Истражувањa

Човек со три имиња, еден гроб и активна потерница

Лице од Македонија кое шест години се бара преку потерница од Интерпол, во земјава успеало да го смени идентитетот, да ја премине македонската граница и да се врати назад, а притоа да не биде фатено. Аднан Садики во 2014 година починал, а во евиденцијата на МВР сè уште се води како жив, a со тоа практично и како гласач на избори

Автори: Мери Јордановска и Огнен Чанчаревиќ

„Во животов не сум видел ваков случај, а работам 20 години како полицаец“, зачудено ни рече полицискиот службеник во ноември минатата година, кога почнавме да ја работиме сторијата за Аднан Садики.

Тој во 2006 година бил осуден за обид за силување во градот Хорсенс во Данска, и по издржувањето на казната бил депортиран во Македонија. Тогаш данските власти откриваат дека против него има уште една пријава за истото дело, го осудуваат на една година и девет месеци затворска казна, но бидејќи во 2009 година бил недостапен за судот, по него почнува да трага Интерпол.

Освен неговата слика, датумот на раѓање и дека е со потекло од Македонија, за Аднан Садики на потерницата нема никакви други информации.

Активната потерница по Аднан Садики објавена на официјалната веб страна на Интерпол

Активната потерница по Аднан Садики објавена на официјалната веб страна на Интерпол

Единственото нешто што го знаевме за Аднан Садики кога почнавме да ја работиме сторијата, заедно со данската телевизија Нордиск Филм ТВ, е дека тој е роден на 20 април 1966 година во Тетово, дека во моментот живее во Тетово и дека се бара со потерница од Интерпол. Понатамошното истражување по него наликува на крими приказна.

Надгробниот споменик на човекот што се бара преку Интерпол за обид за силување | Фото: Огнен Чанчаревиќ

Надгробниот споменик на човекот што се бара преку Интерпол за обид за силување | Фото: Огнен Чанчаревиќ

Во двомесечното истражување на БИРН, во кое поминавме низ безброј институционални лавиринти и нејаснотии за тоа што всушност се случувало, се покажа дека овој човек успеал преку системот на македонските надлежни институции да си го смени идентитетот во Аријан Алиу.

Успеавме да го најдеме и неговото семејство кое ни даде шокантен одговор дека Садики односно Алиу во јануари 2014 година починал во Скопје. Семејството ни го покажа неговото гробно место, а таму напишано сега веќе трето име – Атнан Алиу.

Ако промената на идентитетот на човек по кој е распишана активна потерница не е доволно сомнителна и не укажува на пропуст или корупција кај надлежните, тогаш дополнително алармира фактот што тој во системот на МВР сè уште фигурира како жив и покрај тврдењата на неговото семејство дека поседуваат посмртница за која, како што велат, ги известиле надлежниоте органи.

Со ова се отвора прашањето за ефикасноста на македонскиот систем за евиденција на граѓаните. Дополнително поради фактот што се наближува предизборен период, кога наголемо се бара прочистување на избирачките списоци, а сепак, БИРН истражувајќи за човек што се бара по потерница, наиде на докази дека тој пред две години починал, а се води како да е жив, а следствено на тоа и со право на глас.

adnan

БИРН на 24 декември 2015 година го пријави случајот во полиција и побаравме да бидеме известени за исходот од истрагата.

Човек – фантом

На самиот почеток на нашето истражување доставивме писмени прашања до МВР, но и отидовме на лице место, за да прашаме дали полицијата постапува по потерницата од Интерпол и дали се знае местото на живеење на Аднан Садики.

Официјалниот одговор гласеше дека станува збор за личен податок и дека не можат да ни дадат информација за тоа каде се наоѓа овој човек, бидејќи законските нормативи во државата тоа го забрануваат.

Затоа тргнавме преку своите извори во полицијата за да дознаеме како е евидентиран Аднан Садики во системот на МВР. Податокот што го најде нашиот извор од полицијата беше зачудувачки – се испостави дека во матичната евиденција на македонски државјани, лице со име и со презиме Аднан Садики воопшто не постои.

Нашите извори од МВР тогаш се обидоа да го најдат во казнената евиденција, каде што се впишуваат граѓаните со казнено досие. Садики тука фигурираше како лице што го бара Интерпол за обид за силување, но немаше никакви детали за него.

