Вести

Четири истраги и обвинение

СЈО ги објави истрагите Тотал, Тифани, Табла и Триста и најави обвинение за случајот Транспортер | Фото: МИА

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори четири нови истраги и најави обвинение за предметот Транспортер, во кој еден од осомничените е битолскиот градоначалник Владимир Талески.

СЈО во случаите наречени Тотал и Тифани сомничи две лица дека затаиле данок преку повеќе фирми, додека во предметите Триста и Табла сомничи помошник министер во МВР за злоупотреба на службена должност при набавка на 300 автомобили за полицијата и директор на училиште од кичевското село Зајас за истото кривично дело направено при изградба на ново училиште.

Во случајот „Тотал“ станува збор за фирмите „Тотал маркетинг агенција“, „Тотал маркетинг“, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“ во кои директор е или некогаш бил главниот уредник на „Сител телевизија“, Драган Павловиќ – Латас.

Обвинителката Фатиме Фетаи објави дека овие фирми заедно затаиле данок во вредност од околу 120.000 евра, додека самиот управител лично затаил нешто над 63.000 евра.

Во вториот случај „Тифани“ станува збор за фирмите „Смарт центар“ и „Смарт груп“ во кои директорка е или некогаш била директорка Ивона Талевска, главната уредничка на весникот „Вечер“.

Според Фетаи фирмите со префикс „Смарт“ затаиле данок во вредност од околу 37.000 евра, додека самата управителка нешто над 16.000.

СЈО ги сомничи двајцата дека повеќе години по ред со парите од фирмите си купувале облека, накит и други предмети за лична употреба и овие расходи ги пријавувале како трошоци со кои наводно купувале опрема за фирмите со кои управувале.

Гацов: Сите трошоци на фирмите треба да се во функција на нивната дејност
Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници на Република Македонија за БИРН коментира дека сите компаниски трошоци мора да бидат во функција на дејноста на компанијата, обврзник на данокот на добивка.
„Направените нефункционални трошоци се оданочиви со данок на добивка, но истовремено истите добиваат третман на персонални приходи на кои се пресметува и плаќа персонален данок на доход и трето за ваквите набавки не постои законска можност за одбивка на влезниот данок на додадена вредност со оглед што набавките не се за целите на стопанската дејност на компанијата- обврзник на ДДВ. Фактички за нефункционалните трошоци се плаќаат три даноци, персонален данок на доход, данок на добивка и ДДВ. Во зависност од докажаната намера ваквите дејствија добиваат третман на кривично дело, а висината на казната, вклучувајќи и затворска казна се одмерува според остварената имотна корист“, вели Гацов.

Како што посочи обвинителката Фатиме Фетаи осомничениот во случајот „Тотал“ на ваков начин си купил мебел од 65.000 евра, душеци од 3.000, рачен часовник „брајтлинг“ од 2.300 евра, персиски теписи и врвно дизајнирани кујнски садови, додека осомничената во случајот „Тифани“ иако не смеела, преку фирмите пазарела долна облека во вредност од 500 евра, гардероба, чанти и чевли во вредност од 33.000 евра, очила, шминки и пудри за 1.000 евра, мебел, велосипеди и други производи за лична употреба.

Според СЈО, со тоа што си купувале предмети за лична употреба ја намалиле основицата од која се пресметува вредноста на данокот што треба да го платат и со тоа делумно затаиле данок.

Еден од аргументите дека опремата била за лична употреба за обвинителката Фетаи е тоа што во случајот „Тотал“ три од фирмите воопшто немале вработени што би ја користеле опремата, а четвртата имала само двајца вработени, кои биле ангажирани дури во 2014 и во 2015 година.

На новинарско прашање што работеле овие фирми, обвинителката Ленче Ристоска објасни дека изворот на приходите е опфатен со истрагата, меѓутоа во овој момент не може да коментира ништо во врска со тоа.

На почетокот од пресот дел од претставниците на медиумите ги спуштија камерите и излегоа од прес-конференцијата | Фото: МИА

БИРН се обиде да ги контактира Ивона Талевска и Драган Павловиќ – Латас и да побара нивен коментар, меѓутоа на мобилниот на уредникот на Сител се вклучува тeлeфонска секретарка, додека Талевска побара да ѝ пратиме СМС-порака, на која не одговори.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов во 2014 година откако го обелодени познатиот случај „Висарис“, објави дел и од овие фирми во кои се јавуваат Павловиќ-Латас и на Талевска. Тој тогаш праша „како е можно уредници – новинари паралелно да работеле или работат и бизниси со медицинска опрема, маркетинг, истражување на мислење, истражување на пазарот, комерцијални услуги?“.

Покрај шесте фирми што ги третира СЈО, постојат или постоеле уште компании под брендовите „Тотал“ и „Смарт“ каде во одреден период се јавувале Ивона Талевска и Драган Павловиќ – Латас и кои ги врзуваат исти адреси или исти содружници.

БИРН изброја вкупно 15 фирми кои се поврзуваат на некаков начин со двајцата осомничени од страна на СЈО.

Третата истрага се однесува на набавката на автомобили од 2008 до 2012 година и во овој случај СЈО сомничи помошник министер во МВР дека ја злоупотребил службената должност и набавил автомобили од фирмите кои немале економски најисплатлива понуда, иако тоа бил единствен критериум на тендерот.

Обвинителката Фетаи објасни дека доколку тендерот бил спроведен според законот и автомобилите биле набавени од оние што дале најдобри понуди, државниот буџет би заштедил околу 450.000 евра, сумата за којашто сега е осомничен помошник министерот.

„Постои основано сомнение дека со незаконското овластување и доделување на договори за јавни набавки за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за економските оператори „Порше Македонија“, „Ка-Дис“, „Бохемија Автомобили Роус“, „Колевски“ и „Авто Куќа“ прибавил противправна корист, иако понудите што ги дале овие економски оператори не биле утврдени како економски најповолни понуди, што било единствен критериум за доделување на договор за јавна набавка, објасни Фетаи.

Обвинителката Ристоска, одговарајќи на новинарските прашања информираше дека помошникот-министер од овој случај е опфатен во некоја од претходните истраги на СЈО.

Четвртата истрага, пак, се однесува на директор од училиште во селото Зајас, Кичево.

СЈО се сомнева дека тој без да се спроведе постапка за тендер и спротивно на задолженијата дадени од Министерство за образование склучил договор за градење на ново училиште во с.Горно Строгомиште, во износ од 200.000 евра со фирмата „Баупроф“ од Кичево.

На почетокот од пресот дел од претставниците на медиумите ги спуштија камерите и излегоа од прес-конференцијата, аргументирајќи дека СЈО врши притисок на медиумите, на што Ристоска реагираше дека ако во некој случај се вклучени лица од медиумите, тоа не значи дека се таргетираат медиумите.