Гнасна кампања на власта против младите

Блог на Џабир Дерала

Средношколскиот Пленум ги продолжи своите протести против лошите реформи во образованието. Револтирани од потполното отсуство на слух од институциите кои на протестите одговорија со гротескниот обид да ги поткупат младите на оваа земја со таблет, средношколците, поддржани од родителите и совесните наставници, громогласно ги бараат своите права и квалитетен образовен систем. Средношколците се охрабрени особено од своите повозрасни колешки и колеги на универзитетите и побогати се за искуството кое го стекнаа додека солидарно маршираа заедно со нив за време на демократската пролет во декември, како што многумина го нарекоа студентското движење од крајот на минатата година.

Барањата на средношколците се едноставни и скромни и се однесуваат на лошите реформи во образованието кои само дополнително ги оптоваруваат и нив и нивните родители, а не им носат ништо добро. И издржаа. И маршираат. Наспроти сите притисоци, уцени и закани кои ги трпат од власта.

Институциите, навикнати на систем на владеење кој комбинира поткуп, односно клиентелизам, со насилие од најразличен вид, го практикуваат тоа сега и врз нашите малолетни сограѓанки и сограѓани. Прегазувајќи го правото на протест, кое е неприкосновено и заштитено со Устав и закон, власта на најразлични начини се справува со средношколскиот револт.

Притисокот врз средношколците, како и оној врз студентите, прерасна во кампања која изненадува со својата вулгарност и ниското морално ниво на оние што ја водат. Црната кампања против нашите млади сограѓан(к)и ги исфрли во јавноста летоците и плакатите со мизерна и манипулативна содржина.

crna-kampanja-1-470x246

Средношколците се етикетираат дека се платеници на Сорос, дека работат за опизицискиот лидер Зоран Заев и што не, преку летоци со одвратна содржина

Средношколците се етикетираат дека се платеници на Сорос, дека работат за опизицискиот лидер Зоран Заев и што не, преку летоци со одвратна содржина. Во една скопска гимназија се појавија постери дека средношколците кои биле поактивни во Средношколскиот пленум, наводно биле платени по 10.000 денари за организирање протест. „Ако не ние, кој? Ако не сега, кога? Ако не за Заев, за Сорос!“, „Образованието е оружје кое Заев го употребува против владата“ се дел од пораките кои кружат низ земјава потпишани, лажно, со Средношколски пленум. Навредливо, манипулативно, ниско.
Независните медиуми и невладините организации, меѓу кои и ЦИВИЛ – Центар за слобода, ги споделија со јавноста информациите за поплаките од родителите кои сведочат за постојан притисок. Преку учениците, власта упатува закани дека ќе ги избркаат од работа ако средношколците не престанат да протестираат.
Низ целата земја се врши силен притисок токму од оние кои се најповикани да се грижат за доброто на младите. Директорот на гимназијата во Битола им „објаснувал“ на координаторите на класовите дека вклучувањето во Средношколскиот пленум и учествувањето во протести не било добро за нив.
Во Ресен, покрај заканите, на учениците на средното училиште им биле нудени 20-50 денари да не излегуваат на протест. Во Скопје, Кавадарци и многу други места низ Македонија на учениците им се заканувале дека ќе добиваат неоправдани изостаноци за цел ден, без оглед на тоа дали ќе отсуствуваат само еден или два часа. Им се заканувале и дека ќе мора да учат во сабота, дека нема да одат на екскурзија, но дека ќе има и „други, уште потешки санкции“.
Локални партиски активисти од УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци се обиделе физички да го спречат средношколскиот протест. На Фејсбук страната на општина Кочани се појави текст со остри обвиненија против средношколците и тврдењето дека се под диктат на опозициската СДСМ.
Властите се однесуваат кон учениците како да се предмети во нивна приватна сопственост. Фрапантна е реакцијата на партиските војници меѓу наставниот кадар и раководствата на училиштата. Тоа е срамно послушништво на лош систем, наспроти оние поради кои наставниот кадар постои – учениците и студентите.
sredno

„Ќе паднам матура заедно со системот“ – духовито забележуваат средношколците преку еден од многуте транспаренти во долгата неколкуилјадна поворка во Скопје / Фото: С.Ј. Марушиќ

Но, на протестот пред МОН во Скопје сретнав и неколку наставници од средните училишта. Тие ми кажаа дека се горди на своите ученици, на нивото на свест и солидарност. Беа свесни дека и нив ги очекуваат притисоци и закани, можеби и откази.
„Чувството на солидарност и обврската да ги поддржиме нашите ученици е посилна од заканите“ – ми вели професорката од едно средно училиште.
„Денови ли се денови, средношколски маки големи! Ние не сме некои кои можат да бидат лесно изигнорирани и изманипулирани. Баталете ги сите политички партии, ние сме вашата закана, од нас треба да се плашите – рече Евгенија Јанакиеска од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ на протестот пред МОН во Скопје.
И во право е!
„Ќе паднам матура заедно со системот“ – духовито забележуваат средношколците преку еден од многуте транспаренти во долгата неколкуилјадна поворка во Скопје.
Никој нема потреба да биде платен за да ги брани своите права и правата на сите граѓан(к)и. Но, се поставува прашањето: Кој ја плаќа црната кампања против нашите млади? Дали летоците и плакатите со таква гнасна содржина ги плаќаат граѓан(к)ите на Република Македонија и кој го узурпирал правото да располага со тие пари за да малтретира и навредува?
Ова е гнасна кампања против младите кои на мирен начин протестираат против владината образовна ступидарија. Тоа мора да престане веднаш, а одговорните за ваквите политики и практики да бидат земени на одговорност.
Авторот е директор на невладината „Цивил“ и активист за човекови права