Репортажи

Чаршијата молчи за насилството, истрагата е во тек

Една топла ноемвриска вечер во Старата скопска чаршија сè беше навидум одлично, а кафеаните полни, освен местата што во последниот период беа цел на мистериозни напади, насилства со качулки, инциденти, скршени излози

Старата скопска чаршија е сè уште место каде што можете да го почувствувате вистинскиот дух на ноќниот живот во градот, да сретнете интересни луѓе, да чуете добра музика и да го вдишете животот на калдрмата. И така е од Камен мост преку Стоковната куќа“, потоа „Менада“ па сè до денес модерните ракија бар, винарницата, пивницата. Тоа се локации кои нè водат до срцевината на најголемата турска чаршија на Балканот – како што е Капан ан, па сè до Бит-пазар на другиот крај.

Секој обид да зборуваме за она што се случувало во чаршијата наиде или на молк од еснафот, или на изјави дадени под услови на анонимност, освен од јавните личности | Фото: Г.Ризаов

Секој обид да зборуваме за она што се случувало во чаршијата наиде или на молк од еснафот, или на изјави дадени под услови на анонимност, освен од јавните личности | Фото: Г.Ризаов

Како за понеделник, посетеноста беше пристојна. Странските туристи се веќе редовен декор, па тие не недостигаа ниту оваа ноќ. Дури имавме можност да видиме и некого од политичкиот естаблишмент. Сè беше во навидум одлично расположение, додека не стигнавме до некои места кои во последниот период беа цел на неразјаснети напади, насилства со качулки, инциденти, скршени излози.

Секој обид да зборуваме за она што се случувало во чаршијата наиде или на молк од еснафот, или на изјави дадени под услови на анонимност. Само јавните личности, кои и претходно немаа проблем да зборуваат на таа тема, се согласија да коментираат.

Еден од сопствениците на кафуле во чаршијата вели дека посетеноста е намалена првенствено поради ниската куповна моќ на граѓаните, но додава дека последните инциденти го земаа својот данок. Прометот му би намален за 60 проценти.

„По секој поголем собир, инцидент, протести и слично кои се одвиваат во близина или до чаршијата има намалување на прометот“, вели тој додавајќи оти треба да поминат најмалку три недели за да се заборави.

„Сите сочувстваа, освен сосетката од куќата до нас“, вели сопственичка на кафулето „Дамар“| Фото: Г.Ризаов

„Сите сочувстваа, освен сосетката од куќата до нас“, вели сопственичка на кафулето „Дамар“| Фото: Г.Ризаов

Последниот од грдите напади што беа прва вест во медиумите се случи во кафулето „Дамар“. Таму, пред неколку недели, на денот на прославата на двегодишнината од формирањето на ЛГБТИ-Центарот, триесетмина момчиња со качулки на главите го демолираа местото. Со тоа испратија порака дека оние што се внатре не се добредојдени. Тој понеделник, кога ние бевме во чаршијата, во „Дамар“ беше само персоналот.

Сепак, сопствениците на кафулето сметаат дека нападот нема толку негативен ефект на посетеноста бидејќи нивните „гости припаѓаат на критичната маса во градот која нема никакви предрасуди. Можеби подоцна ќе се знае точно дали ќе се одрази врз приходите, но засега не забележуваме големи промени“, вели една од сопственичките.

Таа додава дека тие секогаш имале добар однос со сопствениците и вработените во соседните кафулиња, кои покажале сочувство. „Единствено на сосетката во куќата до нас и беше драго што нè нападнаа“, вели таа.

Нападот врз локалот „Њу Орлеанс“ заврши со кривични пријави | Фото: Г.Ризаов

Нападот врз локалот „Њу Орлеанс“ заврши со кривични пријави | Фото: Г.Ризаов

Во кафулето „Њу Орлеанс“, пак, ова лето се случија неколку инциденти но не од нетрпеливост кон ЛГБТ заедницата. Наводно, поради гласната музика, а подоцна се покажа дека и поради видот на песната, местото беше демолирано, еднакво насилно како и кафулето „Дамар“.

Сега во „Њу Орлеанс“ на вратата стои едно мало ливче на кое со мастило е напишано „се реновира“. Но, на прв поглед не се забележуваат знаци дека нешто се работи, дека се менува ентериерот или што било друго.

Сопственикот на кафулето вели дека „Њу Орлеанс“ навистина се реновира и дека наскоро ќе се знае точно кога ќе се отвори.

Во секој случај, на вратата стои оваа обична бела хартија како немо потсетување дека нешто навистина треба да се реновира, можеби не кафулето туку нечиј начин на размислување.

„Старата скопска чаршија е едно од ретките места во земјата каде што навистина интерактираат различните, со меѓусебна почит“, вели Петрит Сарачини од Македонскиот институт за медиуми. „Токму затоа, бидејќи таа претставува симбол на заедништвото, таа е и првата цел на напади на оние што сакаат прекин на контактите и продлабочување на омразата меѓу различните“, додава тој.

Интеракцијата меѓу различните во Чаршијата е навистина една од огромните културни придобивки која се одразува и врз целокупниот начин на живот во земјата. На таа калдрма со векови се разбирале меѓу себе сите добронамерници, трговци, занаетчии, луѓе од еснафот, или, пак, патувачи. Сите од различно потекло, сите со различни знаења и мотиви, но со заеднички интереси.

