Кога обична бројка станува строго чувана тајна

Блог на Горан Ризаов

Министерството за финансии кај оние новинари што следат економија е познато како скоро херметички затворена институција кога станува збор за транспарентноста и одговори на ненарачани прашања. И тоа можеби и не е страшно голем проблем во услови кога самоцензурата е секојдневие на кое голем дел од колегите се навикнати, а контролата на редакциите е инсталирана како бесплатен антивирус на Виндоус осмица: Со два клика и една лозинка.

И еве да речеме дека би можеле да сфатиме ако една институција од ваков тип е затворена за информаци кои би можеле да нанесат штета на државата од типот огромна буџетска потрошувачка за изградба на непотребна барокна фасада, или, пак, за не дај боже, некој карусел кој чини милиони.

Би можеле и да разбереме ако Министерството за финансии не сака да чуе да каже јавно колку пари се трошат за платите на вработените во компаниите на странските инвеститори во инвестицискиот рај. А, може да биде тајна и износот на потрошени пари на министерот при разно-разните роудшоуа и бизнис форуми по белиот свет. Или, пак, во краен случај, тој да даде коментар за зголемувањето на јавниот долг и задолжувањето на државата.

Секако, овие информации во демократски земји со култура на демократска транспарентност и високо ниво на слобода на говор е незамисливо да бидат класифицирани како забранети. Но, во нашава реалност веќе навикнавме да биде така.

Меѓутоа, станува очигледно дека постои страшен баг во функционирањето на софтверот на овој антивирус, кога не се објавува обична информација за тоа колку компании се јавиле на еден тендер за јавна набавка на консултативни услуги. Станува збор за цифра, обична бројка. Добро, можеби е и двоцифрена, а можеби и е еднаква на нула. Но, тоа не го менува фактот дека е само безопасна бројка.

Овој податок може да биде и позитивен ако се знае дека се работи за интересот на компаниите за советодавни услуги при воспоставувањето на најновиот изум за привлекување финансиски инвестици – слободна финансиска зона, за што е покрената процедура за измена на Уставот. Да разјасниме, не ги баравме информациите за тоа кои компании се јавиле на јавниот повик и која цена ја понудиле, туку само колку на број фирми се заинтересирани.

Првичниот одговор беше дека ќе добиеме одговор, но наместо тоа добивме прашање: А, кој е вашиот портал? За потоа да оглуве телефонот. И еве така два дена. Нема никаков одговор. Ниту бројка, ниту, пак, обично известување дека не можат да одговорат на нашето прашање. Како да побаравме да објават некоја строго чувана тајна.

Тоа е дел од транспарентноста и стратегијата за привлекување на странски инвестиции на нашето Министерство за финансии. Тоа е секојдневието за кое нашите новинари најчесто молчат или воопшто не се ни осудуваат да постават вакво прашање на кое знаат дека нема да добијат одговор.