Среќата доаѓа

Напис на Сања Арсовска

Нема да му се препуштам на гневот и да дозволам тој да реди зборови со кои ќе плукам отров и ќе им ги спомнувам имињата на демоните на власт. Кои се тие и што направија, знаеме веќе сите.

Нема да му дозволам ни на очајот да излезе од мене и да говори за тоа што сè сум пропуштила во животот во последните 10 години и каков ќе беше тој да живеев во нормална држава. Сакам да ги оттргнам од мене сите негативни чувства и да размислувам во многу бои, во духот на Шарената револуција.

А оваа револуција е најпозитивното нешто што и се случило на Македонија во последните години. По нејзините облици за делување, на моменти ме потсеќа на Чиле во 1988 и кампањата “NO” каде здружената опозиција под лого со виножито кое ја симболизира слободата, демократијата и плурализмот, му се спротивствавуваат на Пиноче.

И наместо да говорат за штетноста од неговиот режим, тие решаваат да направат спот во кој прикажуваат каква ќе биде државата по неговото заминување. Па, спотот блика од бои, од хармонија, од насмевки и безгрижност, збогатени со еден краток и јасен слоган „Чиле, среќата доаѓа”. Просто, како реклама за Кока Кола.

Така некако ја доживувам Шарената револуција.

Дежурните дефетисти ќе кажат дека со боење споменици и институции и балони во воздух не се руши режим, ама тие балони се ослободување од стравот и предвесници на слободата.

Пред некој ден, еден дедо ми пријде пред собрание и ми кажа да се чуваме, дека се плаши за нашите животи. Имаше крвави очи, не пушти солзи, ама кнедлите во грло му пречеа да говори јасно, го гушеа.

Дежурните дефетисти ќе кажат дека со боење споменици и институции и балони во воздух не се руши режим, ама тие балони се ослободување од стравот и предвесници на слободата.

Со насмевка го погледнав и му реков дека немаме ние зошто да се чуваме, нека се чуваат тие што си ја присвоија државата, ја искрадоа, тие нека се плашат тие од нас. Затоа што никој повеќе нема да ни го задуши поривот за правда и слобода, тој е порив е поголем од нивните злосторнички умови.
Се движам низ улиците, со илјадници други луѓе, не ги познавам, но, ќе ни се спојат погледите, ќе си се насмееме едни на други. Со таа насмевка си потврдуваме дека се имаме, дека заедно ќе победиме.

Заедно ќе создадеме општество на вистински вредности, каде чесноста ќе биде еден од главните елементи кои ќе го отсликуваат нашиот национален идендитет.

Може некој да замери на моите обиди за идеализација, дека борбата е тешка и долга (со што се сложувам), ама возвишените чувства совршено и прилегаат на мојата професија, како и проекција за нова Македонија која ја гледам во сјајот на очите на сите што се на улица.

А во таа нова Македонија, ќе имаме репрезентативен претседател кој покрај високи политички квалификации, ќе свири пијано и ќе има софистицирана смисла за хумор, ќе имаме влада која ќе работи за потребите на народот, а не за задоволување на своите мегаломански апетити. Во неа уставот и законите нема да изгледаат како деца на роденден во игротека.

Нема да оставиме културата и уметноста да ни ја водат насилници, примитици и неуки, во таа Македонија родителите нема да штедат за своите деца да ги запишат на факултет во странство, туку ќе имаме здрав образовен систем. Во неа, здравството нема да биде институција на смртта…

Во последно време за зачувување на мојот внатрешен мир се хранам со Шопен, Лист, Шуберт, Шуман без да ми текне дека сите тие му припаѓаат романтизмот, кој според општествените прилики во кои е создаден, и те како има врска со она што ни е случува денес во Македонија. Сосема природно се наметнала таа потреба, си помислив, откако сфатив.

Исто како што сосема природно „Нема правда, нема мир”, се преформулира во „Ќе има правда, ќе има мир”. Ах, да знае Груевки колку само тоа „ќе има” знае дополнително да мотивира за да си секој ден на улица, ќе побара да се избрише од македонската граматика.

И не би имал никаков проблем да ни го избрише идното време, веќе направи доволно чекори за да ни ја уништи иднината, ама овој пат ние сме цврсто решени дека не му ја даваме.

Да живее Шарената Раволуција, да шаренее!