„По небезбедно место е Владата на Република Македонија со два неразјаснети инцидента, отколку чаршијата со еден“, вели Рамадан Рамадани | Фото: Facebook.com/RamadanRamadani

„По небезбедно место е Владата на Република Македонија со два неразјаснети инцидента, отколку чаршијата со еден“, вели Рамадан Рамадани | Фото: Facebook.com/RamadanRamadani

И Рамадан Рамадани е еден од оние скопјани кои живее во Чаршијата. Вели, тука израснал и не може да го замисли животот без неа. „Тоа е срцевината на Скопје, и срцевина на тоа што претставува урбан живот во градот. Ова особено важи за меѓуетничката кохезија на градот и на земјата, затоа што чаршијата е една од ретките места кои се брана при налетите на гетоизација на сите нивоа“, вели Рамадани.

Тој категорично ги отфрла муабетите низ градот дека чаршијата не е безбедна. „Според последните статистики, понебезбедно место е Владата на Република Македонија со два неразјаснети инцидента, отколку Чаршијата со еден неразјаснет инцидент“, вели Рамадани.

Понатаму, тој објаснува дека Скопската чаршија секогаш имала свој природен тек на развој, миграции, преместување, и секогаш кога политиката вмешала прсти, „како на пример Законот за територијална поделба кој ја остави поделена на две општини“, чаршијата трпи од таа неприродност.

За „Њу Орлеанс“ кривични пријави, за
„Дамар“ ништо

Во Министерството за внатрешни работи велат дека истрагата за инцидентот во
кафулето „Дамар“ е сè уште во тек. Од ЛГБТИ Центарот неколку пати протестираа
за тоа што истрагата тапка во место. Прашуваат зошто јавниот обвинител нема
став кога МВР веќе поднело извештај за инцидентите. Тие најавија протест секој
четврток. При последниот протест неколкумина од ЛГБТИ Центарот, во знак на
протест, лежеа во црни вреќи на скалите од Обвинителството. Во однос на истрагата за
инцидентот во кафулето „Њу Орлеанс“, пак, од МВР соопштија дека се приведени двајца,
од кои едниот бил осум дена во притвор, а за другиот биле применети алтернативни начини
на обезбедување. Истовремено, Јавното обвинителство веќе поднело кривични
пријави против овие двајца.

Тој за инцидентите во кафулињата „Дамар“ и „Њу Орлеанс“ вели дека не се поврзани со чаршијата. „Нападот врз ЛГБТИ Центарот не е поврзан со чаршијата, туку е напад врз една маргинална група“, вели Рамадани.

Не сака да шпекулира дали овие инциденти се политички мотивирани, но нему му „изгледа дека тука се води битка за прометот од ноќниот живот. Чаршијата сама по себе привлекува луѓе, а другите места, како што се дискотеките во Градскиот парк, зјаат празни. Па, ако таму постојат некои политички ментори, тогаш можеме да претпоставиме дека и пропагандата против чаршијата има политичка заднина“, вели Рамадани.

Но, факт е дека прославата на двегодишнината на ЛГБТИ-Центарот беше најавена со говор на омраза на еден портал на албански јазик. Насловот беше „Скандал: Хомосексуалците утре ќе прослават во Стара чаршија, медиумите молчат“ и беше наведен како класичен пример во Сервисот за проверка на факти. Текстот сега е избришан, но последиците од него останаа.

Првата реченица од овој текст кажува сè: „Старата чаршија уште еднаш ќе се извалка од хомосексуалци“.

Артан Груби, пратеник од Демократската унија за интеграција, вели оти не го видел текстот објавен на порталот. Тој смета дека токму медиумите во земјава се виновни за подгревањето на тензиите.

„Самите новинари бараа порталите да се изземат од законот. Сега, со десет евра може да се основа портал и да се пишува сè и сешто без никаква одговорност“, вели тој. Затоа Груби порачува дека првенствено на оваа тема за начинот на пренесување на вестите и сензационалноста, треба да разговара новинарската заедница, а потоа и политичарите.

Интеракцијата меѓу различните во Чаршијата е навистина една од
огромните културни придобивки која се одразува и врз целокупниот
начин на живот во земјата. На таа калдрма со векови се разбирале
меѓу себе сите добронамерници, трговци, занаетчии, луѓе од
еснафот, или, пак, патувачи. Сите од различно потекло,
сите со различни знаења и мотиви, но со заеднички интереси

Поради недостиг на информации, Груби вели дека не може самиот да пресуди која е причината за инцидентот, но, додава дека „никаков инцидент или насилство врз кого било, не може да придонесе за развојот на чаршијата, па макар тоа било и врз хомосексуалците“.

Тој не верува дека за некого овие луѓе не се добредојдени во чаршијата. „Нетрпеливост може да има од страна на различни групи на луѓе, но кој е тој домаќин на чаршијата што може тоа да го каже“.

Можеби ниту еден домаќин нема да го каже, но дефинитивно сите „домаќини“ го игнорираат насилството како да не се случило. Таа ноемвриска ноќ, кога ја посетивме чаршијата никој не сакаше да зборува за инцидентите и нападите. Сè беше навидум совршено.