Актуелно

Братот на новиот министер за транспорт го продаде порталот „Курир“

Промената на сопствеништвото на „Курир“ се случува истиот ден кога Владо Мисајловски, братот на досегашниот сопственик на порталот, Ацо Мисајловски, беше избран за нов министер за транспорт. Нов газда на порталот е уредникот Саше Стојановски.

Веб-порталот „Курир“ од вчера има нов газда, покажуваат податоците од Централниот регистар. Досегашниот сопственик на „Курир“, фирмата Ем медиа ДООЕЛ чиј сопственик беше Ацо Мисајловски, брат на вчера назначениот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, ја продал фирмата, а со тоа и порталот, на главниот уредник Саше Стојановски.

Ацо Мисајловски, братот на новиот министер за транспорт Владо Мисајловски, од вчера не е газда на „Ем медиа“, газда на порталот „Курир“

Ацо Мисајловски, братот на новиот министер за транспорт Владо Мисајловски, од вчера не е газда на „Ем медиа“, газда на порталот „Курир“

Стојановски фигурира и како сопственик на телевизијата „Канал еден“ од Велес, што ја купил кон крајот на декември 2014 година. Претходно, сопственик на оваа телевизија била фирмата НВСП, чиј газда е Владислав Стајковиќ.

Инаку НВСП се спомнуваше и во аудио разговорите на опозициската СДСМ, кога наводно се договараше фирма каде што треба да легне провизијата од договорот со Израелците за набавка на опрема.

Новиот газда на „Курир“, Саше Стојановски, не одговараше на нашите повици

Новиот газда на „Курир“, Саше Стојановски, не одговараше на нашите повици

НВСП е и прв сопственик на агенцијата за обезбедување Секјурити Груп Сервисис (СГС), која добива голем број тендери за обезбедување, а за која СДСМ обелодени разговори со кои тврди дека зад фирмата стои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

НВСП е сопственик и на „Радио Слободна Македонија“ (каде што свои емисии имаат Миленко Неделковски, Јанко Илковски, Ивица Боцевски, Тања Каракамишева) и „Три телевизија ДООЕЛ Куманово“.

Газдата на НВСП Стајковиќ е директор на „Мобико“, фирма чиј газда е Жарко Луковски – генералниот директор на „Т-Мобиле Македонија“. Кум на Луковски е поранешниот директор на УБК, Мијалков.

Промената на сопствеништвото на „Курир“ се случува истиот ден кога Владо Мисајловски беше избран за нов министер за транспорт, откако Миле Јанакиески поднесе оставка.

Последниве години, името на Мисајловски често се поврзуваше со медиумскиот бизнис преку неговиот брат Ацо Мисајловски кој раководеше со Ем медиа ДООЕЛ, фирмата сопственик на „Курир“ и на веб-порталот „Вистина“. Двата портали, а и медиумите кои биле или сè уште се под капата на НВСП, ги поддржуваат владините политики.

И покрај нашите обиди, новиот газда на „Курир“, Саше Стојановски, не одговори на повиците и смс-пораките за коментар околу промената на сопственоста на фирмата што го поседува порталот.