Зoшто Призма?

Соработката помеѓу новинарите и граѓанските организации е клучен процес кој во здравите демократии се случува на дневна основа. Но, за општества кои што важат за делумно слободни според светските индекси за слобода на известување и за кои се смета дека постои политизација на најклучните сфери од живеењето, вклучително и граѓанското здружување тој е помалку реален. Тоа е процес кој е далеку од една дневна пракса.

Доколку сето ова не би било само делумно спроведено би уживале барем два позитивни аспекти: проток на здрави и издржани информации кои би придонеле до квалитетна јавна свест, информирана јавност, и унапредена соработка помеѓу граѓанскиот сектор и новинарите како извор и гласник на таквите информации.

Ние сметавме дека делумно, не значи и доволно, и дека делумно треба што поскоро да го замениме со една подобра слика за нашата заедница. Таквата слика подразбира изградени лични односи со новинарите, пристап на континуирана соработка помеѓу граѓанскиот сектор и новинарите со цел да се добие поефикасен начин на дистрибуција и размена на информации, известување со објективен и аналитички призвук кон содржините и градење на партнерски односи кои ќе се одржуваат редовно преку формални и неформални механизми.

Сумирајќи ги вака подредени заклучоците од дебатите кои беа дел од нашиот проектрешивме идејата за Призма да ја градиме според детектираните проблеми на двете клучни страни, граѓанските организации и новинарите, но во ниту еден момент да не заборавиме на пошироката јавност и потребата од истражувачкото новинарство.

Структурата на Призма дел по дел се обидува да ја премости реалната ситуација на слаба соработка, во подобрена соработка и размена на информации, па макар тоа и да остане  само во виртуелниот свет. Бидејќи недостатокот на комуникација со новинарите беше утврден како недостаток, исто како и нивното непрепознавање на полињата од интерес за известување, решивме да креираме адресар на новинари од Македонија. Тој заедно со адресарот на невладини ќе бидат клучното поле во кое што ќе се случува и подобрува комуникацијата помеѓу новинарите иневладините организации. Од друга страна, таа комуникација и размена на информации ќе биде поткрепена со бројните ресурси кои се тука да ја олеснат комуникацијата, но и да го унапредат информирањето.

Призма е тука за да се погрижи за намалување на бројот на темите кои се незастапени во јавноста, да даде еднаков пристап кон сите прашања од заеднички интерес и да ги поттикне оние кои имаат што да кажат да го сторат тоа. Од една страна Призма е медиум на граѓанскиот сектор кој ги промовира и известува за последните новости од него, а од друга страна е глас и медиум на сите граѓани, сите граѓански активисти и новинари кои имаат потреба на помалку формален начин да го изразат своето мислење.

За крај, Призма е тука заради сите нас. Затоа што темелно ќе ги истражи и ќе известува за проблемите од заеднички интерес се со цел да предизвика промена на подобро и да не дозволи јавноста да биде неинформирана за она што најмногу ја засега. Тука е за да даде придонес кон здрава и разумна јавна свест и придонес кон здрава и одржлива соработка помеѓу граѓанскиот сектор и новинарите. Призма е и медиум и алатка која ќе ни помогне да ги разоткриеме и подобриме демократските вредности или недостатоци на нашата заедница.