нема веќе и да „погинеш колко можеш ќе се спасеш“. Сите заедно се удавивме!

 Авторот е новинар