Манипулацијата со поимот патриотизам

Напис на Калина Малеска

Во еден свој есеј, Г. Штајнер тврди дека преку начинот на кој Хитлер и нацистите го користеле германскиот јазик, тие го извалкале и осакатиле, така што во нивните изјави и пишани документи, германскиот јазик е сосема поинаков од оној германски јазик што го користат Т. Ман, Ј. В. Гете или Х. Хајне.

Во истиот есеј се вели дека германскиот јазик почнал да се користи и за давање лажни информации за да се убедат Германците дека нивната војна е праведна и дека секаде се победници, што, според Штајнер, неизбежно ги извртело значењето, конотацијата и структурата на целиот јазик.

Еден од примерите што ги дава Штајнер е: кога Хитлер ги посетил 15-годишните момчиња регрутирани за последната линија на одбрана на Берлин на крајот од Втората светска војна, тој јавно ги пофалил „доброволците“ и „елитните единици“ кои „непобедливо“ стојат околу Фирерот. Есејот на Штајнер покажува дека самата употреба на јазикот на овој начин е доказ колку зборовите имаат влијание врз менување на перцепцијата за реалноста.

За жал, и денес се случува нешто слично, а особено истакнат е примерот со употребата на зборот „патриотизам“ и сето она што е поврзано со патриотизмот од страна на голем дел од членовите и приврзаниците на ДПМНЕ и ГДОМ во нивните јавни настапи. Зборот патриотизам, чие значење е „љубов кон татковината“, добива сосема други, целосно непрепознатливи, дури и спротивни-на-себе значења, како резултат на неговата извртена примена.

Така, неодолива е сличноста, на пример, меѓу примерот на Штајнер и претставувањето на луѓето кои со закани и уцени се испратени на контрапротести како „доброволци“ кои „ја бранат државата“. Деновиве, исто така, бевме сведоци на изјавата дека она што го прават учесниците во протестите и некои граѓански организации е „против Македонија, против државните институции“.

Со ваквата изјава, државните институции, всушност, се изедначуваат со земјата Македонија, односно перфидната порака е дека: ако се спротивставиш на власта, тогаш си противник на Македонија. Ова се само две од огромниот број слични изјави. Присвојување на поимот патриотизам со вакво извртено значење е тешка манипулација, бидејќи љубовта кон својата земја не е поврзана со љубов кон државните институции или моменталната власт.

Ова извртување на значењето на поимот патриотизам е особено истакнато последниве неколку години, но неговото потекло датира од поодамна во една област којашто е од најсуштинска важност за развивање на демократски вредности, но којашто е во огромна, недозволена мера занемарена – во детската литература.

Голем број песни и приказни што може да се сретнат во учебниците по македонски јазик за основните училишта, како и во детските списанија и дел од лектирите се засноваат на стихови и реченици дека нашата татковина е „најубава“, „најнасмевната“, „најгорда“, „најлична“, дека ги има сите „најубавини“.

Во Македонија за најголеми патриоти се прогласуваат оние кои го прават најлошото за Македонија, а притоа ќе го развеат знамето, ќе дадат декларативна изјава за љубов кон Македонија – и со тоа ќе се прогласат за најголеми патриоти

Со тоа, место на децата да им се укаже дека љубовта кон татковината значи (или се изразува со) почитување на луѓето што живеат во неа, дека љубовта се изразува со унапредување на татковината, со подобрување на состојбите во неа, и дека затоа патриоти се оние луѓе кои вложуваат напори да ја направат татковината подобро место за живеење за сите граѓани (во согласност со суштинското значење на зборот патриот), им се сервираат празни зборови чиј емотивен набој е силен, но чие значење е нејасно, со оглед на тоа дека за ниту една земја не може да се тврди дека е „најубава“, „најлична“ или „најгорда“.
На овој начин се калеше, односно се создаваше и сè уште се создава плодна почва за манипулација со поимот патриотизам во нашата земја. Со ваквите суперлативи, љубовта кон татковината се условува со убавината на татковината, што доведува до тоа луѓето кои слепо им веруваат на ваквите зборови (затоа што ги усвоиле уште од најмала возраст), да го поврзуваат патриотизмот со празна реторика, а патриоти за нив да бидат само луѓе што ќе изјават дека нивната земја е најубава, најгорда, вечна, најлична, најпрекрасна, а кои не мора со своите постапки да покажат никакво почитување кон својата земја и нејзините граѓани.