„Или е грешка во системот, во што се сомневам, или пак некој навистина се труди да го сокрие“, беше првата реакција на нашиот извор во полицијата кога ги виде резултатите – Аднан Садики постои, но во казнената евиденција нема матичен број, адреса и имиња на родители.

„Ова е како да се трага по фантом“, ни рече полицискиот службеник, кревајќи раменици.

Единственото нешто што беше впишано во казнената евиденција на МВР е дека Садики е роден на 20.04.1966 година во Тетово. Според законските процедури, невозможно е некој да биде осуден без да му бидат внесени генералии како место на раѓање, матичен број и име на родители.

Непостоечко лице, непостоечка адреса

Останува отворено како Садики успеал да го смени идентитетот, да ја премине македонската граница и да се врати назад без да биде уапсен од македонската полиција

Останува отворено како Садики успеал да го смени идентитетот, да ја премине македонската граница и да се врати назад без да биде уапсен од македонската полиција

Овие конфузни информации во системот на МВР беа доволни за нашите извори во полицијата да се обидат да дознаат повеќе. Тоа „повеќе“ беше уште една повторно зачудувачка информација – истата, 2009 година, кога Садики бил депортиран од Данска во Македонија, тој успеал да си го смени идентитетот од Аднан Садики во Аријан Алиу иако по него има активна потерница од Интерпол.

Датумот на раѓање останал ист, а како место на живеење е напишано Скопје, во населбата Ченто.

Се обидовме да ја лоцираме адресата на која Аднан Садики, односно Аријан Алиу, е заведен во евиденцијата. Се испостави дека адресата според која тој живее во населбата Ченто е лажна, односно дека улица со таков број воопшто не постои.

Живеалиштето на Садики го баравме и со такси возило опремено со мапа на Скопје и со дигитално внесени улици и ГПС систем. И тие напори беа залудни – таксистот не ја пронајде адресата, иако неколкупати се обидуваше да добие насоки и инструкции од централата.

„Оваа улица не постои“, дециден беше таксистот пред да го паркира автомобилот во слепа уличка во населбата Ченто. Никој од тамошните жители не ја препозна сликата на Садики, односно Алиу.

Откако сите обиди да го најдеме пропадна се фокусиравме на фактот дека едно лице успева да смени идентитет и тоа кога се бара со потерница од Интерпол и затоа се насочивме кон надлежните институции: МВР и Министерството за правда.

Она што ни го потврдија и полициските службеници е дека е невозможно тоа да биде направено на регуларен начин, бидејќи во системот на МВР би била евидентирана секоја промена на идентитетот. Од таму, со официјален допис, вината ја префрлија во Министерството за правда, односно Управата за матична евиденција.

„Ве известуваме дека во Управата за водење на матичните книги, како орган во состав на Министерството за правда, се евидентираат податоци поврзани со фактите на раѓање, склучување брак и смрт на државјани на РМ, без разлика дали живеат или не на територијата на Македонија“, стои во официјалниот одговор на МВР.

Писмено се обративме до Министерството за правда, со прашање дали Аднан Садики на регуларен начин го има сменето својот идентитет, како и кој службеник го одобрил, но оттаму не добивме одговор и по еден месец чекање.

Според нашите извори во МВР, Садики (односно Алиу), во 2009 година, бил фатен во обид да ја премине македонската граница. Тој бил откриен бидејќи го имал истиот матичен број и број на пасош кој во моментот кога бил внесен во системот на граничниот премин покажал дека е баран од Интерпол со назнака “апси“.

Зошто тој не бил спроведен во полициска станица и потоа и во Истражниот затвор, како што налага процедурата, туку бил пуштен да си замине слободно никој нема никакво објаснување.

Внукот на Садики: „Чичко ми почина лани, џабе го барате“

Откако се испостави дека навистина се обидуваме да најдеме лице за кое и полицијата „крева раменици“, БИРН преку социјалните мрежи успеа да стапи во контакт со неговиот внук, кој го носеше неговото ново презиме – Алиу. Тој е роден во Скопје, каде живее и работи и веднаш се согласи на средба во еден од трговските центри во градот.

Кога се сретнавме со него и го прашавме каде се наоѓа неговиот чичко Аднан Садики, не Аријан Алиу, внукот веднаш, без никаква дилема ни рече:

„Ах, па чичко ми е починат, уште лани! Зошто ви треба?“.

