Регион

Двајца поранешни српски парамилитарци осудени за убиство на Хрвати

Свен Милекиќ, Загреб

Окружниот суд во Загреб. Фото: Викимедиа комонс/Сурадник 13.

Окружниот суд во Загреб ги осуди Душан Жарковиќ и Богдан Једнак, поранешни припадници на паравоена група од самопрогласената Република Српска Краина, на по 15 години затвор.

Тие беа осудени во отсуство, бидејќи не живеат повеќе во Хрватска, а беа прогласени за виновни за вмешаност во убиство на селани од хрватска националност во Јошевица, во декември 1991 година.

Како што е наведено, тие, заедно со други непознати сторители, оделе од куќа до куќа, и со пиштол со придушувач убивале жители на селото, додека тие спиеле.

Од 21 убиена жртва, една била малолетна, а една 70-годишна жена успеала да преживее и покрај тоа што ѝ било пукано во устата, раката и рамото.

При читањето на пресудата, претседавот на судскиот совет, Томислав Јуриша, истакна дека ова е „едно од најсериозните злосторства“ извршени за време на војната.

Јуриша истакна дека ова злосторство е „внимателно испланирано“ од страна на воените, политичките и разузнавачките структури на Република Српска Краина и дека сторителите за оваа акција биле внимателно одбрани.

Според судот, полицијата на Република Српска Краина, се обидела да го истражи злосторството, но била спречена од политичкото и разузнавачкото раководството на територијата на бунтовниците.

Судот утврди дека мотивот бил заплашување на припадниците на хрватската заедница, кои останале во Бановина во Краина.

Во овој предмет, во отсуство, заедно со Жарковиќ и Једнак, им се судеше на уште тројца други парамилитарци – Џорџ Нашид Камал, Мирослав Малобабиќ и Дејан Сладовиќ – кои судот во Загреб ги ослободи од вината.

Судот утврди дека немало суштински докази оти тие учествувале во злосторството.

Осудените имаат право на жалба на оваа пресуда.