Мегатренд

Малку ми е необично како целосно незабележано во македонските медиуми помина аферата „Мегатренд“ и докторските плагијати кои се случуваат кај нашиот сосед Србија. Зошто е ова битно. Од година во година во Македонија се зголемува бројот на луѓе кои се стекнуваат со звање доктор на науки во одредена област и тоа посебно во општествените науки. А квалитетот на образованието се повеќе и повеќе се движи во надолна линија, како што се зголемува бројот на приватни образовни институции. Исто така, сведоци сме на тоа дека голем број од нашите јавни личности, без оглед од која сфера, се фалат со своето образование и стануваат магистри и доктори на науки, а не знаат да бекнат и, што е најтрагично, дипломите ги стекнале на приватните факултети и универзитети.

Не сакам да ги потценам приватните образовни институции, но малку е симптоматично како огромен процент од таквите научници се стекнуваат со дипломи токму таму. Ако проверите, добар дел од политичарите имаат звање магистер или доктор на науки, но кога ја гледате нивната работа, нивниот начин на комуникација и нивната специјализираност во одредената област, сфаќате дека тука нешто не штима, нешто не е во ред. И, што е страшното тука.

По редот на нештата таа интелектуална маса, која се стекнала со дипломи од одредена област би требало да го подобрат нашето живеење, да унапредат нешто во своето работење. Ама реалноста не е баш таква и е малку поразлична од она што го мислиме.

Не сакам никого да напаѓам или да инсинуирам било што, ама со оглед на случувањата во образовниот сектор и она што во моментот се случува во Србија укажува дека нешто не е во ред со системот – голем број плагијати во докторските тези на јавните личности, како што се министерот за внатрешни работи, ректорот на најголемиот приватен универзитет во Србија и поранешниот градоначалник на еден од најголемите градови во Србија. И ние тука, мислам на Министерството за образование треба малку повеќе да се заинтересира за тоа кој се има диплома доктор на науки, каде се стекнал со таа диплома и да се види т.е. провери нивниот труд.

Се плашам дека кога би се направило тоа би се откриле дубиози и би се увидела реалната слика за тоа кој каде се стекнал со диплома доктор на науки. Она што уште повеќе ме плаши, а и истовремено ме фрустрира, е тоа дека тие луѓе со таква диплома најчесто добиваат подобра работа, се унапредуваат многу лесно и на крај се џилитират со титулата која ја имаат и најчесто ни делат памет како треба да се работи.

Многу често се случува при назначувањето на некоја функција да се укаже на образованието и на титулите кои ги имаат и со тоа да се покаже дека тие кандидати се совршени личности за таа позиција и функција. А, всушност, тоа значи убаво си препишав и си фатив добра врска, па сеа сум си доктор на науки и сум таман за раководител.

П.С. Во мината колумна пишував за сојузот на стопанските комори и за нивниот претседател. Бидејки дојде до смена, при предавањето на функцијата претседателот изјави дека да не бил тој на таа функција и да не била комората, македонската економија ќе колабирала. Сакав само да прашам: да не живее тој во некој паралелен свет, во некој друг универзум?!

Колумната е првично објавена во Слободен печат