Анализи

Брисел ни забележува за големото загадување на воздухот во Македонија

Загадувањето на воздухот не е маргинално прашање кога се работи за евроинтеграциите на Македонија. Еколошките организации од Брисел немаат дилеми – Доколку Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, ќе треба да покаже дека се држи во границите за квалитет на воздухот.

Логото на активистите кои се борат за почист воздух во Македонија

Логото на активистите кои се борат за почист воздух во Македонија

Проблемот со загадувањето на воздухот кое според мерните станици на Министерството за животна средина е високо, ги натера граѓаните овој месец да излезат на протести во Лисиче со пароли на кои пишува „Сакаме да дишеме“ и „Стоп за смрдеата во Лисиче и во Аеродром“. Но, загадувањето на воздухот е нотирано како забелешка и во извештајот на Европската комисија за Македонија каде што стои дека е постигнат само ограничен напредок во спроведување на националниот план за заштита на Квалитетот на воздухот.

„Минатата зима беа евидентирани високи нивоа на загадување на воздухот (ПМ10), значително над границите на ЕУ“, се вели во извештајот од Брисел.

„Сакаме да дишеме“, порачаа на вчерашниот протест жителите на Општина Аеродром

„Сакаме да дишеме“, порачаа на вчерашниот протест жителите на Општина Аеродром

Мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат дека скопјани кои живеат во Лисиче во октомври годинава дишеле воздух со концентрација на ПМ10 честички од 120 микрограми на кубен метар.

Канцерогените честички, кои можат да предизвикаат рак на белите дробови и да доведат до смрт, биле за повеќе од двојно над дозволената граница за дневно ниво на Европската унија, што е гранична вредност и во Македонија (50 µg/m3). Во Лисиче на почетокот од месецов е измерена рекордна загаденост од 534 микрограми на метар кубен.

Од загаден воздух се задушувале и граѓаните во другите скопски општини, додека тетовци 30 дена во октомври, според мерните станици, дишеле штетен воздух, во кој присуството на ПМ10 честичките исто така било над дозволеното, најмногу до 153. Просечната годишна концентрација е највисока во градот под Шар Планина, а годишните аналзи на Министерството за животна средина покажуваат дека воздухот е најзагаден во зимскиот период.

Европската комисија тужи земји-членки поради загаден воздух

На 200 километри од Скопје е еден од градовите со најзагаден воздух во ЕУ- бугарскиот град Перник. Бугарскиот индустриски град е меѓу трите најзагадени градови во ЕУ според извештајот на Агенцијата за животна средина на ЕУ за загадувањето во периодот 2001-2011.

Просекот на ПМ10 честичките во Периник во просек е 74 на кубен метар, што е над границата на ЕУ. Сепак, за разлика од Македонија каде што квалитетот на воздухот е оставен на самоволието на државата, Бугарите од членството во ЕУ имаат придобивка. Бугарија пред неколку месеци доби тужба од Европската комисија пред Судот на правдата поради надминување на дозволената граница на ПМ 10 честичките.

Тужба доби и Владата на Велика Британија поради тоа што не успева да го заштити здравјето на луѓето од загадувањето на воздухот. Случајот го покрена организацијата „Клин ертх“.

„Нашиот случај беше базиран на Директивата за амбиентален воздух на ЕУ. Обединетото Кралство и други држави ја кршат директивата поради нивоата на НО2 која законски е ограничена на 40 µg/m3). Кога ние го започнавме случајот, имаше делови од Лондон кои не без во согласност со директивата до 2030 година. Случајот стигна до Врховен суд и беше процесуиран во Судот на правдата на ЕУ. Процесот траеше пет години, а како резултат на случајот, Владата на Обединетото Кралство треба да излезе со план како ќе го намали загадувањето“, вели за БИРН Џон Бенет од организацијата „Клин ертх“.

Да се ограничи сообраќајот со возила

Доколку Македонија се приклучи кон ЕУ, ќе треба да покаже дека е на патот да ги исполни ограничувањата во поглед на загадувањето на воздухот, вели за БИРН Себастијан Пант од Европското биро за животна средина од Брисел.

„Постојат бројни иницијативи што државата може да ги преземе за да го намали загадувањето на воздухот. Не постои единствено решение кои би било применливо за секоја држава“, вели тој.

Земјите-членки на Унијата постојано трагаат по решенија како да се намали загадувањето на воздухот. Во Париз беше воведен ден без автомобили, а Осло до 2019 година планира целосно да ја забрани употребата на возила во центарот на градот и да се изградат патеки за велосипедисти од 55 километри и да се инвестира во јавниот транспорт.

„Да се ограничи загадувањето од сообраќајот е клучно за сите држави, затоа што штетниот воздух не застанува на граница. Мора да се осигура дека постојат лимити во поглед на загадувањето за секоја држава. Оваа поента е значајна, затоа што одредена земја може да ги исполнува ограничувањата во поглед на загадувањето, но ќе страда заради соседите“, вели Пант од Европското биро за животна средина.

Еон Банон, од невладината организација „Транспорт и животна средина“ од Брисел за БИРН вели дека формирањето градски зони за помало загадување и поголемата употреба на јавниот транспорт се дел од мерките што треба да се преземат за да се овозможи подобрување на квалитетот на воздухот.

„Треба да се промовираат поефикасни системи за греење и енергетски ефикасни згради, не дозволувајќи да се користат дрва за огрев. Ова се најдобрите опции“, советува Банон.

