Од спротивни страни

Кога пред некој ден и самата се прашував зарем можеше да се случи во 16-тата година од 21 век воопшто и да се помисли на еднопартиски избори во Македонија, ме пресече фактот дека во Македонија, всушност, еднопартиски систем постои веќе цела деценија. Континуирано си тече во сите сегменти, како метастаза се шири во сите институции, плурализам нема, за општа демократија и да не зборуваме. Цела деценија опозицијата речиси и нема глас во политиката и во одлуките на кој било план во државата: законите се носат со мнозинство гласови за од власта, а опозицијата или се бојкотира и шиканира или самата се откажува од местото што ѝ припаѓа.

Прашањето зошто е тоа така е комплексно, но факт е дека во текот на сите овие години, Никола Груевски и неговите си го присвоија не само политичкиот туку и секој друг простор, без исклучок. Почнаа да веруваат дека само тие можат да владеат во Македонија и дека само тие можат и да одлучуваат за сѐ што постои во Македонија. Ја претворија Македонија во „животинска фарма“ во која „сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од останатите“.

Овие „некои“ се всушност тие, аболицираните криминалци на власт. Зар не беше тоа клановскиот принцип на секоја автократија од минатото и од сегашноста? Зар не постои на тој принцип Северна Кореја? Преку своите т.н.реформи, одлуки, идеи, инвестиции, насилнички чинови итн. почнаа да одлучуваат дури и за животите на луѓето: многу смртти на деца, родилки, млади итн. се директно поврзани со одлуките и дејствијата на власта.

„Бомбите“ на опозицијата ја потресоа целокупната структура на владејачкиот режим, ама промените сѐ уште тапкаат во место. Логиката на секој еднопартиски систем се состои во неговото опстојување, по секоја цена! Па дури не беше ни иронично што после толку долг период на еднопартиско едноумие „спонтано“ се наметна „потребата“ од официјални еднопартиски избори.

Сред Европа, во 21 век.Колку егзотично, Северна Кореја среде Европа! Да не предложи Нимиц заради тоа Македонија да се вика „Северна“? Тоа што такви избори на 5 јуни нема да има не значи дека автократијата во земјата се смени со демократија. Лошо е исто како и што беше.

Повеќе од еден месец очекувам јавен став на ПЕН-от за случувањата во Македонија.

Еден мој пријател преку ноќ стана партиски војник на ВМРО-ДПМНЕ. Од разумен и либерален, а невработен човек кого го издржуваа родителите со инвалидски пензии, со партиската книшка и брзо стекнатото работно место не на соодветна, туку на несоодветна работна позиција, односно онаму каде што можело да се стави додатно столче во канцеларијата, се претвори во човек што не можам да го препознаам: горешт поборник за сѐ што е провладино.
Прво си мислев дека се шегува, дека иронизира, дека хуморот уште повеќе му се развил, па му одвраќав дека сѐ повеќе има испрани мозоци во Македонија. Ама еднаш тој ми рече: „Не се испрани мозоци. Едноставно можеш да го смениш мислењето, да сфатиш дека не си бил во право“.

Со партиската книшка и платата од 250 евра тој веќе сосема го беше сменил мислењето, па сметаше дека студентите треба да поминат низ екстерно тестирање, дека новинарите треба да лежат во затвор ако ја критикуваат власта, на моите забелешки за здравството во Македонија тој кажуваше такви идеализирани небулози слушнати на Сител и на Канал 5 што ми идеше гласно да плачам и да се смеам, но маж ми, Словенец, жестоко се нервираше на тие негови изјави, а да не зборувам колку ги иронизираше инвестициите и чесноста на Груевски, кој според мојот пријател бил момче од сиромашно семејство кое стигнало далеку.

Колку само сочно плукаше по противниците на системот, значи, всушност, и по мене. Еднаш го прашав: „Каква врска можам јас да имам со СДСМ ако размислувам поинаку од ВМРО? Да не има во Словенија штаб на СДСМ? Зошто мислиш дека ставовите што ги изнесувам се преземени од некого и дека сама не можам да размислувам така? Од дистанца ги гледам работите и не се такви какви што ти ги гледаш од близу“. Но, немаше корист од тоа.

Како писателка на македонски јазик се срамам од претседателот на Македонија.

Една друга пријателка која повеќе од дваесет години работеше на црно во приватни дуќанчиња со факултет каков што ретко кој може да заврши со десетка, пред неколку години, кога не успеа да го запише детето во градинка, на нечиј „добронамерен“ совет зеде партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Следната година детето доби место во градинката.
А нејзе штабот ѝ ветуваше работа. Те ваква, те онаква, те како за нејзиниот факутет, те нешто сосема друго, ама работа си е работа, нели. Само ти доаѓај во штабот, учествувај во нашите активности, барај луѓе што ќе гласаат за нас итн.,итн. И таа тоа го правеше со години.

