Регион

Фашистичкиот поздрав „За дом спремни“ е неуставен, но може да се користи

Користењето на овој поздрав во Хрватска, во текот на изминатите неколку години, беше предмет на постојани контроверзии 

Свен Милекиќ БИРН Загреб

Хрватскиот совет за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, објави дека хрватската Влада треба да дозволи употреба на фашистичкиот поздрав од Втората светска војна, „За дом спремнии”, нешто што досега предизвикуваше континуирани котроверзии, само „во исклучителни ситуации” и под строги услови.

Хрватскиот совет за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, ги презентираше денеска заклучоците кои ќе служат како препораки за подготовка на законски амандмани, врз основа на кои, во исклучителни околности, ќе биде овозможено користење на поздравот „За дом спремни”.

Хрватската Влада го формираше ова тело во март 2017 година, со цел да се одговори на прашањето за справување со трајното наследство на профашистичкото усташко движење и марионетската Независна Држава Хрватска (НДХ), но и на социјалистичка Југославија, предводена од Сојузот на комунисти.

Формирано како советодавно тело, составено од историчари, правни експерти, политиколози и од првите луѓе на истакнати културни институции, Советот имаше за задача да даде препораки за можни измени на законот, да утврди на кој начин ќе се одбележуваат настаните од овие режими, но и како да ѝ се пријде на оваа тема, кога станува збор за образовнието.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, прв пат го спомна формирање на телото во декември 2016 година, кога дојде до спор поради поставувањето на спомен-плочата на која беше изгравиран поздравот „За дом спремни“ во Јасеновац, во близина на најголемиот усташки концентрационен логор, во кој меѓу 1941 и 1945 година, настрадаа повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.

Користењето на овој поздрав во Хрватска, во текот на изминатите неколку години, беше предмет на постојани контроверзии. Како што наведе Пленковиќ, тој се наоѓа и на официјалниот грб на Хрватските одбранбени сили (ХОС), паравоена единица од 90-тите години.

По состанокот на ова тело одржан во среда, Пленковиќ, заедно со претседателот на Советот, Звонко Кусиќ, кој воедно е и претседател на Хрватската академија на науките и уметностите, одржа прес-конференција.

„Со оглед на тоа дека прашањето за работата на овој Совет беше поврзано и со конкретниот случај со плочата на ХОС, која беше поставена во Јасеновац, јасно е … дека поздравот што е на таа плоча … не е во согласност со Уставот на Република Хрватска, и тука нема никакви дилеми. Но, (Советот), исто така, го уважи фактот дека во строго законски пропишани услови, може да се користи како исклучок, со претходно добиена специјална дозвола“, рече Пленковиќ.

Тој ги отфрли сугестиите на новинарите дека Владата не го осудува наследството на усташкиот режим, додавајќи дека употребата на поздравот, врзано за ХОС, има „сосема поинаков контекст”.

„’За дом спремни’ на грбот на ХОС, исклучително може да се користи само во врска со оние ситуации, места или гробишта, каде што биле убиени припадници на ХОС. Оваа дозвола не го менува ставот дека овој слоган е противуставен“, рече Кусиќ.

По коментарите што Пленковиќ ги даде во март 2017 година, дека појдовната точка за формирање на Советот е „јасна дистанца од секој тоталитаризам”, медиумите почнаа да шпекулираат за тоа, дали ќе се предложи забрана само за поздравот „За дом спремни”, или и за црвената петокрака, која беше партизански симбол и симбол на Југословенската народна армија.

Сепак, Европскиот суд за човекови права, во 2008 година, донесе одлука во корист на унгарскиот политичар Атила Вајнаи, кој во 2003 година беше уапсен и осуден на условна казна затвор од една година, бидејќи на облеката носеше црвена ѕвезда. Тој изјави дека забраната го крши неговото право на слобода на изразување.

Судот утврди дека црвената ѕвезда и денес е симбол на меѓународното работничко движење и на борбата за поправедно општество, како и легитимен симбол на левицата, кој го користат некои политички партии во Европа.

Кусиќ во средата изјави дека црвената ѕвезда и другите симболи на комунизмот, имаат и позитивни, и негативни конотации, и дека конекцијата со антифашистичката борба „е неспорна”, но дека законодавците можат да одлучат, дали одредени комунистички симболи, поттикнуваат насилство или омраза.