Истражувањa

Државата доминантен муштерија на фирма-донатор на ДУИ

Компанијата ги добила најголемите тендери од Министерството за образование | Фото: БИРН

Тетовската компанија за продукција, маркетинг, дизајн, промет и услуги „Арбериа Десигн“ остварила вкупно 93 отсто од своите приходи во последниве пет години од договори со државни и со јавни институции, најчесто раководени од кадри на ДУИ. Фирмата, која е во бизнисот со учебници, печатење книги, канцелариски материјал, печатарски услуги, светлечки реклами и друго, е пријавена од ДУИ како донатор на партијата за 2015 година со 20 илјади евра, во извештај доставен до Државниот завод за ревизија.

Бизнисот со „Арбериа Десигн“ почнал одамна и таа досега има добиено 139 договори со јавните институции, од шесте тонери што му ги продала на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор за 197 евра, до договорот за откуп на учебници за основно и за средно образование вреден 2,67 милиони евра. Таа останува активен играч на пазарот со јавни набавки и по промената на власта. По 1 јуни минатата година, компанијата има добиено 17 тендери.

„Арбериа Десигн“ порано била регистрирана за производство на плочи, листови, цевки и пластични маси, од 2016 приоритетна дејност ѝ е печатењето, а од 2018 издавањето книги. Преориентирањето во бизнисот веднаш се исплатело. Во 2016 година, таа добила половина од тендерот за превод, обработка и печатење на 50 универзитетски учебници што се употребуваат на најдобрите 10 светски универзитети, заедно со „Арс Ламина“ од Скопје.

Станува збор за компанија со триесетина вработени, чиј сопственик е 55-годишниот Хамди Хамзаи, кој не ѝ е познат на пошироката јавност и нема други бизниси, освен овој. Поради презафатеност на сопственикот, од компанијата ни препорачаа да разговараме со уредникот на издавачката куќа, Дашмир Адеми, кој ја раководи скопската канцеларија на „Арбериа“. Адеми го почна разговорот со објаснување дека издавачкиот бизнис во Македонија е тежок, бидејќи тиражите се мали и затоа било речиси невозможно за една издавачка куќа да опстане без договори со државните и со јавните институции. Но, негира каква било поврзаност со ДУИ.

„Нашата компанија постои од 1995 година, а ДУИ од 2001“, вели за БИРН Адеми.

За пет години пораснала 33 пати

„Арбериа“ има канцеларија во Градски ѕид во Скопје, но без ознаки | Фото: БИРН

Каде што ќе видиме дека ни е исплатливо да учествуваме на тендер, се пријавуваме, продолжи уредникот Адеми.

„Не станува збор за некоја стратегија, туку за обична логика. Конкурираме на сите тендери каде што се бараат услугите што ги вршиме. Можам да ви кажам дека околу 80 отсто не ги добиваме“, вели тој.

Податоците за тендерите што ги добиле меѓу 2013 и 2017 година, пак, покажуваат дека „Арбериа Десигн“ заработила речиси 8,5 милиони евра од стоките и услугите што ги обезбедувала за државните и за јавните установи и уште околу 650 илјади евра од други извори. Над половина од оваа заработка или 4,9 милиони евра биле профит.

Од фирма што заработила околу 140 илјади евра во 2015 година, „Арбериа“ станала компанија со добивка од  над 1,1 милион евра во 2016, што е раст за 700 проценти. Следната година профитот расте на речиси 3,3 милиони евра

Приходите и добивките на „Арбериа Десигн“ драстично пораснале во 2016 и во 2017 година. Вкупната заработка ѝ се зголемила од нешто над половина милион евра во 2015, на речиси два и пол милиони евра во 2016, а веќе следната година овој приход речиси се удвоил на над четири и пол милиони евра. Ова се совпаѓа со датумите кога оваа фирма ги потпишала единствените три милионски договори со државата, сите со Министерството за образование и наука, за откуп на учебници за основно и за средно образование.

Првиот договор е потпишан кога со МОН раководеше Абдилаќим Адеми, вториот и најголем е од времето на Пиштар Љутфиу, а фирмата била избрана за истата набавка и минатата година, со Рената Десковска на чело на Министерството.

Растот на профитот, пак, е уште подраматичен. Од фирма што заработила околу 140 илјади евра во 2015 година, таа станала компанија со добивка од  над 1,1 милион евра во 2016, што е раст за 700 проценти. Следната година профитот расте на речиси 3,3 милиони евра.

Кратко време претходно, во 2013 година, „Арбериа Десигн“ била фирма со заработка од нешто под 100 илјади евра. Тоа значи дека за пет години, со помош на добиените договори со јавните институции, профитот на компанијата се зголемил за 33 пати. На тоа Адеми има краток коментар.

„Целта на секоја компанија е да расте, нели“, вели тој.

ДУИ како најредовни муштерии

„Македонска пошта“ е редовен дел од колачот на ДУИ и редовен муштерија на „Арбериа“ | Фото: БИРН

Убедливо најголем корисник на услугите на „Арбериа Десигн“ било Министерството за образование и наука, кога е под раководство на министрите Адеми и Љутфиу. Само со ова Министерство, во времето кога било раководено од ДУИ, таа заработила над пет милиони евра, и тоа во годините откако донирала 20 илјади евра на партиската сметка и станала најголем поединечен донатор на интегративците за 2015 година.

Но, од архивата на јавните набавки може да се види дека убедливо најголемиот број договори што ги има склучено оваа компанија се, исто така, со институции раководени од кадрите на ДУИ. Меѓу нејзините најредовни муштерии биле ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, Општина Тетово, Општина Гостивар, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, Министерството за правда, „Македонска пошта“, како и Државниот универзитет во Тетово, на чие чело е ректорот Вулнет Амети, поранешен пратеник од ДУИ.

Со тоа, околу две третини од вкупните приходи на „Арбериа Десигн“ дошле од институции раководени од интегративците.

Во дел од овие институции, за одреден тип набавки (канцелариски материјал, знамиња, брендирање возила и друго) била најмувана само „Арбериа Десигн“. Во последно време, дел од бизнисите ѝ ги презема друга тетовска фирма „Медиа гроуп“, регистрирана на истата адреса.

„Не е точно дека сме добивале тендери само од институции раководени од ДУИ. Сме имале договори и со други органи. Работиме и со други субјекти, на пример невладини организации и компании“, одговара Адеми.

Во врска со донацијата на фирмата за ДУИ, пак, неговиот одговор беше дека тоа е право на сопственикот и дека тој не е обврзан да ги објаснува мотивите. Немаше информација дали станувало збор за парична донација или за услуги што фирмата ги извршила за партијата.

„Ако нема ништо спорно со донацијата, тогаш сѐ е регуларно“, рече Адеми.

Во 2015 година, таа била најголемиот поединечен донатор на ДУИ, а ниту претходно, ниту потоа не се појавува во извештаите за донациите на партијата.