Заробени медиуми: Како суди судот на Груевски

Блог на Ерол Ризаов

Деновиве падна уште една скандалозна судска пресуда која убаво го отсликува режимот на Никола Груевски и на ВМРО ДПМНЕ. Искусната судика Весна Каловска по речиси пет годишен судски маратон, кој го водea тројца судии, конечно го оконча во граѓанска постапка и донесе пресуда на која може да позавиди и Соломон. Како една од карактеристиките од ерата на груевизмот во Македонија овој судски процес, а особено пресудата еден ден ќе се изучува на правните факултети како сигурен предзнак на диктатурите и целосната зависност на судството од страховладите, а одлуката на судиката е особено инспиратривна и за добра литература и сатира блиска на „ Јазовецот пред суд“ на Петар Кочиќ. Сторијата започнува на 18 декември 2009 година кога весникот „Вечер“ спектакуларно откри во анонимен текст кој се грчките платеници во Македонија. Одговорниот според законот за оваа тешка клевета веднаш како кукавица го избегна судот и рече јас не сум автор на овој текст. Се јави доброволно јунак и големиот патриот директорот на весникот и рече храбро пред Судот јас го напишав ова и јас стојам зад ова херојско дело. На крај се јави шепкачот на ВМРО ДПМНЕ во судот и рече никој не е виновен. Судијата пресуди нема докази кој е автор. Текст има, автор нема , казна нема . Кој не е задоволен може да се жали на повисока инстанца во судовите на вождот Никола Груевски.

Поучна сторија за судството и новинарството

Еве ја оваа поучна сторија за македонското новинарство и судство. Значи, еден слободен новинар во независната редакција „Вечер“ во очи на Новата 2010 година дошол самостојно до големо откритие. Ги фатил живи грчките платеници и домашни предавници кои одработуваат за големи пари Македонија да се откаже од своето уставно име. Се разбира, слободоумниот новинар седнал и овој свој голем подвиг го напишал со сите нишани и докази со кои располгал. Вели:
…„ Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“….„ во Македонија се плаќаат новинари за ширење на пропаганда со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјата“…. двата кратера се платени да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот. Еден од кратерите е организиран од Фондацијата Сорос.Оваа фондација плаќа од нив одбрани новинари како Никола Гелевски, Бранко Геровски, Владимир Милчин, Ивица Антевски, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протуѓер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска… “ И двата кратери имаат една цел- притисок врз македонската Влада да се постигне договор со Грција, по секоја цена. Новинарите од двата кратери вршеа притисок за одреден хонорар, односно големи пари“…
Ете ова е клучниот дел од ова епохално откритие на домашните непријатели сите на број со име и презиме. Ова ремек дело не може, а да не биде опнато на првата страница со големи букви како и што личи при вакви новинарски подвизи. Притоа е направен еден мал пропуст, заборавено е името и презимето, потписот на јунакот, што еве пред целата јавност покажа со прст кој се државните непријатели и кој се тие гадови кои работат за пари да се смени уставното име. Сите други релевантни докази се присутни во текстот, имиња и презимиња на корумпираните, кој плаќа, колку плаќа, каде плаќа се си стои на место само нема име и презиме, освен на платениците,а нема и нивни изјави, а и зошто и да има од такви изроди кои се подготвени да си ја продадат и мајката и таковината за пари
Што им преостанува во ваква ситуација на набедените грчки платеници пред јавноста, пред своите деца, пред своите пријатели, комшии освен да бараат правда судот да ја утврди вистината. И така би. Свиткавме табак, го викнавме адвокатот што ги знае добро овие работи и поднесовме тужба до Судот. Законот вели кога нема потпис текстот, славата и одговорноста му припаѓа на главниот и одговорен уредник, во овој случај господинот Драган Павловиќ Латас, познат независен и самостоен новинар кој во тоа време е еденствен во светот главен уредник и на весник и на телевизија. За жал храбриот новинар на судот не беше толку храбар, туку по повеќе бегања од соочување со правдата се повелече со образложение дека тој ден бил на пат и тој не е автор на херојскиот текст, туку директорот на весникот кој никогаш не напишал новински текст, ама ете неговиот првенец доживеа голема популарност и се вртеше и се уште се врти нон стоп преку партиските телевизии и портали, весници, се цитира како општопозната работа, секој ден и при секое појавување во јавноста на грчките плтеници. Одбраната го заштити господинот Латас со прифаќање дека директорот на редакцијата заедно со уште една новинарка која подоцна одрече дека учествувала во пишувањето на текстот се автори на текстот. Директорот Бобан Богдановски Андревски дојде во судот се заколна под морална и кривична одговорност дека ја зборува вистината и како сведок изјави:
…„јас лично сум автор на овој текст заедно со мојата колешка Билјана Зафирова, која е новинар во дневниот весник Вечер. За да бидам појасен, јас и колешката Билјана Зафирова заедно го составивме текстот на написот, а потоа јас го одобрив, односно авторизирав за да може да се објави… Јас стојам зад текстот и се што е објавено во него.“
Така Латас е ослободен од оптужбата. Така заврши првиот чин од сускиот процес платениците против патриотите.

Заклетвата во првиот чин не важи во вториот

Нормално, потоа почна нов процес против херојот што застана зад текстот дека тоа е негово дело. Арно ама и овој јунак како оптужен ја смени плочата и неговата храброст издиша како тракторска гума. Тоа што го зборувал Богдановски -Андревски под заклетва како сведок во првиот чин, не важи во вториот како обвинет. Големиот јунак почна да пелтечи и ја фрли целата вина врз новинарката Зафировска, тврдејќи дека таа е единствен автор на текстот. И Бобан како Латас се покажа како голем мажиште. Нема што. Новинарката Билјана Зафирова како сведок пред судот целосно го негираше авторството на текстот и нејзино учество во подготовка на текстот.

По безброј одлагања и ескивирања на судот херојот што тврдеше дека тој лично стои зад текстот и дека тој е автор, успеа да го убеди судот дека автор, всушност, нема, а кога нема автор нема ни виновници. Текст има , груби невистини и клевети има, ама во судот на Никола Груевски и на ВМРО ДПМНЕ тоа не значи ништо. Ете, оваа е една од многубројните судски фарси кои го одбележуваат ова време на заробените медиуми и новинари.

Судиката што го водеше процесот, Весна Калковска, на едно од судењата искажа убва мисла дека на секој човек подеднакво му е важен угледот и честа. Се согласувам со тоа. Но, сепак, има професии во кои угледот и честа се главен предуслов не само за успехот во работата и егзистенцијата, туку и за угледот и стабилноста на целото општество. Меѓу тие професии секако се новинарството и судството, односно судиите и новинарите. Кога некој ќе ве наклевети јавно преку медиумите дека сте грчки платеник за едно од најчувствителните прашања во Македонија, името на државата, и кога тоа трае со години целиот ваш труд, углед, работа и достигнувања се згазени. Кога, пак, судот тоа ќе го потврди на еден скандалозен начин дека не се знае кој е автор на оваа тешка клевета и дека со таквата пресуда таа и натаму има право на граѓанство и слободен пристап до јавноста, тогаш судијката Весна Калковска грубо згазна врз правдата и врз угледот и честа на луѓето кои цели пет години чекаа да победи правдата и да се симне срамот од нивниот образ, да се симне анатемата од нивното творештво и работа. Судот направи поголема неправда отколку клеветниците со бавното судење и со срамната пресуда. Нека Ви служи на чест г-ѓо Калковска. Ќе има со што да се гордеат вашите потомци.

Текстот е преземен од страницата на Сервисот за проверка на факти во медиумите