Вести

Димишкова поднесе оставка од Македонската асоцијација на новинари (МАН)

Слаѓана Димишкова, претседателката на Македонската асоцијација на новинари (МАН) поднела оставка од функцијата, самата потврди за БИРН. Веб-страницата на МАН, паралелното здружение на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) кое беше реактивирано во 2012 година, сега пренасочува кон веб-страницата „Вечер“ со која раководи Ивона Талевска.

Од Димишкова побаравме изјава за тоа дали здружението се соочува со проблеми со оглед на тоа што веб-страницата пренасочува кон веб-порталот Вечер.мк и таму не може да се најде никаква информација за нивните активности, но таа кратко ни одговори дека „нема никакви информации зошто се случува тоа“.

„Поднесов оставка од МАН во октомври годинава до генералниот секретар, како што предвидува статутот. Промените сè уште не се заведени во Централниот регистар, бидејќи треба да се свика Собрание. Додека да се верифицира оставката, генералниот секретар раководи со здружението.“

Инаку, генерален секретар на МАН е новинарот Драган Павловиќ Латас. И веб-страницата на МАН, според Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ) е регистрирана на фирмата Тотал Медиа Центар ДООЕЛ, каде што сопственик е Павловиќ Латас.

БИРН веќе објави дека со проблеми се соочува и веб-страницата на „Вечер“, која се подели на два дела откако поранешната уредничка Ивона Талевска престана да работи во весникот. И Талевска и сопственикот на весникот „Вечер“ го патентирале логото, со таа разлика што уредничката на „Сител“ го патентирала заедно со слоганот „прв дознава“. Па така, сега постојат два веб-портали, едниот е Вечер.мк со кое раководи Талевска и кон кој се пренасочува веб-страницата на МАН, а вториот е Вечер.пресс, кој е всушност веб-портал на весникот „Вечер“.

Како што веќе пишуваше БИРН, голем број медиуми кои важеа за блиски до поранешните владејачки структури, по промената на власта почнуваат да се соочуваат со егзистенцијални проблеми, бркање медиумски работници од работа, затворање на медиумите или доцнење на платите. Токму и во тој период, се случува и хибернацијата на асоцијацијата која требаше да биде конкуренција на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).  

Преку хибернација до гласен поборник за Законот за медиуми

Во анализата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) детално се објаснува функционирањето на МАН последниве години, како опонент на Здружението на новинарите на Македонија (МАН).

Во екот на дебатата и отпорот за медиумските закони во 2013 година, дотогаш неактивната новинарска асоцијација – МАН регистрирана во 2002 по повеќе од децениско хибернирање повторно оживеа и гласно застана зад намерата на власта да воведе Закон за медиуми.

Во Извршниот одбор на МАН беше Дејан Николовски од веб-порталот Нетпрес, а во составот на здружението членуваа Талевска од Сител, Маја Дамјановска од Канал 5, Градимир Марковски од ТВ Нова, Катерина Нешкова од тогашниот весник Дневник, Мартин Пушевски од МРТВ и Филип Момировски од Сител. Потпретседатели беа Цветин Чилиманов (МИА) и Петар Ѕалев (МРТВ), а претседател беше Слаѓана Димишкова. Дел од овие луѓе никогаш не се вклучија во активностите на МАН. 

Oбновувањето на МАН се случи во период во кој беше планирано усвојување на првиот Закон за медиуми, во тоа време во надлежност на Министерството за транспорт и врски под раководство на Миле Јанакиески, кој беше кроен тајно и со евидентно незадоволство од страна на останатите медиумски организации.

Министерството за информатичко општество одржуваше консултации со оваа асоцијација и се бореше таа да има загарантирано столче во составот на новото регулаторно тело – Агенцијата за електронски медиуми и во Советот на МРТВ, како и на сите конференции и средби на кои се говореше за медиумската сфера, меѓу кои и на јавната расправа за законите во Собранието.

МАН кон крајот на 2013 година доби и финансиска помош од тогашниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој откако стана коалицонен партнер на ВМРО ДПМНЕ, одлучи да донира 500.000 денари или нешто над 8 илјади евра за набавка на ИТ-опрема за асоцијацијата.

Во меѓувреме, минатата година, медиумите блиски до тогашната власт формираа и свој синдикат на новинари, каде што дел од медиумските работници, како што сведочеа за БИРН, беа принудувани на членство и против нивната волја.

Од ССНМ тогаш реагираа дека „очигледно во тек е акција за формирање паралелна организација која, по теркот на Македонската асоцијација на новинари (МАН), треба да биде пандан на автентичната медиумска организација“.

Сепак, активноста на МАН запира некаде минатата година. По неколкуте објавени соопштенија и реакции за закани врз новинарите, асоцијацијата минатата година прекинува да се вклучува во активните дебати за реформи во медиумите, за подобрување на медиумската сцена и условите под кои работат новинарите. 

(Информираме дека по објавувањето на текстот на БИРН, МАН повторно ја врати старата веб-страница и таа веќе не редиректира кон веб-порталот „Вечер“)