Љубовта на секој оној што ја сака својата татковина не смее да биде условена со нејзината убавина – вистинското значење на зборот патриотизам нема никаква врска со некаквиси карактеристики за изгледот на земјата, коишто служат само за пропаганда, туку е поврзан со конкретни настани што секој граѓанин ги доживеал во својата земја и поради кои ја сака, како и со грижа да се подобрат состојбите на луѓето во неа.

Наместо празната реторика што најчесто ја среќаваме, се обидов да истакнам и друго гледиште, според мене многу поблиско да изворното значење на зборот патриотизам, низ еден детски расказ за Росица, за која редовно пишував раскази од октомври 2007 година, до октомври 2014 година.

Од моментот кога го пратив споменатиот расказ, никогаш повеќе не ми се јавија да напишам и да им испратам друг. Подоцна дознав дека токму тогаш дошло до смена на уредниците. Не знам ништо за новите (сега веќе не толку нови) уредници на Росица и не знам дали содржината на мојот расказ имаше некаква врска со прекинот на соработката или не, па нема да правам претпоставки за нивните мотиви.

Но, овој настан секако може да се земе како еден симболичен настан: како една симболична пречка на патриотизмот да му се врати изворното значење и како одбивање да се прекине со неговата манипулација. И да не е поврзан со моменталните политички состојби, тој настан укажува на една долгогодишна поразителна практика во Македонија, што потекнува од поодамна, но што ѝ овозможи на сегашната власт да ја злоупотреби плодната почва за манипулирање.

Многу накратко за расказот: учителката ги прашала децата зошто го сакаат својот град Скопје (во овој случај, љубов кон градот, како варијанта на љубов кон татковината), и сите одговориле: затоа што е најубав, затоа што е најголем, затоа што е најбогат. Учителката им рекла да размислат дали е навистина таков и за неколку дена повторно да одговорат.

Во текот на тие неколку дена, главниот лик (детето Виктор) доживува разни случки, па кога учителката повторно ги прашува децата зошто го сакаат Скопје, Виктор одговара: „Го сакам својот град, бидејќи има огромен парк, каде што има најинтересен лавиринт што сум видел; бидејќи тука живеат баба и дедо кои ми прават најубав ручек и ми даваат најубав сладолед; бидејќи има Театар за деца каде што најмногу сакаме да одиме со сестра ми и да ги гледаме смешните претстави; бидејќи има многу игралишта и можам да си играм околу зграда со своите другарчиња – затоа најмногу го сакам својот град“. Учителката рекла дека тоа е одличен одговор.

За разлика од Викторовиот аргументиран одговор, во Македонија за најголеми патриоти се прогласуваат оние кои го прават најлошото за Македонија: трошат милионски суми за споменици додека здравството, образованието и уште десетици приоритетни области стагнираат, потпишуваат договори за напредок на Македонија што веднаш ги прекршуваат, вршат злоупотреби на јавни пари, лажираат избори, уценуваат, поткупуваат, принудуваат граѓани да доаѓаат на контрапротести, го укинуваат правото и постулатот за еднаквост меѓу граѓаните… Списокот на вакви злодела кон Македонија е огромен; притоа, ќе го развеат знамето, ќе дадат декларативна изјава за љубов кон Македонија – и со тоа ќе се прогласат за најголеми патриоти. Тоа е гротеска.

А патриотизмот, љубовта кон татковината, е сосема спротивното – тоа е напор (преку чесна работа, преку критики, преку протести, преку грижа за граѓаните, преку фер и демократско управување), татковината да стане подобро место за живеење за сите нејзини граѓани.

Ова, сметам, вистинско значење на поимот патриотизам ќе преовлада, а плодната почва за негова манипулација ќе биде унишена тогаш кога ќе успееме да ги научиме и децата и себеси дека празната реторика може да доведе, како што вели Штајнер, само до валкање, осакатување, извртување на значењето, конотацијата и структурата на целиот јазик.

Авторката е  писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка