Како да се подобри парламентарниот надзор над следењето на комуникациите

Отчетноста на разузнавачките служби е еден од основните постулати на демократските општества, а парламентарниот надзор е еден од главните механизми кој (треба да) ја обезбедува таа отчетност. Последниот скандал во Македонија кој откри масовно прислушување на граѓани ја наметнува потребата од ревидирање на воспоставените надзорни механизми кои, иако почиваат врз генерално задоволителна правна рамка, се покажаа како сосема нефункционални во практиката.

Еден од приоритетите во периодот кој следи несомнено ќе биде не само реформирање на службите туку и воспоставување соодветен надзор и контрола со цел спречување на идни злоупотреби и враќање на довербата на граѓаните; притоа, важно е да се земат предвид и комаративните искуства од други земји.

За почеток, воведувањето посебен закон за надзор над безбедносно-разузнавачките служби не само што попрецизно би ја уредило областа туку би имало и мотивирачко влијание врз оние кои се задолжени за надзор. Таков закон беше воведен во Црна Гора во декември 2010 год. и веќе во 2011 год. е забележана многу поголема раздвиженост кај пратениците што само потврдува дека ваквиот закон може да послужи како катализатор за поголема проактивност со оглед на важноста која се дава.

Од друга страна, многу поважно е одредбите да бидат јасни, недвосмислени и да обезбедуваат пошироки овластувања за парламентарните комисии. На пример, во многу земји одредбите за надзор се вметнати во законите кои ја уредуваат работата на безбедносните органи и на овој начин отчетноста е составен дел на нивната работа.

Еден од клучните фактори кои ја попречуваат работата на парламентарните комисии е недовербата на службите кон пратениците. Досега сме биле сведоци на игнорантски однос од безбедносно-разузнавачките служби кон Собранието: изоставање или давање непотполни информации, одолговлекување на процедурите за издавање безбедносни сертификати, спречување теренски посети во УБК итн.

Покрај силната политизација и претпазливоста дека надзорните активности можaт да се злоупотребуваат за политички цели, факт е дека комисиите не располагаат со услови за работа со класифицирани информации. На пример во Словенија, Комисијата за надзор над безбедносно-разузнавачките служби располага со посебни простории кои се звучно изолирани, без прозорци, а внесувањето мобилни телефони не е дозволено.

Документите кои ги доставуваат службите треба да се разгледуваат само во такви услови, а истото треба да важи и за состаноците кога претставниците (на пример, директорот на УБК или министерот за внатрешни работи) ги презентираат извештаите и одговараат на прашањата од членовите на комисиите.

Кога се зборува за меѓусебната доверба, важно е и пратениците да се запознаат со службите и со нивната работа. Би било корисно, на пример, секогаш кога се формира комисија во нов мандат, пратениците да одат во посета на секоја од институциите кои можат да следат комуникации – МВР, Министерството за одбрана, Царинската управа и Управата за финансиска полиција.

На овој начин, не само што „ќе го скршат мразот“ и ќе воспостават контакт со раководните лица на овие институции туку и ќе се запознаат со материјата – каква е, всушност, процедурата за пресретнување комуникации, каква техничка опрема се користи, што се случува со материјалите од снимените разговори итн. Па така, пратениците ќе имаат претстава за секојдневната работа на вработените во тој сектор што овозможува хуманизација на службите.

Слична практика веќе има во Словенија и се покажало дека им помага на пратениците подобро да ја разберат областа која понекогаш е доста техничка, особено имајќи предвид дека секој пратеник има различна образовна и професионална заднина.

Токму недостатокот на техничко знаење и пристап до експертиза честопати ги обесхрабрува пратениците (барем да се обидат) да вршат посуштински надзор. Надзорните комисии немаат стручна поддршка или обуки за специфични аспекти на надзорот, надвор од обуките од странски организации и фондации. Во многу земји (во регионот пример е Хрватска), секоја парламетарна комисија има свој буџет кој може да го користи, на пример, за најмување експерти.

