Регион

Брамерц ќе ја пријави Хрватска во Советот за безбедност

Главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, изјави дека ќе ја пријави Хрватска во Советот за безбедност на ООН, поради несоработката со Босна и Херцеговина.

Свен Милекиќ, Загреб

Серж Брамерц. Фото: Бета

Серж Брамерц, во интервју за хрватскиот весник „Нови лист“, објавено во вторник, вели дека ќе го извести Советот за безбедност на ООН, оти властите во Загреб ја попречуваат соработката на хрватското правосудство со нивните колеги од Босна и Херцеговина, во предметите за воените злосторства, со што се спречува судење на осомничените.

Брамерц, обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, и на неговиот наследник, Механизмот за меѓународни кривични трибунали, MМКТ, нагласува оти овој акт на Загреб, значи дека хрватските граѓани не се судат за воени злосторства, што наводно ги извршиле во Босна и Херцеговина.

Истакна дека Советот за безбедност на ООН и Обвинителството на МКТЈ се „многу незадоволни“ од ваквата ситуација, и оти своето незадоволство му го пренел на хрватскиот министер за правда, Давор Бошњаковиќ, на нивната средба во Загреб, минатиот четврток.

„Му реков на министерот дека сум многу изненаден, што во една земја членка на ЕУ, извршната власт може толку драстично да интервенира во сопственото правосудство и да го спречи извршувањето на специфичните барања за помош од Босна и Херцеговина“, вели Брамерц за „Нови лист“.

Во јуни 2015 година, тогашната Влада, предводена од премиерот, Зоран Милановиќ, им даде овластување на хрватските институции да одбијат соработка со БиХ, по обвиненијата за кои сметаат дека се политички мотивирани.

Загреб се обидува да ги избегне наводите дека Хрватска имала активна улога во конфликтот во БиХ.

„Мораме јасно да ставиме до знаење, дека по ова нема да постапуваме. По дваесет години, нема да дозволиме политички обвиненија“, изјавил Милановиќ во тоа време.

Брамерц истакнува оти, сепак, се надева дека „хрватското правосудство ќе има доволно доверба во правосудството на БиХ, дека ќе ги гони таквите случаи на најдобар можен начин, па оттука ваков вид на политичко вето не е потребен“.

Информира дека во разговорот со главниот хрватски државен обвинител, Динко Цвитан, побарал одговор на прашањето, зошто Загреб досега не ги судел предметите против хрватските државјани, осомничени за воени злосторства во БиХ, кои се дел од предметите што Хашкиот трибунал му ги проследило на Обвинителството на БиХ.

„Во тие предмети, сè уште не гледам светлина на крајот од тунелот“, рече Брамерц.

„Постојат применливи процедури и докази. Понекогаш е тешко да се разбере зошто има толку многу проблеми и одложувања, со оглед дека и двете земји имаат слична правна основа и користат ист јазик. Можам дефинитивно да кажам дека во однос на квалитетот на соработката меѓу обвинителствата на Хрватска, БиХ и на Србија, има простор за подобрување“, додава Брамерц.

Тој не прецизира на кои предмети мисли, но нагласи дека станува збор за осомничени со „средно ниво на одговорност“.