Регион

ЕФН бара истрага за смртта на новинарите во Косово

Филип Рудиќ, Белград

Новинари поставуваат спомен-плоча на двајца свои колеги, Срби, кои беа киднапирани во Косово. Фото: Милан Радоњиќ

ЕФН ја усвои резолуцијата што заедно ја предложија здруженијата на новинари од Србија и од Косово, со која побара истрага за убиствата и киднапирањето на 14 новинари, во периодот од 1998 до 2005 година.

Во резолуцијата, донесена на годишното собрание на ЕФН во Лисабон, се вели дека злосторствата над новинарите и медиумските работници треба да бидат во надлежност на Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, кои што ќе подигнат обвиненија за воените и повоените злосторства.

Исто така, се наведува дека обвинителите на Србија и на Косово треба да соработуваат во решавањето на овие случаи.

Од Приштина, со резолуцијата е побарано формирање на комисија во која членови ќе бидат новинари, која што ќе ги истражи убиствата и киднапирањата на медиумските професионалци, од 1998 до 2005 година.

Во Србија, веќе има таква слична комисија, чија задача е да врши притисок врз власта, да ги реши убиствата на новинарите, како што е, на пример, убиството на поранешниот новинар, Славко Ќурувија, извршено во 1999 година.

ЕФН ја повика Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) и Обединетите нации, да ги спроведат препораките на Комисијата за човекови права на ООН, за решавање на овие случаи и да ги компензираат семејствата.

Резолуцијата, која беше усвоена едногласно, беше предложена од Здружението на професионални новинари на Косово, Независното здружение на новинари на Србија, Здружението на новинари на Србија и од Синдикатот на новинари на Србија.

ОБСЕ неодамна повторно им даде поддршка на обновените напори за откривање на вистината во врска со киднапирањето, убиствата и исчезнувањето на српските и на албанските новинари, во војната во 1999 година.

Амбасадорот на ОБСЕ во Косово, Јан Брату, на медиумите им изјави оти досега ОБСЕ идентификувало 15 случаи на исчезнати и убиени новинари во Косово, од кои половина се Срби, а половина Албанци.