Имајќи предвид дека надзорните комисии работат со класифицирани информации, ад хок експертите не би можеле да бидат соодветно решение. Сепак, пратениците ќе имаат голема корист од стручни консултации, на пример, за трошоците за следење на комуникациите или пак, за техничките аспекти од примената на мерката. Дополнително, Парламентарниот институт како интерно истражувачко тело би можел да изготви прирачници за парламентарен надзор, постапка за следење комуникации според важечката правна рамка, компаративни анализи итн.

И покрај сите објективни фактори кои го попречуваат ефикасниот надзор, еднакво важна е политичката волја и волјата на поединецот. Комисијата за надзор над следењето на комуникациите е единствена комисија каде што опозицијата има мнозинство гласови. Сепак, низ годините, речиси и да не сме виделе некаква проактивност или поголеми заложби за зголемен надзор, а фреквенцијата на состанување е едвај 2-3 пати годишно.

Спротивно на ова, Естонската комисија за надзор на службите со овластувања за следење се состанува најмалку еднаш месечно, а ако е потребно и почесто. Не треба да се заборави дека пратеничката функција се врши професионално, и на некој начин, пратениците, „според описот на работното место“, имаат должност активно и лично да се залагаат за надзор и максимално да ги користат своите овластувања.

Естонскиот модел на надзор содржи и други добри практики. Една од нив е високата транспареност на институциите – и на безбедносните служби и на парламентарната надзорна комисија која редовно ги објавува своите годишни извештаи на Интернет. Од нив може да се види дека пратениците оствариле бројни средби со официјални лица и вработени во службите, меѓу кои и средби со премиерот, министрите од секторите внатрешни работи, одбрана и правда, јавниот обвинител итн. Достапни се и квалитативни податоци за средбите, како на пример,забалешките кои Комисијата ги упатила до повиканиот претставник.

Што се однесува до методологијата за работа, македонските пратеници можат да се послужат со практиките на нивните естонски колеги да ја испитуваат примената на посебни истражни мерки при кривични постапки.

Членовите на надзорните комисии треба да имаат увид во судските наредби за примена на ПИМ „следење на комуникациите“ кои завршиле со поднесување или отфрлање кривична пријава, а не треба да се исклучи ни можноста да се побараат и статистички податоци од телефонските оператори и потоа тие да се споредуваат со оние добиени од службите и од обвинителството.

Извештаите на Јавниот обвинител се еднакво важни, особено по измените на Законот за кривичната постапка кои наложуваат сеопфатни податоци за примена на посебни истражни мерки, вклучувајќи и податоци за трошоците, ефективноста и ефикасноста од нив.

Поттикнувањето и засилувањето на парламентарниот надзор е само еден дел од мозаикот на отчетност, одговорност и транспарентност на безбедносно-разузнавачкиот сектор. Останатите парламентарни комисии, какви што се Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи или Комисијата за одбрана и безбедност, исто така треба имаат своја улога.

Особено важно е зацврстување на улогата на независните институции, какви што се Државниот завод за ревизија, Народниот правобранител, Дирекцијата за заштита на лични податоци итн. Истовремено, тие треба да воспостават редовна комуникација и соработка со парламентарните комисии.

Некои земји, како што е Хрватска, отишле чекор понатаму и вовеле тело за граѓански надзор над безбедносно-разузнавачките служби составено од истакнати експерти и назначено од Собранието, модел за кој вреди понатаму да се размислува.

Во секој случај, реформите во работењето на службите особено на УБК, како и развојот на надзорните механизми се неизбежни. Тие треба да се развиваат со вклучување на сите важни чинители меѓу кои и граѓанското општество, со цел да се пронајде моделот кој најдобро одговара на спецификите на нашето општетсво и директно ќе ги адресира идентификуваните недостатоци.

Авторката е истражувач за безбедносни прашања во Аналитика тинк тенк