Анализи

Државен удар или фикција?

Постапката за наводниот државен удар секако ќе биде предмет на поширока домашна и меѓународна опсервација, како од аспект на работата на правосудните органи, така и од аспект на човековите права и пресумпцијата на невиност, со оглед на медиумската експонираност и објавување детали од страна на провладините медиуми.

Во викендот што измина претседателот на Владата ѝ се обрати на нацијата со информација дека е спречен обид
за државен удар, во кој лидерот на опозицијата се сомничи дека наводно го подготвувал во соработка со поранешен висок функционер во контра-разузнавачките служби.

Поднесени се кривични пријави за обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, односно суспендирање на волјата на граѓаните. Според информациите објавени од Министерството за внатрешни работи, од прибавените докази во рамки на oперативната обработка „Пуч“ осумничените лица, преку употреба на незаконски средства на следење и шпионирање со упатување сериозни закани кон високи државни функционери, сакале да извршат преврат и да изнудат разни услуги.

Со обраќањето најавен е и судски процес кој „ќе се води транспарентно“, а граѓаните се повикани да не веруваат во ништо што ќе го објави опозицијата, затоа што тоа би биле монтирани невистини за кои ќе може да одлучува само „независното“ судство.

Според пошироката дефиниција, државен удар или „пуч“ претставува ненадејна промена на власта во некоја земја и тоа со противуставни средства. Тој може да биде мирен или насилен, а најчесто го спроведуваат армиите или некој висок државен функционер. Типични примери на државен удар се оние на генералот Франко во Шпанија, генералот Батиста во Куба, полковникот Гадафи во Либија, генералот Пиноче во Чиле, генералот Мушарафа во Пакистан.

Зошто случајот „Пуч“ е нетипичен?

Овој случај наречен „Пуч“ е нетипичен по тоа што во него според досега објавените информации не се вклучени актуелни високи државни функционери или старешини во армијата. Друго нетипично е тоа што, според изјавите, податоците со кои се подготвувало наводното загрозување на државниот поредок потекнувале од странски служби.

Според дефинициите на овие казнени одредби во Кривичниот законик, постојат повеќе дела на шпионажа, од кои класичното е создавање разузнавачка служба и работа за странска разузнавачка служба или агентура. Во овој случај МВР објави дека станува збор за класичниот облик на шпионажа, односно за создавање разузнавачка служба, за што се товари поранешниот контра-разузнавач и дипломат, а сега професор. Од објавената информација може да се прочита дека се собирани информации со намера да се соопштат и предадат на странска држава, организација или лице што им служи, но не е кажано дали постоел каков било контакт со странски служби, како што се тврди во изјавите.

Уште помаку може да се види дали четврто осумничениот (лидер на опозицијата), кој се сомничи како сторител на обид за кривично дело „Насилство спрема претставниците на највисоки државни органи“,според член 311 од КЗМ, контактирал со странски служби. Наводни помагачи во извршувањето на дејствијата за ова кривично дело се и контра-разузнавачот, неговата сопруга и еден функционер во локална власт. Против последните тројца веќе е одредена и мерка притвор, што не е случај и со лидерот на опозицијата кој се сомничи како носител на второто наведено кривично дело кое го сторил во обид.

По своето објективно битие, ова дело е идентично со кривичното дело присилба, за што е потребно да биде употребена сила или сериозна закана за да се присили друг да стори или да не стори или да трпи нешто, а покрај умислата, субјективната страна на делото ја карактеризира посебна намера за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на државата.

Во овој конкретен случај и во врска со кривичното дело „Насилство“ постои правна ситуација поврзана со казнивоста на обидот за ова конкретно кривично дело, а со тоа и за казнивоста на помагањето на делото кое останало во обид. Имено, законодавецот предвидел дека обидот се казнува како довршено кривично дело кај сите потешки дела за кои е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна, како и за другите кривични дела за кои законот пропишува казнување за обид. Во оваа ситуација тоа не е случај, односно казнувањето за обид на ова конкретно кривично дело не е пропишано.

Со самото тоа, доколку не може да биде казнет носителот на кривичното дело, за кого не е определен притвор, може да се проблематизира и казнивоста на делото, а и притворот кој е определен за помагачите на делото за кое се смета дека е сторено во обид, што во случајов не е казнив.

Целиот случај започна со апсење на контра-разузнавачот за наводно нелегално поседување оружје, за кое веќе се утврди дека го добил како награда за време на службата. Обвинителството, кое проверките за оружјето ги наведе како причина за определениот притвор, сѐ уште не дало никаква изјава во однос на случаите шпионажа и насилство, но и во врска со основаноста на притворот за сите осомничени лица.

Сомнеж за објективноста на обвинителството

Во меѓувреме, медиумите блиски до власта објавија снимка од разговор помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата кој се одвивал во кабинетот на Владата. По повикувањата да го искаже својот став во однос на оваа снимка, Јавното обвинителство се огласи со став дека објавувањето на какви било снимки кои можат да бидат дел од некаква евентуална и идна судска постапка е казниво и не е дозволено. Со ништо не кажа дали таа конкретна снимка е снимена законски, кој ја снимил и за каква потреба.

Ова уште еднаш фрла голем сомнеж врз објективноста, непристрасноста и законитоста на работењето на Јавното обвинителство, за кое од поодамна владее мислење дека станува дел од проблемот на загрозувањето на владеењето на правото, наместо негов заштитник.

Објавената снимка исто така фрла голем сомнеж и во начинот на работење на Владата, односно го отвора прашањето дали и колку други разговори во премиерскиот кабинет се снимани, од кого и со каква цел? Како провладините медиуми ги добиле овие снимки за да можат да ги објават и дали за ова ќе се преземе некаква активност од страна на правосудните органи кои се под контрола на власта.

Лидерот на опозицијата во своите изјави е категоричен дека ова нема да го спречи објавувањето на информациите за корупција со кои располага. Останува да се види колку од медиумите ќе бидат подготвени да објавуваат вакви информации по повикот на премиерот и на јавниот обвинител да не се објавуваат какви било информации за кои може да се води постапка и кои можеби нема да се целосно точни.

Постапката за наводниот државен удар секако ќе биде предмет на поширока домашна и меѓународна опсервација, како од аспект на работата на правосудните органи, така и од аспект на човековите права и пресумпцијата на невиност, со оглед на медиумската експонираност и објавување детали од страна на провладините медиуми.

Во врска со најавата за попречен државен удар веќе се огласија повеќе држави и Европската комисија, од што се доби впечаток дека меѓународната заедница повторно го подигна степенот на интерес за случувањата во Република Македонија. Овој впечаток веднаш беше негиран со откажувањето на веќе најавените посети на високи функционери од Европската комисија, кои своето доаѓање и евентуалните разговори за отпочнување на преговорите на високо ниво го одложија до решавањето на политичката криза.

Дали можеби покрај спречување на објавувањето на најавените компромитирачки материјали и ова беше една од целите на објавувањето на овој фиктивен државен удар? Планот Европа да се држи подалеку од Македонија засега многу добро се спроведува, во интерес на политиката, а на штета на граѓаните.