Мојата „диплома“ од УБК

Ми заѕвони телефонот околу 11 часот. „Се јавуваме од Центарот за комуникации на СДСМ. После денешната прес-конференција ако сакате останете за да ви ја предадеме папката од вашите прислушувани разговори“, ми рече женскиот глас од другата страна на линијата.

Ми ѕвони колега.

„Ти се јавија за да си земеш папка?“

„Ми се јавија. Тебе?“

„И мене. Ми се повраќа“.

Зборот „ми се повраќа“ го слушнав повеќе пати во текот на вчерашниот ден. Прво се обидував да се сетам што ли сè немав зборувано на телефон. Не сум човек што внимава и вели „немој за ова по телефон, сè слушаат“.

Папката со прислушувани разговори што вчера си ја подигнав од СДСМ покажува дека некој ни брцнал во нашите животи, небаре сме државни непријатели и ги ставил на тацна. Таа тацна претпоставувам дека ја имаат двете најголеми политички партии. А тацната во секој момент може да биде подадена на оној кој ќе те смета за неподобен

Во глава почнуваат да ти се враќаат случувања, лични, приватни, професионални. Ми се јавува другарка ми и вели: „Па подобро на цела држава да сум раскажела приватни работи отколку на тебе, исто ми се фаќало! “.

Почнуваат да ѕвонат колеги кои исто така го добиле повикот да си ги подигнат „дипломите“, како што отпосле си ги нарековме. „Ќе биде ЦД или транскрипт? Има приватни разговори, а? Само жена ми да не го чуе! Да ги запалиме материјалите или да ги чуваме?“. Еден тон прашања, еден тон сеќавања се провртеа за тие долги три часа додека да почне прес-конференцијата на СДСМ. Кога влегов во прес салата, буквално чувството беше дека овие луѓе знаат сè за мене.

Мислам дека едвај и не држеше концентрацијата да ги слушаме аудио снимките, бидејќи сите чекавме да си ги земеме папките. Десетици новинари останавме после пресот, а портпаролот Шилегов ги донесе црвените папки на кои пишува „Слобода и демократија за Македонија“.

И почна читањето на имињата. „Младен Чадиковски!“, викна Шилегов. Пропратен со аплауз и со ракување, Чадиковски си ја зеде „дипломата“. „Ирена Мулачка!“ Истиот принцип. „Горан Петрески“. Тишина. Шилегов уште еднаш извикува: „Горан Петрески!“. Не е тука. Папката оди на страна. И така до доделувањето на последната „диплома“.

Ја земам мојата, отворам, нема цд. Неколку листови, како да беа тазе принтани (иако од СДСМ тврдат дека се оригинални документи), захевтани. На горниот дел од страната пишува датум и „Управа за безбедност и контраразузнавање“, болдирани букви извезени со „италик“. Си велам, многу педантни биле овие од УБК, па уште и си пишале број на прилог, број на документ. Архивски број нема, потпис, печат нема.

Не знам што очекував да видам, ама она што го видов ме потсети на старите брифинзи со мои извори, разговори со уредници за тоа како сме подготвувале одредена сторија, барање изјави во текот на две години.

Кога сфативме дека нема лични приватни разговори во нашите дипломи, сите почнавме да си ѕиркаме меѓусебно во црвените папки. „Што има кај тебе, што има кај тебе?“, проработуваше љубопитноста. Кај сите беше истото. СМС пораки со колеги, договарања за теми, собирање изјави за стории. Дури и си седнавме надвор на клупа за да си разгледаме детално.

Разговорите се автентични!

Секој извештај од моите телефонски разговори што ги добив во таа папка беа точни. Датумот, сторијата што сум ја подготвувала, изворот со кој сум се брифирала. Содржината е точна. И не знам дали ќе добијам нова папка. Мислам дека оваа ми беше доволна за да знам што всушност се случува.

Сосема доволно за да знам дека некој однапред знаел за што ќе пишувам. Сосема доволно за со тоа да биде загрозени моите извори на информации. Сосема доволно за центарот да може да се обиде „превентивно“ да делува за одредена сторија да не излезе во јавност. Доволно за да станам свесна, иако секогаш претпоставував, дека некои лица ги знаат проблемите на моите најблиски кои решиле да ги споделат со мене на телефон.

И после ова, во моментов најмалку ми е важно кој ме прислушувал, мене и моите колеги. Она што е важно е дека некој ни брцнал во нашите животи, небаре сме државни непријатели и ги ставил на тацна. Таа тацна претпоставувам дека ја имаат двете најголеми политички партии. А тацната во секој момент може да биде подадена на оној кој ќе те смета за неподобен.

Извинете, ама јас не можам и нема да се помирам со тоа. Премиерот Груевски не може да ме убеди со образложението дека ова се случувало во многу држави.

Премиере Груевски, бидејќи рековте дека вие сте одлучиле да излезете во името на МВР и истражните органи, тогаш ќе ви се обратам Вам. Кој и да прислушувал, вашите служби биле должни да ги пресретнат тие странци на кои се повикувате.

Македонските служби дозолиле со години да бидеме прислушувани. Ако вие не сметате дека првите луѓе на тие служби се одговорни и платени за да нè заштитат, тогаш под знак прашалник го ставам постоењето на УБК.

Која е улогата на оваа Управа, премиере? Да нè заштитува од потенцијалните непријатели или пак да бара непријател во секој граѓанин што не мисли како вас?