Регион

Четиринаесет години од атентатот на Ѓинѓиќ

Семејството, приврзаниците и политичките колеги на Зоран Ѓинѓиќ, ја одбележаа 14-годишнината од убиството на овој реформистички премиер, извршено во 2003 година

Cincopa WordPress plugin

Пишува: Маја Живановиќ / Белград

Во неделата во Белград му беше оддадена почит на поранешниот премиер на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен во политички атентат во 2003 година. Политичката позадина на ова убиство и денес не е целосно разјаснета.

Како и секоја година, членовите на семејството на Ѓинѓиќ и неговите пријатели, положија цвеќе на неговиот гроб, а илјадници негови обожаватели ѝ се придружија на „Прошетката за Зоран“, низ центарот на градот.

Членовите на Владата, кои ја предводеа Србија по атентатот, положија венец на споменикот во дворот на Владата, на местото каде што Ѓинѓиќ беше убиен.

Некои од неговите обожаватели на неговата Фејсбук страница во неделата објавија емоционални пораки.

„Предобар човек. Беше надеж и светлина, но некој избра темнина“, се вели во една од пораките.

„Изгубени 14 години, сè можеше да биде поинаку, но не ја искористивме, како што велеше Зоран, историската шанса да станеме модерна европска правна држава“, се вели во друга.

Ѓинѓиќ беше еден од основачите на Демократската партија, која во октомври 2000 година го водеше бунтот против режимот на Слободан Милошевиќ. Ѓинѓиќ стана премиер во 2001 година.

Одигра клучна улога во апсењето и екстрадицијата на Милошевиќ во Хаг, кој се соочи со обвиненија за воени злосторства.

Беше убиен пред зградата на Владата на 12 март 2003 година.

Милорад Улемек Легија, поранешен командант на Единицата за специјални операции, ЕСО беше прогласен за виновен за заговор и организирање на групата што го изврши убиството.

Звездан Јовановиќ, активен член на единицата во времето на атентатот, беше прогласен за виновен дека пукал од огнено оружје во премиерот.

И двајцата моментално ги отслужуваат 40-годишните казни затвор.

Припадниците на единицата беа прогласени за виновни за заговор за убиство, извршено со помош на Земунскиот клан, организирана криминална банда. Сепак, и натаму останува нејасна политичката заднина на убиството.

Тексот е објавен и на Балканска транзициска правда