Пред некое време конечно доби работа во администрацијата, а првиот месец седеше на работа само ако некое од столчињата во канцеларијата беше празно. За ново столче едноставно немало место. Ама работата и онака не ѝ е поврзана со конкретни работни обврски, туку од работното место таа практично за државна плата ги извршува задачите што ѝ ги доделува партијата.

За мене е сѐ уште наивна душа буквално проголтана од режимот за мизерни 200-300 евра плата. Или барем така сакам да верувам. И си признава дека само за да ѝ тече стаж едноставно е послушна партиска војничка. Што значи тоа? Па во нејзиниот случај тоа значи: постирање на социјалните мрежи (од работното место) на контра-опозициски текстови и информации, споделување и лајкање во квоти што треба секојдневно да се исполнат, а ако не – тогаш на крајот од денот ја очекува телефонски повик од штабот во кој некој/а ќе ѝ изнакаже триста работи што не се за кажување.

За неа веќе нема ни сабота ни недела: оди на сите настани, трибини, контра-протести итн. организарани од власта, мора да оди, нагласува, зашто „мора да се потпишам дека сум била“. И на сите тие настани треба да однесе уште неколку луѓе, блиски, роднини, прјатели, кого било. Со празни раце ни на контра-протест не се оди.

Одвреме-навреме мора да оди на терен – тоа значи села и населби во кои мора да чукне на секоја врата без исклучок, да им пикне под нос на жителите анкетни листови и со насмевка и жар во очите кон лидерот да им вергла за неговата добрина и чесност, и секако, за сите негови реформи и инвестиции.

„Најпрвин се недоверливи, неретко ми затвораат врата пред нос, ама ако дојдам уште еднаш веќе се поотворени и велат дека пак на избори ќе гласаат за Груевски“.

И повторно од куќа в куќа, во туѓи дворови полни со кал и пци што лаат, небаре чувствуваат дека некој ги мами нивните сопственици.

„Добро“, ѝ велам, „зар на овој начин ќе си ја труеш душата, ти, најчесна од сите што ги познавав? За едно работно место?“ „Не“, вели, „работното место е најмалку што можам да изгубам. Многу пострашно може да ми се случи. На пр. да ми најдат некој документ што сум го потпишала без да го прочитам. А знаеш каде обично ми носат на работа да потпишам некој документ? Во ходник, при слаба светлина, и на брзање: Ајде, ајде, шефот чека и ти пика под нос пенкало и лист свртен на страницата што треба да се потпише“. И таа потпишува, и сега ѝ е страв дека можеби веќе потпишала нешто што не било за потпишување, и кога ќе дојдат други на власт ќе ја раскринкаат, и не само што ќе изгуби работа, туку може и да одлежи некоја година во Идризово. А има две деца.

Всушност, случаи како овие двајца мои пријатели има многу. Ама дали се работи овде за живот или за смрт? За нож под грло? Не. Па затоа на крајот на април кога бев во Скопје и самата бев на протести. Си помислив: да беше тоа дента кога имало и контрапротести можеби ќе се видевме преку „барикадите“. И ќе се враќавме дома од две спротивни страни. Тоа е резултатот на децениското владење на режимот: ги подели и најблиските.

Жално е сево ова, знам. И ова не е фикција, туку чиста реалност. Секој од нас има по некој ваков човек во животот за кого се надева дека ќе му дојде паметот. Ама за среќа и поинакви. Па затоа на протестот на 23 април бевме заедно со Гоце Смилевски и со Оливера Ќорвезироска, и со уште стотина истомисленици. Не ми беше страв од ништо.

Ѝ се радував на секоја дамка боја што летна врз некој од владините објекти , а најмногу врз „Скопје 2014“ – срамот на Македонија во странство. „Дизниленд“ како што го нарекуваат повеќемина. И како што го доживеаја, со многу иронични забелешки и цивилизациски чудења и моите пријатели од Словенија кои дојдооа со мене и моето семејство за велигденските и првомајските празници во Македонија. Браво архитекти, браво уметници! Вие градите, а ние се срамиме.

На протестите во Скопје чувствував возбуда што е изгледа типична само за протести: адреналински, полетно, со надеж во душата. Така се чувствував и на протестите кои пред неколку години ја зафатија Словенија: сѐ дури не падна режимот на Јанез Јанш,а сите ние живеевме помеѓу сонот и јавето. Така е и сега во Македонија. Така беше и лани во шаторите пред Владата.

Се сетив дека подзастанував пред секој шатор и пред секој говорник пред Владата. И се гордеев што Македонија има освестени граѓани, има паметни луѓе, има неиспрани мозоци. Тогаш, се сеќавам добро, одејќи кон Рекорд, сретнав еден познајник кого го немав видено со години. „Каде работиш?“ го прашав. „Во кабинетот на претседателот“, ми рече.

