Изјавите и ставовите на отец Бобан Митевски се автентични

Во рамките на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите со граѓанскиот сектор на БИРН (Балканска истражувачка репортерска мрежа) поддржан од УСАИД, на 9. септември оваа година, на веб-страницата „Призма“, во форма на новинарска сторија, објавени се резултатите од повеќемесечно, длабинско истражување на се почестата појава на „маркирање“ на териториите со верски објекти или национални обележја и последиците кои ваквите обележувања  на територии  ги предизвикуваат.

При реализација на овој проект разговарав со петнаесетина релевантни соговорници со цел да ја добијам вистинската слика за бројност и функционалност на верските објекти и обележја во Македонија и нивната географска распореденост, како и тоа дали се тие во функција на задоволување на верските потреби на граѓаните или претставуваат и маркери на одредни географски простори  според етничката припадност на населението на тие простори.

Сите соговорници при истражувањето коректно ме примија и беа отворени во разговорите, на што, уште еднаш им изразувам длабока благодарност.

На мое големо изненадување и разочарување, неколку дена по објавувањето на текстот и резултатите од истражувањето, на „24 вести“ се појави изјавата на отец Бобан Митевски, професор на скопскиот Богословски факултет и шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ ОА, во форма на демант, под наслов „Несум дал никаква изјава“, во која порекнува дека на оваа тема разговарал и дека изнел констатации и заклучоци кои се наведени во извештајот од истражувањето.

Затоа морам да го потсетам.

Почитувани господине Митевски на почеток на јуни месец оваа година по неколку телефонски разговори се договоривме да оствариме средба и разговор на горе посочената тема. Средбата која Вие сте ја заборавиле ја одржавме на 11. Јуни во вашиот кабинет во просториите на седиштето на МПЦ ОА. Разговорот беше закажан за 10 часот, но вие задоцнивте половина час од оправдани причини поради обврските на факултетот. Чекајќи ве, тоа време го поминав во благопријатен разговор со службениците и луѓето на Архиепископијата, при што добив и некои интерни матерјали за лично запознавање со работата на МПЦ како штое Службен лист на МПЦ кој инаку не е во слободна продажба.

Од 10,30 часот на истиот датум, до 13. Часот, значи, скоро полни два и пол часа водевме многу интересен, отворен и конструктивен разговор во кој Вие со полна одговорност ги коментиравте моите прашања.

Сканирани, во прилог се стенографските белешки-транскрипт од нашиот разговор од кои се гледа дека ни на еден ваш одговор не сум интервенира, ниту сум го извадил од контекстот. Уште во текот на разговорот, Вашите изјави за кои во тој момент сметав дека се од исклучително значење за моето истражување сум ги забележал со звездички поради полесно пренесување во текстот.

При пишување на македонски, го употребувам латиничното писмо поради  јазичкото подрачје од кое потекнувам , па заради полесно толкување еве и во оваа прилика ќе ги повторам по истиот редослед вашите одговори, без предходно да ги повтарам моите прашања кои стојат во белешките и јасно се видливи:

„Изградбата на верските објекти не треба и не смее да се става во контекст на одбележување на националната територија, бидејќи ќе ја загуби својата основна суштина. Меѓутоа, реалната ситуација на теренот покажува дека муслиманите ја освојуваат територијата и ја обележуваат со верските објекти и таму каде реално немаат население и верници. Како одговор на тоа, ние градиме цркви, поставуваме крстови и ја браниме нашата територија од освојувачи. Ја чуваме   територијата која е наша и се трудиме на сите верници да им обезбедиме услови достоинствено да си ги изразат и негуваат своите религиозни чувства“.

Отецот Бобан Митевски смета дека Македонија не може да биде до крај секуларна држава поради вековната испреплетеност на македонската културата, традицијата и историјата со верата.

„Сите значајни моменти од историјата и битисувањето на македонската држава и етникум се поврзани и испреплетени со црковната традиција и со датумите од христијанската религија. Тоа подразбира меѓусебно учество на државниот и на црковниот врв на сите манифестации поврзани со државните и со црковните празници“,

„Неодговорната и брзоплета одлука на надлежните локални власти, изградбата на овој станбен комплекс и продажбата на становите да ја доверат на муслиманската компанија го испровоцира овој потег на Светскиот македонски конгрес.  Изградбата на крстот би требала да ги одврати муслиманите да се населуваат таму каде веќе има  христијански симбол“

Како што се гледа и во прилогот тука е и вашиот мобилен телефон, како и вашиот мејл за евентуална потреба од понатамошна комуникација, и контакти со другите личности релевантни за оваа тема. Не мислите ваљда дека сум можел се тоа да го измислам.

Со длабока почит кон Вашата личност и професијата, трнувајќи од вашата реакција, додека го пишувам одговор на вашиот демант, си давам за право и слобода, да не верувам  дека верувате во Господ. Затоа што тоа него покажувате со своите дела. Ако навистина верувате во Господ, во рај и пеколот, многу повеќе би се потрудиле да го следите учењето на својот божествен спасител.

Но за жал, живееме во време кое се нарекува постхристијанско, па неискреност лагата и кукавичлук станале доблесни особини.

Црквата очигледно го загуби чекорот со човештвото во оној момент кога престана да биде слуга на човечкиот род и стана неговиот господар, кога свештенството пастирскиот штап го замени со царското жезло и кога матерјалното и земаското стана посилно од божественото.

Дозволете да предупредам дека со својата неискреност, поединците, христијанската црква можат да ја претворат во секта, неспособна на кој било начин да придонесе за духовната преродба.

Јас сум чист и пред  луѓе и пред Господа, но ако сакаме да бидеме искрени, промената која црквата сака да ја направи мора да започне прво и најнапред во нејзиниот организам.

Со почит Александар Н. Писарев

Во прилог се белешките на авторот од разговорот:

1

2

3

4

5

6