Истражувањa

Фирма од Белизе дел од конзорциумот што ќе произведува струја

Анонимен бизнисмен со сметка во Белизе преку партнерство со Македонци во наредните две децении ќе биде дел од доходовниот бизнис со струја во државава

f

Газда на скопската компанија „Макивент“ е „Кармак лимитед“ од Белизе

Во време кога Тетово и Скопје често се најзагадени градови во Европа, Македонија забрзано се подготвува за европската норма која предвидува петина од струјата што ја трошиме да потекнува од обновливи извори на енергија.

Така би се намалило загадувањето кое во голема мера е предизвикано од производството на струја од јаглен кое е доминантно во државава.

Проценките се дека со секој киловат час струја производен од малите хидроцентрали ќе се заштедат 1,5 килограми јаглен или четврт килограм мазут.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ уште во 2006 го најави проектот 400 мали хидроцентрали кој би требало да обезбеди еколошка струја и вносен бизнис за оние што ќе инвестираат.

Досега имаше пет тендери за локации на кои се доделија 66 концесии и во изградбата на мали хидроцентрали инвестирано е околу 110 милиони евра во неколку општини.

Анонимен балкански бизнисмен со сметка во Белизе

Пред три години јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка на тендер го избра конзорциумот „Хидро Oсогово“ за да изгради четири хидроцентрали на цевководите Калин камин и Станечка река кои носат вода до филтер-станиците во Крива Паланка.

Општината преку „Комуналец“ склучи договор за јавно-приватно партнерство со „Хидро Осогово“ за изградба на мали хидроцентрали, кои се градат и се очекува наскоро да проработат.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски најави дека Крива Паланка на овој начин годишно ќе инкасира од 50.000 до 60.000 евра, без да вложи ниту денар. Општината го обезбедила партнерството со тоа што го дала своето право на користење на водата.

„Хидро Осогово“ е наменски создадена компанија за изградбата и за менаџирањето на малите хидроцентрали во Крива Паланка и таа е сочинета од три фирми:

„Феро инвест“ на познатиот бизнисмен во струјниот сектор Кочо Анѓушев, фирмата на неговиот кум Митко Кржоски и уште една компанија од Скопје, „Макинвент“.

„Макинвент“ е фирма обвиена со мистерија

Малите хидроцентрали се сигурен бизнис за две децении

Малите хидроцентрали се сигурен бизнис за две децении

Газда на компанијата „Макивент“ е „Кармак лимитед“ од Белизе, која е лоцирана на истата адреса од каде што доаѓаат и останатите инвеститори од оваа офшор-држава и кои се поврзуваат со дел од домашниот политички и бизнис естаблишмент.

Линкови со Белизе има неделникот и порталот „Република“, скопската фирма на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, додека опозицијата тврдеше дека премиерот Никола Груевски купил огромен плац на скопско Водно преку сметка од Белизе.

„Сопственик на фирмата од Белизе е бизнисмен од соседството, мој пријател, меѓутоа не можам да ви кажам кој е. Тој нема никаква врска со сите оние што во Македонија се поврзуваат со офшор-капиталот од Белизе“, тврди Кочо Анѓушев кој е еден од тројцата сопственици на „Хидро Осогово“.

Кој е мистериозниот бизнисмен не открива ниту вториот партнер во „Хидро Осогово“, Митко Кржоски. Сопственикот не го знае ниту човекот што управува со капиталот од Белизе, скопјанецот Игор Секуловски, директор на „Макинвент“.

„Не знам кој е газдата, иако мислам дека не е еден човек туку цела корпорација. Анѓушев ме замоли да бидам директор, бидејќи сум електроинженер. Не работам таму за плата, фирмата не е активна, освен во проектот со малите хидроцентрали“, вели Секуловски за БИРН.

Бизнисмените ги селат фирмите на Белизе од две причини. Затоа што државата не открива кои се газдите на компаниите и затоа што таму не се плаќа персонален данок. Во Македонија парите од бизнисот се даночат со 22 отсто, додека во Белизе само со 10 проценти.

Сигурен бизнис во наредните 20 години

Малите хидроцентрали се сигурен бизнис за две децении

Малите хидроцентрали се сигурен бизнис за две децении

Во малите хидроцентрали во Крива Паланка тројцата партнери, двајцата Македонци и балканскиот анонимус со сметка во Белизе, инвестирале по 150.00 евра и плус зеле кредит од 1.800.000 евра.

Според Анѓушев, не станува збор за лукративен бизнис, бидејќи како што вели „инвестицијата ќе почне да се исплаќа дури во втората деценија“.

Сепак, станува збор за сигурен бизнис, затоа што струјата од малите хидроцентрали во наредните 20 години ќе ја откупува државната МЕПСО. Проценките се дека во тој период „Хидро Осогово“ годишно би требало да инкасира 300.000 евра.