Тој вели дека знаел оти бил во затвор во Данска и дека го сменил идентитетот, но тврдеше дека не знаел оти бил баран со потерница од Интерпол.

„Беше болен од рак и почина во јануари 2014 година. Знам дека имаше проблеми во Данска и дека го депортираа. Идентитетот го смени кога сакаше да замине пак за да си ги види децата. Тие во 2009 година немаа средено документи и не можеа да ја напуштат Данска. Немаа регулиран престој. Дали отиде таму не знам. Инаку ги имам сите документи и отпусна листа од болница и посмртница“, ни изјави внукот додавајќи дека навистина не знае „зошто неговиот чичко сè уште се води како жив во матичната евиденција“.

Според внукот, чие име нема да го објавиме на негово барање, Садики го сменил идентитетот само за да може да се врати во Данска и да ги посети синовите кои во тоа време имале нерегулиран статус и живееле “на црно“ во Копенхаген.

Тој ни објасни дека еден од неговите синови бил на погребот, откако во меѓувреме добил дозвола за легален престој. Ова ни го потврдија и новинари од Данска кои нè информираа дека тие сега ги имаат сите потребни документи и живеат и работат легално во Копенхаген.

Трето име на надгробниот споменик

Sadiki grob

Човекот што се бара преку Интерпол, пред две години бил закопан под трето име, а ова име не фигурира во системот на МВР | Фото: Огнен Чанчаревиќ

Доцна во ноќта , заедно со внукот на Аднан Садики алијас Ариан Алиу, возевме до гробиштата во населбата Ченто. Во темница го баравме гробот, додека внукот се обидуваше да се сети каде точно е закопан. „Одамна не сум бил“ ни рече.

Конечно, ни покажа надгробен споменик на кој ја пишуваше датата на раѓање со која започна и нашето истражување – 20 април 1966 година, но на него не пишуваше ниту едно од двете имиња на човекот кој го баравме .

Тој сега е закопан под трет идентитет – Атнан Алиу.

Според неговиот внук, Садики бил роден во Скопје, а не во Тетово како што стои во меѓународната потерница од Интерпол и во крим евиденцијата на МВР, каде ја минал младоста и заминал за Косово кога се оженил . Живеел во градот Гњилане каде се родиле неговите два сина, а тоа го потврдуваат и тие бидејќи на нивните страни на социјалната мрежа “ Фејсбук“, навеле дека се родени на Косово.

За адресата која ние ја имавме во населбата Ченто на која се води Аријан Алиу ни објасни дека е стара и дека не постои повеќе од дваесетина година, иако е впишана во 2009 година кога е сменет идентитетот, и додаде дека Аднан Садики навистина бил роден на таа адреса.

Збунети од многуте презимиња на неговиот чичко, тој ни кажа дека Алиу е презимето на нивното семејство од таткова страна. Аднан бил заведен во матичната книга на родени со презимето Садики што го носеле неговите вујковци, од мајчина страна.

„ Неговите вујковци од таа страна се презиваат Садики и Зејнулаху. Зошто бил заведен како Аднан Садики не знам да ви кажам. Инаку Алиу е нашето семејно презиме. И јас го носам тоа презиме. Затоа, кога одлучи да го смени идентитетот, тој го зеде презимето на семејството од таткова страна. Нашето семејство – Алиу, се грижеше за него сè до неговата смрт бидејќи не работеше ништо и немаше никакви приходи“, објасни неговиот внук.

Во евиденцијата починатиот не постои

Со овие податоци со кои располагавме, се упативме во МВР, каде што закажавме состанок со надлежните. Им ги презентиравме наодите до кои сме дошле и го пријавивме случајот.

Тие не известија дека лице со име Атнан Алиу, како што пишува на надгробниот споменик, воопшто не е евидентирано дека постои во Македонија, ниту како починато, ниту пак како живо. Лицето Аријан Алиу пак, во матичната евиденција на МВР, сè уште фигурира како да е живо.

Надлежните од МВР нè известија дека ќе почнат да постапуваат по случајот во најкраток можен рок и дека ќе бидеме известени за исходот од истрагата. Случајот официјално беше пријавен во МВР на 24 декември 2015 година, а досега немаме добиено одговор на нашите прашања ниту од полицијата ниту од министерството за правда.