Професорите штрајкуваат за сите нас

Професорите Крсте Шајноски, Маргарита Матлиевска и Александар Костадиновски, штрајкуваат со глад веќе трета недела. Тие гладуваат, одвоени од семејството, исцрпени, но упорни. Медиумите речиси и да не информираат, со чест на исклучоците, но сите знаат, дека во Штип тројца луѓе ја преземаа на себе битката не само за нивните права, туку и битката за сите оние кои додека неправдата им се случувала, или ќе им се случува, решиле и ќе решат да молчат, да не брануваат .

Синдикатот на новинарите во своето четиригодишно постоење сведочи за десетици случаи на флагрантни кршења на професионалните, работни и човекови права во кои жртвите решаваат да одмолчат за следните им газди да не ги оценат како проблематични, па да не можат да се вработат. Секое такво одмолчување значеше и секогаш, без исклучок, резултираше со уште посилно стегање на јамката за оние кои остануваат, јакнење на ароганцијата. Загубената слобода тешко се враќа, а апетитите за нејзиното одземање, со отстапките постојано јакнат.

Затоа денес во многу редакции во Македонија владее атмосфера која наликува на погоните на најозлогласените работилници за облека со евтина работна сила. Отприлика и плаќањата се слични. Но, новинарите генерално молчат, многу ретко се осмелуваат да се побунат, да се организираат или да се солидаризираат. Затоа е и можно, во поголемиот дел од медиумите да нема ниту збор за штрајкот со глад на тројцата професори, од кои едниот, Крсте Шајноски, е и нивен довчерашен колега.

Аргументирањето дека станува збор за настан кој не може да биде медиумски игнориран, аргументирањето за јавен интерес, за професионалната обврска да не се кријат информациите, капитулираат пред тесноградото калкулирање за сопствената позиција. Ваквата оценка е сепак престрога ако се знае дека апелирањето на совеста на новинарите дополнително ги оптоварува професионалците немоќни да се спротивстават на диктатот на „централната редакција“ која, се чини, уредува информативни емисии во повеќе медиумски куќи.

ЦРВЕНАТА ЛИНИЈА Е ПОМИНАТА

И додека мнозинството медиуми и во случајот на штрајкот на професорите секојдневно пропуштаат да ја исполнат својата професионална должност да информираат во интерес на јавноста, академската заедница да се солидаризира со своите колеги, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), сепак, ја препозна својата – да ги заштити своите членови. Професорите не се сами. И тоа е многу важна и добра вест.

Штрајкот на Шајновски, Матлиевска и Костадиновски веќе не е само нивен штрајк. Тоа е штрајк на сите во образованието, но не само во образованието. Исходот на оваа синдикална борба ќе ги засегне сите и затоа е многу важно таа да биде успешна. Иако со самиот факт дека некој се реши за најдраматичниот облик на отпор, на сметка на сопствениот комфор и сопственото здравје наспроти традицијата за молчење и трпење е успех сам по себе.

Затоа ова веќе не е борба за само за работни позиции, тоа е борба за човечко и професионално достоинство, за право да не се биде понижуван и да не се молчи. Поддршката доаѓа бавно, но, сепак, доаѓа. Таа често не е јавно артикулирана, уште помалку за неа се информира, но е присутна.

ЗА ШТРАЈК Е РИЗИЧНО ДА СЕ ИНФОРМИРА

Борбата на професорите од Штипскиот универзитет и покрај медиумското игнорирање е, всушност, најважниот настан што ни се случува деновиве. Од нејзиниот исход зависи иднината на работните права во земја која е веројатно рекордер по менувањето на Законот за работни односи речиси без исклучок на штета на работниците. Од 2005 до денес тој е менуван 12 пати, а сега се најавуваат нови измени за кои никој практично не знае што навистина носат.

Меѓутоа, иако јавноста генерално малку знае за законските одредби, а заради брзината и нетранспарентноста на менувањето тешко им е да ги следат и на оние кои се професионално на нив упатени, во пракса сите кои работат многу добро знаат за кршењата од проста причина што ги чувствуваат на своја кожа. А, ако се разбуди обесправениот и осиромашен работник, сите спинови за национални и државни предавници, за НВО платеници, за непријатели од сите страни напросто нема да врват. Тоа власта многу добро го знае и затоа секој обид за непокор, без оглед дали доаѓа од лекари, професори или новинари треба да биде пресретнат со молк и игнорирање. И со оставки и откази.

Но, ако некогаш беше можно, како се раскажува, иако никогаш официјално не е потврдено од самите сведоци на настанот, да се менуваат и вадат текстови за штрајкот на лекарите од печатница, без знаење на главниот и одговорен уредник, денес таков „напор“ воопшто не е потребен. Самоцензурата си го прави своето.

ПРЕТСТАВКИ НАМЕСТО МОЛК

Ефектите и силата на самоцензурата донекаде може да го оправда резигнираното прифаќање на селективноста во информирањето во приватните медиуми, но не и кога станува збор за јавниот сервис. Оттаму, најавата на СОНК за покренување постапка за преиспитување на обврската за плаќање на радиодифузната такса, поради неисполнување на обврската на јавниот сервис да информира неселективно, е одлична идеја. Таа треба да биде прифатена од сите организации, граѓани и здруженија соочени со неподносливата арбитрарност во изборот на МРТВ за тоа за што ќе информира, а за што ќе молчи.

Најавата на СОНК е, всушност, будење од резигнираната дремка во која западнавме и патоказ како може и треба да се адресира, барем кога станува збор за јавниот сервис, малициозната пракса за криење на информациите, според принципот – она што не е објавено, не се случило. Претставки и барање за преиспитување, со аргументација што ќе го евидентира трендот на филтрирање и селективна дистрибуција на информациите, наместо малодушност која ја храни културата на неказнување е одговор што сите проскрибирани поединци, здруженија и граѓани, треба да го прифатат. Факт е дека никој не очекува Собранието или Агенцијата за медиуми веднаш да пристапат кон разгледување на претставките, но тоа не е причина , ниту смее да биде оправдување за пасивност.

Праксата на прифаќање на ненормалното и негово претворање во нормално, посрамено помирување со состојбите затоа што „не можат да се променат“ е дефинитивно еден од најголемите проблеми на критичката јавност во Македонија, проблем што ја слабее граѓанската будност, иницијативност и ги умртвува нејзините интереси.

Колумната е објавена на Сервисот за проверка на факти од медиумите