Актуелно

ГРЕКО: Слаб напредок во спречувањето на корупцијата

Државава не имплементирала препораки што се однесуваат на обвинителите и на судиите | Фото: БИРН

Македонија не напреднала значајно во спречувањето на корупцијата меѓу пратениците, судиите и меѓу обвинителите со тоа што целосно не ги имплементирала препораките на ГРЕКО, констатира вториот извештај за усогласеност на оваа организација посветен на нашата земја.

Препораките на ГРЕКО се стари веќе четири и пол години.

Групата на држави против корупција или ГРЕКО е антикорупциско тело на Советот на Европа коешто е лоцирано во Стразбур, Франција и во него членуваат 48 држави од Европа плус САД.

Очигледно разочарувачки се перформансите на државава по однос на препораките, се вели во извештајот на ГРЕКО и групата ги повикува властите да бидат поодлучни.

Само шест од 19 препораки биле имплементирани на задоволително ниво, а од останатите препораки, осум биле парцијално, додека пет не биле имплементирани.

Во однос на пратениците ниту една од препораките не е имплементирана целосно, со исклучок на тоа што Собранието изготви Кодекс на однесување за пратениците, кој сега повторно се актуелизираше откако тој процес заглави кон крајот на 2016 година.

Според ГРЕКО целосно неиплементирана е препораката Собранието да ги развие внатрешните механизми и упатства за спречување на судир на интереси и за прифаќање на подароци, гостопримство и други бенефиции.

Групата на држави против корупција забележува дека не се воведени ни правила за тоа како членовите на Парламентот ќе комуницираат со лобисти и со други трети страни коишто сакаат да влијаат врз законодавниот процес.

Што се однесува до судиите и до обвинителите, во извештајот се наведува дека земјата направила одреден ограничен напредок, посочувајќи на усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет во декември 2017 и во мај 2018 година.

Нема значителен подобрување на системот за спречување корупција кај пратениците, судиите и обвинителите во последниве 4 години, се вели во извештајот на ГРЕКО

Ова антикорупциско тело и понатаму инсистира да се смени Уставот во делот каде што се овозможува членството на министерот за правда во Судскиот совет по службена должност, за да се зајакне независноста на судството од несоодветно политичко влијание, и покрај тоа што во пракса оваа препорака на некој начин е имплементирана, бидејќи министрите за правда на последните две влади не учествувале во работата на Судскиот совет.

Неисполнета препорака државава има и во делот кај обвинителите.

Станува збор за препораката да се ревидираат дисциплинските мерки за обвинителите на тој начин што прекршоците ќе бидат јасно дефинирани, од една страна и да се осигура оти разрешувањето на обвинителите е можно само во случај на сериозно недолично и незаконско однесување, од друга страна.

Кога станува збор за системот на декларирање на имот и на интереси кај функционерите, групата на Советот на Европа жали што не се случил значаен напредок за да се зајакне контролната функција и да се поддржи балансиран и политички слободен пристап на Државната комисија за спречување за корупција (ДКСК).

ГРЕКО вели Антикорупциската комисија не покажала голема проактивност и дека тоа се гледа од содржината на извештајот на ДКСК за 2016 година.

Групата на држави против корупција смета дека информациите во извештајот честопати се премногу општи или ирелевантни, бидејќи комисијата како свои „случаи“ ги третира и барањата за мислење.

Исто така, ГРЕКО смета дека во изминатиов период малку е направено во однос на потребата Антикорупциска комисија да демонстрира непристрасен пристап во работата.

Понатаму, во извештајот стои дека ДКСК неодамна беше вмешана во сериозни контроверзии, што резултирале со мнозинство од нејзините членови да поднесат оставка поради наводите за лошо управување со средствата.

ГРЕКО заклучува дека сегашното ниско ниво на усогласеност со препораките е “глобално незадоволително” и бара од шефот на македонската делегација да изготви извештај за напредокот на земјата за спроведувањето на препораките колку што е можно побрзо, но најдоцна до 30 јуни 2019 година.