Актуелно

Дипломатите бараат партиите да се држат до роковите

Дипломатите во земјава се максимално ангажирани за две цели предвидени со договорот за решавање на политичката криза кои ги сметаат за клучни: да се создаде терен за независна истрага на специјалниот обвинител и да се одржат фер и демократски избори.

Хан со посетата на Македонија отвора пат за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Скопје и Брисел

Хан со посетата на Македонија отвора пат за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Скопје и Брисел

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со посетата на Македонија отвора пат за продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Скопје и Брисел (ХЛАД) како своевидна награда затоа што партиите избраа специјален обвинител според рокот што беше предвиден со договорот од Пржино.

Високиот дијалог, иако формално не беше стопиран од страна на Брисел, се стави во мирување поради политичката криза во земјава. Одмрзнувањето на дијалогот се толкува како сигнал дека Брисел сака да покаже оти решавањето на кризата треба целосно да ја врати Македонија на европски колосек.

„Не треба да се ставаат сопки на процесот, затоа што тоа не е во интерес на европската перспектива на земјата“, нагласуваат за БИРН странски дипломати во земјава кои брифираат за очекувањата на меѓународниот фактор.

Дипломатите во земјава, како што објаснуваат истите извори, се максимално ангажирани за две цели предвидени со договорот за решавање на политичката криза кои ги сметаат за клучни: да се создаде терен за независна истрага на специјалниот обвинител и да се одржат фер и демократски избори.

Судство, избори, медиуми, МВР и прислушување, се областите на кои се посветени работните групи на партиите. По именувањето на Јанева за специјален обвинител, апелот на дел од амбасадорите е партиите деноноќно да се посветат на работа на другите обврски што се предвидени во договорот од Пржино за разрешување на политичката криза.

„Најзначајно е во наредниот период работните групи конструктивно да работат за да се исполнат роковите за именување на министрите и замениците (до 20 октомври), да се работи на изборните реформи, како и на реформите што се однесуваат на МРТВ и на Агенцијата за аудиовизуелни услуги. Партиите преку договорот од Пржино се обврзаа да избегнат какви било пречки и тоа треба да се почитува. На тоа не случајно повика и Питер Ванхауте“, вели за БИРН амбасадор на земја-членка на ЕУ кој инсистира на анонимност.

За да се помогне изборите да бидат фер и демократски, се најавува дека изборите во април ќе ги следат поголем број странски набљудувачи.

Работните групи на политичките партии продолжија со работа на изборните реформи, формирањето анкетна комисија во Собранието за прислушувањето, а наредната недела на дневен ред треба да се најдат медиумите.

Актуелната влада треба формално да ја поднесе својата оставка до парламентот за да ѝ овозможи на новата влада да стапи на функција на 15 јануари наредната година, односно 100 дена пред парламентарните избори што ќе се одржат на 24 април.