Регион

Генерал на ВРС виновен за криење на Ратко Младиќ

Апелацискиот суд во Белград го прогласи пензионираниот генерал на Војската на Република Српска (ВРС), Марко Лугоња, за виновен, бидејќи во 2002 година, во својот стан, го криел тогашниот хашки бегалец, Ратко Младиќ.

Денис Џидиќ, Сараево

Ратко Младиќ во судница

Апелацискиот суд во Белград, го прогласи Марко Лугоња, пензиониран генерал на ВРС, за виновен за криење на поранешниот генерал на ВРС и хашки бегалец, Ратко Младиќ, и го осуди на условна казна во траење од шест месеци.

Судот утврди дека Лугоња, во септември 2002 година, го криел Младиќ во својот стан во Белград.

Во тоа време, Младиќ, кој во војната во деведесетите години беше командант на ВРС, се криеше, во обид да ја избегне екстрадицијата во Хаг.

Ратко Младиќ е обвинет за геноцид во Сребреница и во уште седум други општини во Босна и Херцеговина во 1992 година, како и за прогон на Бошњаците и Хрватите, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Лугоња, како што е наведено во пресудата, на Младиќ му обезбедувал храна и други работи потребни за живот, иако знаел дека против поранешниот командант на Главниот штаб на ВРС е покренато обвинение од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и дека по него е распишана потерница.

„Судот утврди дека Лугоња сторил кривично дело, помош на извршител по извршено кривично дело, а и самиот обвинет го призна извршувањето на кривичното дело, дека Младиќ го примил во својот стан по наговор на генерал Здравко Толимир, дека Младиќ во неговиот стан се задржал пет до шест дена, дека одлуката да го прифати Младиќ во својот стан била негов избор, иако му бил познат фактот дека пред МКТЈ е подигнато обвинение против Младиќ и дека по него е распишана потерница. На Младиќ му помогнал, оти тој бил негов командант“, стои во образложението на пресудата.

Хашкиот трибунал, во 2015 година, го осуди Толимир на доживотен затвор, но тој во меѓувреме почина.

Лугоња нема да ја издржува условната казна од шест месеци, доколку во наредната година не стори исто или слично кривично дело.

Со истата пресуда и за истото дело, беа ослободени Станко Ристиќ, Лилјана Васковиќ, Борислав Ивановиќ, Предраг Ристиќ, Саша Бадњар, Ратко Вучетиќ, Татјана Јањушевиќ-Васковиќ, Бојан Васковиќ и Благоје Говедарица.

Апелацискиот суд утврди дека Јавното обвинителство на Србија не докажало дека тие, во различни временски периоди од 2002 до 2006, му помагале на Ратко Младиќ во криењето, иако знаеле дека Хашкиот трибунал има потерница по него, како и налог за екстрадиција заради подигнатото обвинение.

Со првостепената пресуда изречена во мај минатата година, Основниот суд во Белград ги отфрли обвиненијата против 11-мината обвинети, бидејќи, како што беше образложено, настапила застара.

Апелацискиот суд утврди дека, сепак, во овој случај „не настапила застара“, но дека во текот на постапката, јавниот обвинител не понудил доволно јасни и убедливи докази, со кои би го поткрепил своето обвинение“.

На оваа пресуда постои можност за жалба до Врховниот суд на Република Србија.

Младиќ беше уапсен во 2011 година, по повеќе од една деценија помината во бегство. Во ноември оваа година се очекува да му биде изречена првостепената пресуда.

Објавено и на Балканска транзициска правда