Регион

Ексхумирани останки на седум жртви од српска националност

Посмртните останки на седум лица, за кои се верува дека биле убиени за време на војната во Босна и Херцеговина, во 1995 година, се пронајдени при ексхумација во селото Возуќа, во близина на Завидовиќи.

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Фотографија од претходна ексхумација во Зворник. Фото: БИРН

Како што соопшти во понеделникот Обвинителството на БиХ, се претпоставува дека останките ексхумирани на локалитетот Возуќа, кај Завидовиќи, им припаѓаат на жртви од српска националност, убиени на ова место во 1995 година.

„Беа пронајдени три комплетни, три нецелосни тела и една бедрена коска“, вели Лејла Ченгиќ, портпарол на Институтот за исчезнати лица на БиХ.

„Посмртните останки ќе бидат префрлени во Бања Лука, каде што ќе бидат анализирани во одделот за судска медицина и ќе бидат идентификувани со ДНК анализа“, објасни Ченгиќ.

Како што додаде, ексхумацијата ќе продолжи и во вторник, ако временските услови го дозволат тоа, бидејќи се претпоставува дека на ова место се закопани и други жртви.

Откривањето на посмртните останки значително ќе придонесе за гонење на случаите на воени злосторства извршени во областа Возуќа, соопшти Обвинителството.

Институтот за исчезнати лица, исто така, информира дека продолжуваат и ископувањата во рудникот „Сасе“, кај Сребреница.

Оваа масовна гробница содржи околу 20 бошњачки жртви на војната, закопани пет метри под површината, додадоа од Институтот.