„Шарената“, една година подоцна

Одам кон дома, брзо, со наведната глава, веројатно чкрипејќи со забите. Колку се само паметни, си мислам. Како оние генијалци-негативци од филмовите. Што и да направиш, тие имаат противодговор.

Влегувам дома, проверувам што се пишува на социјалните мрежи. Таму – врие од револт. Помеѓу бројните писанија, се издвојува едно: „Јас во 18 часот ќе бидам пред СЈО. Ќе им упатам поддршка и ќе се упатам по Водњанска накај претседателот. Кој е со мене?“.

Во групата на „Протестирам“ некој пишува: „Мислам дека е време за улица. Очигледно е дека гадовите имаат добра стратегија и немаат намера да се тргнат дур’ не се изборат до последен здив“. Да, време е за улица, сите се согласуваат.

„Протестирам“ повикува на протест. Повикот вирално се шири по социјалните мрежи. Неколку илјади луѓе излегуваат на протестот. Спонтано, изреволтирани од неправдата.

Протестите лани почнаа спонтано, откако граѓаните повикаа на социјалните мрежи да се излезе на протест

Останатото е историја. Три месеци континуирани протести против авторитарниот режим, во дваесетина градови на Македонија. Протести кои почнаа со многу револт, кој прерасна и во бес, што пак, резултираше со демолирање на канцеларијата на амнестирачот Иванов. Протести кои потоа се трансформираа во ненасилни, чиј заштитен знак стана боењето на споменици и фасади. Протести кои можеби претенциозно, но сепак автентично го добија називот „Шарена револуција“. Протести за време на кои протестирачите беа постојано напаѓани, и од физички лица, но и од полицајци. Протести, за време на кои имаше повеќе од десетмина приведени, неколкумина во куќен притвор и повеќе од десетмина против кои сѐ уште се водат судски процеси. Протести кои завршија со потпишување нов договор од страна на четирите партии кој резултираше со избори, по кои четири месеци сѐ уште нема влада.

Денес и лани

И, еве сме, една година по започнувањето на „Шарената револуција“, а речиси ништо не е подобро. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште владеат, Иванов пак прави што сака. Дури може да се каже и дека е полошо, зашто сега режимот не ги окупира само институциите, туку и улицата, со нивните протести за „заедничка“ Македонија.

Која е тогаш поентата да се одбележува овој настан? Поентите се најмалку две.

Првата е да се направи споредба меѓу протестите од минатата година и овие протести сега. Меѓу општеството за кое се застапувавме ние лани и општеството за кое за застапуваат тие сега.

Еве сме, една година по почнувањето на „Шарената револуција“ и ништо не е сменето. Што е тогаш поентата да се зборува за неа? Поентата е да се научи од грешките. А најголемата грешка на „Шарената“ беше што не сфати дека власт не се добива туку се зема. Ако конечно ја научивме оваа лекција, има надеж.

Протестите лани почнаа спонтано, откако граѓаните повикаа на социјалните мрежи да се излезе на протест. Протестите сега почнаа откако Груевски во интервју на национална телевизија ги повика луѓето да не седат по папучи дома туку да одат на улица.

Протестите лани почнаа по противуставната одлука на Иванов да аболицира 56 лица осомничени за тешки криминали. Протестите оваа година почнаа неколку дена пред Иванов уште еднаш флагрантно да го прекрши Уставот, одбивајќи да му го даде мандатот на Заев, со што практично се спречи да излезат на протести граѓаните кои се огорчени од ваквата негова одлука.

За време на протестите имаше повеќе од десетмина приведени, неколкумина во куќен притвор и повеќе од десетмина против кои сѐ уште се водат судски процеси./ АФП/ Роберт Атанасовски

Протестите лани беа шарени, не само заради боењето на спомениците и заради знамињата во разни бои. Беа шарени во својата суштина, зашто на нив имаше луѓе со разни идеолошки убедувања, од различни политички партии, од различни националности и какви било други припадности. Протестите сега се црвено-жолти. На нив доминираат македонски знамиња, пред сѐ она од Вергина. Протестирачите се речиси целосно блиски до ВМРО-ДПМНЕ, а етнички малцинства речиси и да нема. На протестите редовно се пее против „клетите Шиптари“ и се скандира „чиста Македонија“.

Тоа се тие две Македонии. Едната во која луѓето слободно прават што сакаат, другата во која луѓето се сведени на партиски послушници кои мораат слепо да ги следат наредбите на пастирот. Едната во која граѓаните се борат против криминалите и за владеењето на правото, другата во која луѓето се третирани како месо кое треба да ги брани криминалите на своите лидери. Едната во која различните бои се надополнуваат и засилуваат во совршена хармонија, без да се претопуваат во едно. Другата во која сите бои се претопуваат во црвено-жолтата комбинација, во која државата е главна, а единката небитна.

Грешките и што понатаму

Втората поента од одбележувањето на годишнината од „Шарената револуција“ е да се извлечат поуки од грешките кои се направија.

Првата грешка беше што „револуцијата“ остана главно во Скопје. Иако имаше протести и во другите градови, тие таму сепак не беа толку масовни. Ова делумно се должи и на тоа што граѓанското општество во другите градови не е толку развиено како во Скопје, но сепак првенствено е последица на тоа што ние, кои бевме најактивни на протестите во Скопје, не најдовме сила да отидеме до другите градови, да ги анимираме луѓето таму. Не направивме доволно за да ги мобилизираме токму оние кои се најголемите жртви на овој режим – сиромашните, селаните, работниците.

Втората грешка беше што протестите остана затворени и централизирани. Иако постојано се истакнуваше дека „Протестирам“ е прво лице еднина и се упатуваа повици секој кој сака да се вклучи во борбата против режимот да го направи тоа на начин кој смета дека е најдобар, овие повици останаа главно декларативни. Не се направија доволно напори протестите навистина да се децентрализираат и да се отворат за сите незадоволни граѓани.

Протестите лани беа шарени во својата суштина, зашто на нив имаше луѓе со разни идеолошки убедувања, од различни политички партии, од различни националности и какви било други припадности

Токму заради овие две грешки и „Шарената“ никогаш не прерасна во вистинска револуција.

Третата, најголемата грешка, беше што не се сфати дека ваков режим не се урива институционално. Сето време се веруваше дека доколку се победи на избори, тие ќе го признаат поразот и ќе ја отстапат власта. Никој не претпоставуваше дека Иванов може толку грубо да го прекрши Уставот и да не го даде мандатот за формирање влада на опозицијата. Се превиде дека Иванов нема да го даде мандатот на опозицијата во ниеден случај.

Не попусто целата изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ се базираше на приказната за федерализација и поделба на Македонија. Тие беа решени да не го дадат мандатот на опозицијата, колку убедливо и да победи таа, под изговор дека е загрозена унитарноста на државата. Иванов, Груевски и сите околу нив се свесни дека доколку има нова влада, тие ќе завршат во затвор. Затоа и се подготвени да се борат со сите сили да не дојде до тоа.

Криминалците не се праќаат самите себеси в затвор. Во ситуација кога државата е заробена, власта мора да се земе, а не да се добие. Доколку ја научивме последнава грешка, има надеж.