Со дел од ваквите мерки се согласуваат и еколошките невладини организации од Македонија кои излегоа со предлог мерки за секторите сообраќај, индустрија, градежништво и домаќинства за да се подобри квалитетот на воздухот. Во делот на индустријата, невладините организации бараат да има времен прекин во деновите со зголемено загадување, а се предлага и бесплатен сообраќај, како и забрана за движење на возила со понизок стандард од ЕУРО 4.

Еколошките здруженија велат дека ќе бараат од партиите во своите програми за изборите да понудат решенија за загадувањето.

„Ќе бараме да им дадат на граѓаните конкретни решенија, а не да им замачкуваат очи. Ни требаат зелени пратеници кои ќе работат на овој проблем“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Институциите рамнодушни на поразувачките статистики

Пред три дена, во Гази Баба, присуството на штетните честички беше 6,2 пати над дозволеното

Пред три дена, во Гази Баба, присуството на штетните честички беше 6,2 пати над дозволеното

Кон проблемот со загадувањето кај нас се пристапува повеќе кампањски и прашањето се отвора само во зимскиот период кога мерните станици покажуваат дека граѓаните се гушат во загаден воздух кој е ризичен за здравјето.

Единствената мерка која беше на големо промовирана преку телевизиски прилози на медиуми блиски до власта откако мерните станици почнаа да светат црвено поради загаденоста, беше прскањето на улиците на Скопје со калциум магнезиум ацетат.

„Оваа мерка не е доволна, не може парцијално да се решава проблемот со загадувањето“, вели Чоловиќ Лешоска од невладината организација „Екосвест“.

Од Министерството за животна средина една недела не одговорија на прашањата од БИРН за тоа што се презема за да се намали високото загадување, со објаснување дека надлежните биле на пат. Не ни одговорија зошто кога во Националниот план за заштита на воздухот 2013-2018 година, донесен од Владата, стои дека технолошките процеси кои се одвиваат во индустриските капацитети во Македонија директно влијаат за загадувањето, се толерираат преку продолжување на роковите за еколошко прилагодување.

Колку граѓани годишно умираат поради загаден воздух и какви респираторни проблеми носи загадувањето е прашање за кое и покрај неколкудневно инсистирање не добивме одговор од Институтот за јавно здравје. Драган Ѓоргиев, советник од Институтот за јавно здравје, без да ни одговори дали Институтот прави свои пресметки или дали како институција ги прифаќаат бројките на Светска банка, нѐ упати на истата таа статистика.

А таа покажува запрепастувачки податоци. Студијата „Зелен раст“ на Светската банка која беше промовирана во 2014 покажува дека во Македонија во просек 1.350 луѓе годишно умираат поради загадување на воздухот. Загадувањето на воздухот, според истиот извештај, ја чини Македонија 253 милиони евра или 3,2 отсто од БДП-то.

Светска банка пресметала дека ако Македонија го намали нивото на загаденост со суспендираните честички ПМ10 и ПМ25, би избегнала 800 случаи на смрт и би зачувала 34 милиони евра годишно.

Јасно се детектира и од каде доаѓа загадувањето: најголем процент на емисија на суспендираните честички произлегува од производствените процеси („Макстил“, „Скопски легури“, „Фени Индустри“, „Фероалоис“) и изнесува 60%.

Доколку Македонија ги исполни стандардите на ЕУ, Светска банка проценува дека би заштедила над 150 милиони евра годишно.

Сепак, како што велат еколози за БИРН, институциите остануваат глуви на ваквите поразувачки податоци и проценки.

На „големите“ загадувачи им се прогледува низ прсти

На „големите“ загадувачи им се прогледува низ прсти и во неколку наврати им се продолжува рокот за еколошко прилагодување, што доведува до загрозување на животната средина | Фото: Freepik.com

На „големите“ загадувачи им се прогледува низ прсти и во неколку наврати им се продолжува рокот за еколошко прилагодување, што доведува до загрозување на животната средина | Фото: Freepik.com

Според Александра Бујароска од невладината организација „Фронт“, недозволиво е тоа што на „големите“ загадувачи им се прогледува низ прсти и во неколку наврати им се продолжува рокот за еколошко прилагодување, што доведува до загрозување на животната средина.На „Југохром“ од Јегуновце неколку пати им е продолжуван рокот за обезбедување на А-интегрирана еколошка дозвола за која треба да вложат 19.577.000 евра.

Досега три пати уште од 2008 година барале да им се одложи рокот за унапредување на технологијата, а последното го добиле во март годинава кога сопствениците на фабриката „Метал Инвест ЕФТ“,добија продожување на рокот до 31 декември 2016 година.

Крајниот рок за добивање еколошка дозвола за сите термоелектрани е април 2019 година, но еколозите не изклучуваат можност повторно да им се продолжи рокот.

Во поглед на казните за загадување на воздухот, повеќе има прекршочни постапки, отколку повисоки глоби со кои би се принудиле „големите“ загадувачи да ги почитуваат законите и државата би покажала дека се грижи за здравјето на граѓаните.

„Државниот инспекторат поведе прекршочна постапка за „Макстил“ за немање мерна станица, бидејќи согласно оперативниот план се задолжени за сопствен мониторинг и оваа казна е наплатена. Во моментот опремата е набавена, но „Макстил“ чека одобрение за градење кое го издава општината. Од наша страна поведена е прекршочна постапка и за „Југохром“ за непочитување на решението на државниот инспектор во висина од 5 илјади евра, и уште една глоба согласно чл. 212 од Законот за животна средина, 70 -100 илјади евра, која сѐ уште нема судска разрешница и од судот зависи дали ќе ја потврди или отфрли“, велат од Инспекторатот за животна средина за БИРН.