Секако, тој не беше на протестите пред Владата, туку си играше со децата во паркот. Кој би поверувал, си помислив. „Сакаш да организираме една средба со претседателот кога ќе бидеш пак тука“? ме праша. „Не, не“, реков, ужасната од самата идеја. Никогаш не би сакала да се поздравам со тој човек, чија кандидатура за жал, ако се сеќавате, во 2009 год. ја потпишаа видни академици и уметници. Се срамат ли сега од тоа? Како писателка на македонски јазик се срамам од претседателот на Македонија.

Protesti Ljubljana-3

Се најдов и на протестите во Охрид, додека се движев со протестирачите низ чаршијата, забрзувајќи го малку одот за да не ја изгубам ќеркичката, одеднаш се најдов пред толпа луѓе кои вееја македонски знамиња и пееја народни песни: контра-протестантите!

Каква тага и малодушност ме опфатија тогаш! Почувствував дека, всушност, нема излез, нема можност, нема нов пат за Македонија сѐ дури таква толпа луѓе го извикува името на Македонија. Мислат дека се поголеми патриоти од останатите? Па и од мене, иако 20 години не живеам во Македонија? „Да, мажена сум со странец и не живеам овде, ама Македонија за мене е важна и посебна“, ако можам да ја парафразирам Аунг Сан Су Чи во Бурма. Оваа реченица знам дека би ја кажале многу жени заминати од Македонија, и многу мажи. Иако понекогаш ми се вели: „Не си тука, не знаеш“. Знам, иако не сум таму.

На крајот од краиштата на мојот словенечки телевизор и сама можам да изберам што ќе гледам: Сител, Канал 5 или Алсат и Телма. Со вестите на последните две доаѓа и мојата ноќ, како и на многумина од вас. Значи, истите информации ги имам, па дури и повеќе од оние кои живеат во Македонија, а мислат дека ја знаат реалноста. Свесна сум за сѐ што се случува во Македонија и потресена сум од нивото на кое Македонија падна и во домашни и во меѓународни рамки.

Разочарана сум од тоа што моите колеги-писатели и уметници, со исклучок на ретки, не заземаат став за она што им се случува пред очи. Се работи за страв? МАНУ молчи. Друштвото на писателите молчи. Македонскиот ПЕН-центар молчи, иако неговата функција е заштита на слободите и правата кои во Македонија станаа мислени именки.

Повеќе од еден месец очекувам јавен став на ПЕН-от за случувањата во Македонија: ако ништо друго, тогаш за последниот извештај на Репортери без граници во однос на (не)слободата на говорот во Македонија. Повеќе од две недели очекувам Македонскиот ПЕН-центар да се огради од текстот на Блаже Миневски, член на ПЕН-от, насловен како „По спомениците, ‘Шарената револуција’ ќе се сврти кон библиотеките и книгите?!“ објавен во Дневник, текст во кој на невиден полтронски начин кон власта и претседателот ги извитоперува најболните историски настани во човештвото.

Зар заложбите за демократија и демократизација во секоја смисла не се мисија и на ПЕН-от? Или ПЕН-от чиј член сум и самата е под притисок? Под притисок на оние членови на ПЕН-от кои одат на контрапротести или едноставно на многу, многу други начини го поддржуваат диктаторскиот режим на ВМРО-ДПМНЕ? Да, има и такви членови во Македонскиот ПЕН-центар, тоа сите го знаеме. Ама изгледа се во мнозинство штом ПЕН-от молчи. Ако ПЕН-от не е активен во вакви кризни времиња за државата, тогаш кој друг од здруженијата на т.н. интелектуалци?

Е затоа протестирам. Во Скопје, Охрид, Љубљана. Во Љубљана особено, затоа што Шарената револуција и на далечина од 1000 км. го покажува своето значење и важност. Особено што и овде има т.н. патриоти кои плукаат врз слободољубивите Македонци или Словенци со македонско потекло.

На протестот на 21 мај во паркот Тиволи во Љубљана се чувствуваше нашата солидарност со пријателите и блиските во Македонија, директно изложени на толчникот на власта од кој ние на некој начин се спасивме, но не можеме да го заборавиме, ниту да го игнорираме. Поетесата и преведувачка Драгана Ефтимова, на едномесечен книжевен престој во Љубљана протестираше исто како да е во Скопје: од судбината не може да се побегне.

Ги гледав сите тие млади луѓе, претежно студенти на љубљанските факултети, кои не ни помислуваат да се вратат во Македонија, и кои би биле најсреќни кога би можеле да ги повлечат и своите семејства во Словенија; свесна дека Македонија неповратно се празни.

А виновниците ни се познати на сите. И баш ме интересира со каков став ќе излезе македонската амбасада во Словенија по протестот во Љубљана. Лани нѐ нарекоа платеници на опозицијата. Најверојатно така ќе биде и годинава. Но и за нив важи пораката: Нема правда, нема мир.