Регион

Фотографии кои ги овековечиле клучните моменти од распадот на Југославија

Изложбата, насловена како „Лекции од ’91“, ги документира клучните моменти од распадот на Југославија и го иницира прашањето за употребата на фотографиите како пропаганден материјал за време на војната

Cincopa WordPress plugin

Човек мавта со пиштол од прозорецот на автомобил од марката Југо, прославувајќи ги резултатите од гласањето за независноста на Хрватска во 1991 година; младa девојка, Бошњачка, заглавена зад бодликава жица некаде на првата линија на фронтот; српски бегалци плачат додека бегаат од Хрватска на трактор во 1995 година. Ова се само некои од впечатливите фотографии кои ќе бидат поставени на изложбата, која се отвора во вторник во Музејот на историјата на Југославија.

На изложбата, која ќе трае до 26 март, ќе бидат презентирани фотографии кои главно ги направиле балкански фотографи, во клучни моменти на кризата од 1991 до 1999 година, во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во Србија.

Изложбата носи наслов „Лекции од ’91“, бидејќи таа година, според кустосот на изложбата, Сандра Витаљиќ, бил „почеток на крајот“.

Витаљиќ, хрватски уметник, вели дека идејата за изложбата ја добила додека за својот докторат ја истражувала улогата што фоторепортерите ја имале за време на конфликтот во 90-тите години и како нивните фотографии биле користени за ширење на пропаганда и за формирање на јавно мислење, со цел да се добие поддршка за војните.

Иако фотографите можеби немале намера да дејствуваат како пропагандисти, тие можеле да фотографираат само од едната страна, а медиумите во секоја земја ги користеле нивните фотографии во согласност со својата политичка агенда.

„Многу е важно публиката да ги види фотографиите од различни делови (на поранешна Југославија) собрани на едно место, делови кои биле во војната, со цел да се избегне стапицата на етничките наративи и да се отвори простор за различни култури на сеќавањето, оние инклузивните, што не исклучуваат ниту етна етничка култура, кои не се ексклузивни или моноетнички“, објаснува Витаљиќ.

Истакнува дека се надева оти општествата во земјите од поранешна Југославија доволно „пораснале“ и дека денес луѓето можат да прифатат различни гледишта.

Досега, изложбата е прикажана во Загреб, Хрватска, и во Марибор, Словенија, каде привлече голем број на посетители.

„Ова ни покажува дека публиката сака повторно да помине низ воените теми. Дека сака да ги види фактите независно од националното ниво на политиката, на еден поинаков начин“, вели Витаљиќ.

Изложбата „Лекции од ’91“ ќе биде отворена до 26 март во Музејот на историјата на Југославија, кој се наоѓа во улица „Ботиќева“ број 6 во Белград.