Вести

Директорот на МРТ шест години не поднел анкетен лист за имотната состојба

„Кога бев назначен, ми рекоа дека ниту еден директор не поднесувал анкетен лист, па не поднесовме ниту јас, ниту заменикот“, ни изјави Цветковски

Директорот на МРТ Марјан Цветковски веќе шеста години нема поднесено анкетен лист за својата имотна состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Иако за првпат беше избран во 2012 година, Цветковски не поднел анкетен лист, а Антикорупциската комисија досега не повела постапка против него, како што налага законот.

БИРН во текот на вчерашниот ден побара објаснување од Антикорупциската комисија зошто Марјан Цветковски воопшто го нема во регистарот на функционери, а оттаму потврдија дека Цветковски никогаш не поднел анкетен лист.

Директорот на МРТ Марјан Цветковски во телефонски разговор ни потврди дека навистина не поднел анкетен лист за имотот што го поседува, но дека тоа ќе го стори во текот на денешниот ден

Од ДКСК ја префрлуваат топката кон надлежниот орган што го избрал Цветковски за директор (во случајов, тоа е Програмскиот совет на МРТ), кој требало да го достави неговиот анкетен лист.

 „Ве известуваме дека согласно член 35-г од Законот за спречување на корупцијата раководните лица на институциите и органите кои вршат избори и именувања или од нив овластени лица се должни податоците за лицата од членот 33, со пополнување на образец да ги достават до Државната комисија без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на верификацијата на мандатот, изборот, односно именувањето, како и по престанокот на функцијата односно должноста на избраното односно именуваното лице. Оваа законска обврска не е исполнета од страна на надлежниот орган и поради тоа ДКСК немала податок за конкретното лице“, велат од Антикорупциската комисија.

Од Антикорупциската комисија потврдија дека ќе постапат согласно своите законски надлежности и ќе преземат соодветни дејства за лицето кое не ја исполнило законската обврска за доставување на анкетен лист за имотната состојба.

Директорот на МРТ Марјан Цветковски во телефонски разговор ни потврди дека навистина не поднел анкетен лист за имотот што го поседува, но дека тоа ќе го стори во текот на денешниот ден.

„Кога бев назначен, ми рекоа дека ниту еден директор не поднесувал анкетен лист, па не поднесовме ниту јас, ниту заменикот. Ќе го сторам тоа веднаш, впрочем немам ни што да кријам, мојот имот е ист, не е зголемен откако сум на функцијата“, изјави Цветковски за БИРН.

Цветковски вети дека откако ќе го поднесе анкетниот лист до Антикорупциската комисија, истиот ќе го достави и до редакцијата на БИРН, но до објавувањето на овој текст, тоа не се случи.

Законот за спречување на корупцијата предвидува дека секој избран и именуван функционер има обврска да поднесе анкетен лист за имотот што го поседува тој и членовите на семејството со кое живее во исто домаќинство 30 дена откако ќе стапи на функцијата и 30 дена откако ќе си замине од истата. До Антикорупциската комисија се доставува и секоја промена во имотот. За неподнесување анкетен лист, казните се прекршочни, а комисијата може да поведе постапка која понатаму ја води УЈП доколку кај одреден функционер најде несразмерно зголемување на имотот во однос на платата што ја зема.

Останува отворено прашањето според која методологија Државната комисија за спречување на корупцијата утврдува кој пријавил, а кој не пријавил имот, односно како е возможно да остане незабележано доколку првиот човек на јавниот сервис 6 години не поднесе извештај за имотот што го поседува.

Програмскиот совет на МРТ завчера го реизбра Цветковски за директор на МРТ, што предизвика остри реакции во јавноста.